Со Уредбата со законска сила за субвенционирање на придонеси од социјално осигурување за вработени во медиумите (,,Службен весник на РСМ’’ бр.156), се уредуваат условите, начинот и постапката на субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за вработените во медиумите кои работеле и известувале за надминување на состојбата со COVID19 за време на траење на вонредната состојба, за месец јуни, јули и август 2020 година.
Согласно одредбите на уредбата со законска сила, на работодавачот – медиум, за секој осигуреник за месец јуни, јули и август 2020 година му се субвенционира 100% од износот за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување.
Субвенционирање на придонеси од задолжително социјално осигурување се врши за онoj работодавач – медиум коj не отпуштил ниту еден вработен со состојба на 15 март 2020 година заклучно со последниот ден за кој користeл субвенционирање на придонеси од задолжително социјално осигурување, освен заради:
Покрај наведените услови се бара исплатената плата на осигуреникот за месец февруари 2020 година, за кој се обезбедува субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување да не е намалена во периодот на користењето на субвенционирањето и два месеци потоа.
Субвенцијата се остварува преку поднесување на Барање за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување до Управата за јавни приходи. Во Барањето, работодавачот- медиум приложува Изјава од застапникот по закон за исполнетоста на условите од членот 4 од уредбата со законска сила. Поднесувањето на Барањето се врши преку системот Е-даноци на Управата за јавни приходи, а комплетното барање го проверува и потврдува Управата за јавни приходи, во рок од пет дена од денот на неговото поднесување.
Работодавачот – медиумот може да користи субвенционирање на придонеси од задолжително социјално осигурување, согласно оваа уредба со законска сила, доколку:
– медиумот има дозвола за телевизиско или радио емитување, доделена од страна на Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Агенцијата) и се регистрирани во регистарот на телевизии и регистарот на радија на Агенцијата и хостирани во Република Северна Македонија;
– печатените медиуми од општ информативен карактер кои објавуваат содржина насочена кон непрекинато информирање на јавноста за тековните политички, економски, социјални и културни прашања, регистрирани и хостирани на територијата на Република Северна Македонија и кои се регистрирани во регистарот на издавачи на печатени медиуми на Агенцијата , и
– електронските медиуми ( портали ) кои ги имаат веродостоен импресум (уредник, редакција), контакт податоци и адреса, да имаат регистрирано правно лице и хостирано домеин во Република Северна Македонија и транспарентно да ја декларираат сопственоста.
Работодавачот – медиум во Месечната пресметка за интегрирана наплата (МПИН образец), што ја поднесува до Управата за јавни приходи, за осигуреникот за коj бара субвенционирање на плаќањето на придонеси во полето 3.23 внесува шифра 630.
Управата за јавни приходи, за осигурениците за кои е одобрено субвенционирање, го намалува износот на обврската за плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување за износот на одобреното субвенционирање на придонесите согласно член 3 од оваа уредба со законска сила.
Работодавачот-медиумот може да користи субвенција за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување доколку не е објавен на Листата на должници број 03/2020 објавена од страната на Управата за јавни приходи.
Работодавачот- медиум кој користел субвенција за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување должен е да ги врати добиените финансиски средства во целост, доколку по извршена контрола од страна на Управата за јавни приходи и/или Државниот инспекторат за труд , се утврди врз основа на решение за утврдена неправилност дека работодавачот – медиум не ги исполнил условите од уредбата со законска сила.
Агенцијата ако утврди дека работодавачот- медиум кој искористил субвенционирање на приоднеси од задолжително социјално осигурување, а не ги исполнил условите од оваа уредба со законска сила, во рок од еден ден ја известува Управата за јавни приходи и Државниот инспекторат за труд, за постапување по службена должност.
Со Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено – економската криза предизвикана од коронавирусот COVID-19 за време на вонредна состојба (,,Службен весник на РСМ’’ бр.156/2020), се уредува дека финансиската поддршка се однесува и на месец јуни 2020 година.
Воедно, се утврдуваат условите кои треба да се исполнат за користење на финансиската поддршка на физичките лица кои вршат самостојна дејност, односно се определува дека физичкото лице кое врши самостојна дејност – барател на финансиска поддршка, а се оданочува според вистински доход треба да ги исполни следните услови:
– намалувањето на вкупните приходи на физичкото лице од вршење на самостојна дејност – барател на финансиска поддршка, во месец мај 2020 година да изнесува повеќе од 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени од самостојна дејност во 2019 година,
– за физичко лице кое врши самостојна дејност – барател на финансиска поддршка кое е запишано во соодветен регистар (основан) после месец март 2019 година, вкупните приходи од самостојна дејност за месец мај 2020 година да се помали за најмалку 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени од самостојна дејност од денот на запишувањето во соодветен регистар во 2019 година и месеците јануари и февруари 2020 година,
– за физичко лице кое врши самостојна дејност – барател на финансиска поддршка, кое врши дејност од сезонски карактер, намалувањето на просечните приходи од самостојна дејност за последниот сезонски период од четири месеци споредено со просечните приходи од самостојна дејност за сезонскиот период од истите четири месеци во претходната година да изнесува повеќе од 30 %.