...

Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка како дел од четвртиот сет на мерки за поддршка на стопанството од последиците на економската криза предизвикана од Ковид 19 е објавен во ,,Службен весник на Република С. Македонија’’ бр.290/2020.

Законот утврдува ослободување од плаќање на аконтациите на данокот на добивка за месеците ноември и декември 2020 година, како и за јануари и февруари 2021 година за обврзниците кои имаат претрпено штети во своето работење поради ширење на коронавирусот COVID-19.

Користењето на правото на ослободување се однесува на даночните обврзници кои ги исполнуваат следните услови:

– даночниот обврзник-работодавач да не го намали бројот на вработени за времетраење на користењето на ослободувањето во однос на бројот на вработени заклучно со 30 ноември 2020 година, освен во случаите на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработените;

вкупните приходи од редовното работење на даночниот обврзник да се намалени за најмалку 30% во периодот април – септември 2020 година во однос на приходите од редовно работење во периодот април – септември 2019 година, или

даночниот обврзник да затворил најмалку 50% од продажните места преку кои го остварува прометот (подружници, продажни објекти).

Даночните обврзници  кои ги исполнуваат наведените услови, потребно е да поднесат барање за ослободување од плаќање на месечните аконтации на данокот на добивка до Управата за јавни приходи најдоцна до 5-ти наредниот месец за месецот за кој што обврзникот бара ослободување од плаќање на аконтации на данокот на добивка за наведениот временски период. Формата и содржината на барањето ги пропишува министерот за финансии.

Поднесувањето на барањето, се врши преку системот „е-даноци“ на Управата за јавни приходи, а приемот на комплетното барање го потврдува Управата за јавни приходи, во рок од 10 дена од денот на доставување на барањето.

Даночниот обврзник кој го искористил правото, а не ги исполнил условите, има обврска да ги плати месечните аконтации на данокот на добивка што не ги платил и камата согласно со Законот за даночна постапка.

Дополнувањата на законот го утврдуваат и правото на даночнит обврзник кој  во 2020 и 2021 година остварил загуба искажана во Билансот на успех истата намалена за непризнаените расходи искажани во даночниот биланс зa 2020 и 2021 година, може да ја пренесе на товар на добивката во идните пресметковни периоди најмногу до пет години сметано од годината во која е искажана загубата. Намалувањето во даночниот биланс се врши последователно почнувајќи од износот на најрано настанатите даночни загуби.

Намалувањетоо во даночниот биланс не може да се користи во случај на измена на статусот на даночниот обврзник врз основа на спојување, припојување, поделба, сопственичка трансформација и слично.

Обврзникот кој искажува загуба, правото на намалување во даночниот биланс го остварува со одобрение од Управата за јавни приходи, по негово барање кое се поднесува најдоцна до 31 март наредната година, по годината во која загубата е искажана.

Управата за јавни приходи е должна да издаде одобрение по барањето во рок од 60 дена од денот на негово поднесување.

Законот утврдува и ослободување од обврската за плаќање на годишен данок на вкупен приход за  трговските друштва класифицирани како мали и микротрговци и правните лица резиденти на Република Северна Македонија кои водат сметководство и подготвуваат годишни сметки согласно со Законот за трговските друштва под услов вкупниот приход остварен во 2020 година од кој било извор да не го надминува износот од 5.000.000 денари на годишно ниво. Правото на ослободување не се однесува на трговските друштва кои извршуваат банкарска, финансиска и осигурителна дејност и дејност од областа на игрите на среќа и забавните игри.

Воедно, се утврдува правото за трговските друштва класифицирани како мали и микротрговци и правните лица резиденти на Република Северна Македонија кои водат сметководство и подготвуваат годишни сметки согласно со Законот за трговските друштва, да можат да се определат да пресметуваат и плаќаат годишен данок на вкупен приход за 2020 година под услов:

1) да извршуваат стопанска дејност, освен банкарска, финансиска, осигурителна и дејност од  областа на игрите на среќа и забавните игри и

2)  вкупниот приход остварен во годината за која се утврдува данокот од кој било извор да  изнесува од 5.000.001 до 10.000.000 денари на годишно ниво.

Со законот се дополнуваат одредбите кои се однесуваат на непризнаените расходи за даночни цели, односно се  утврдува дека трошоците  по основ на уплатени премии за дополнително здравствено осигурување над износот од една просечна месечна бруто плата, исплатена во претходната година во Република Северна Македонија, на годишно ниво по вработен и платените  лабораториски тестови за COVID-19 за вработени лица во износ поголем од 9.000 денари на годишно ниво по вработен се непризнаени расходи за даночни цели.