На 14 та седница на Владата на Република Северна Македонија утврден е Предлог на Закон за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено економската криза предизвикана од вирусот КОВИД-19, заради исплата на платите за месеците октомври, ноември и декември 2020 година.
Со овој закон, се уредуваат условите и постапката за добивање на финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот КОВИД-19, заради исплата на платите на работниците за месеците октомври, ноември и декември 2020 година.
Воедно, на истата седница е усвоен е предлог Закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, кој исто така како и Предлог законот за финансиска поддршка на работодавачите е дел од Пакетот 4 за справување со економската криза предизвикана од вирусот КОВИД-19.
Со денот на влегувањето во сила на измените и дополнувањата од Законот за данокот на додадена вредност од 1 јануари ќе се изврши ослободување од данок на додадена вредност за донации дадени кон буџетски корисници за справување со коронавирусот КОВИД-19. Исто така ќе се одложи рокот за плаќање ДДВ заради ликвидносна поддршка на компаниите.
Заради олеснување на процесот на издавање, пренос и прием на фактура, ќе се даде можност за користење на фактура во електронска форма (pdf или друг електронски формат).
Од 01 јануари 2021 година, се пропишува одредба за примена на повластена даночна стапка од 10% за продавањето храна и пијалаци за консумација на лице место и кетеринг.