Во ,,Службен весник на Република С. Македонија’’ бр.207/2020 објавен е Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на личен доход кој е дел од четвртиот сет на мерки за поддршка на стопанството од последиците на економската криза предизвикана од Ковид 19.
Законот содржи измени и дополнувања во одредбите кои се однесуваат на надоместоците за кои не се плаќа данок на личен доход, односно утврдува ослободување за:
– надоместоци на трошоци за превоз и исхрана на вработените кои работат ноќно време, до износите утврдени со Законот за работните односи;“
– уплатенa премиja за доброволно здравствено осигурување за една календарска година, за вработени лица и за обврзник кој остварува доход од самостојна дејност, во висина од една просечна месечна бруто-плата во Република Северна Македонија, објавена во јануари во тековната година според податоците од Државниот завод за статистика;
– надоместоци на трошоци за хотелско сместување (со категорија до четири звездички), превоз и надоместоци за трошоците за виза, за лица резиденти на Република Северна Македонија кои учествуваат во образовни и научни активности или настани на научни и образовни институции во земјата и во странство, утврдени врз основа на документи за направените трошоци;
– платени лабораториски тестови за COVID-19 за вработени лица во износ до 9.000 денари на годишно ниво по вработен;
– надоместоци на трошоци за обуки и доквалификација (стекнување сертификати, лиценци и сл.) на вработени лица, поврзани со нивното работно место, под услов истите да продолжат со работа кај истиот работодавач, во временски период утврден со договор;
– даден репроматеријал без надоместок (семенски материјал и производи за заштита на растенија во расадопроизводство), согласно закон и
– ваучер на активен спортист издаден од Агенцијата за млади и спорт, согласно со Законот за спортот.
Воедно се изменува член 24 кој се однесува на амортизацијата на материјалните и нематеријалните средства при што се утврдува дека преостанатата сегашна вредност на средствата кои не можат понатaму да се користат можат да се амортизираат во целина независно од пропишаниот век на траење, при што за таквата амортизација во целина да влезе како расход при утврдување на основата за оданочување потребна е издадена согласност од Управата за јавни приходи, по поднесено писмено барање најдоцна до 31 јануари во годината која следува по годината за која барањето се поднесува, при што формата и содржината на барањето ги пропишува министерот за финансии.
Во насока на поддршка на обврзниците на данокот на личен доход кои остваруваат доход од самостојна дејност и кои претрпеле штети во своето работење поради ширење на Коронавирусот COVID-19, законот утврдува истите да имаат право на ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход за месеците ноември и декември 2020 година, како и за јануари и февруари 2021 година.
Право на ослободување се однесува на даночните обврзници: кои не го намалиле бројот на вработени за времетраење на користењето на ослободувањето во однос на бројот на вработени заклучно со 30 ноември 2020 година, освен во случаите на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработените; чии вкупни приходи од редовното работење на даночниот обврзник да се намалени за најмалку 30% во периодот април – септември 2020 година во однос на приходите од редовно работење во периодот април – септември 2019 година, или затвориле најмалку 50% од продажните места преку кои го остваруваат прометот.