Согласно Уредбата со Законска сила за субвенционирање на износ за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за вработени во медиуми, работодавач-медиум може да ја користи мерката субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за вработените во медиумите кои работеле и известувале за надминување на состојбата со COVID -19 за времетраење на вонредната состојба, за месеците јуни, јули и август 2020.
Работодавачот – медиум за искористување на ова право треба да поднесе образец БС-ПЗСОM до Управата за јавни приходи преку системот е-Даноци, при што Управата за јавни приходи, во рок од 5 дена од денот на доставувањето, ја потврдува комплетноста на барањето. На работодавачот – медиум за секој осигуреник за месец јуни, јули и август 2020 година му се субвенционира 100% од износот за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување.
Начинот на пополнување на Барањето за субвенционирање на износ за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за вработени во медиуми – образец БС-ПЗСОМ е составен дел на барањето, односно е појаснет во Упатството за пополнување.
Барањето може да се преземе од следниот линк на Управата за јавни приходи:
http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/225
Со Уредбата со законска сила за субвенционирање на придонеси од социјално осигурување за вработени во медиумите (,,Службен весник на РСМ’’ бр.156), се уредуваат условите, начинот и постапката на субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за вработените во медиумите кои работеле и известувале за надминување на состојбата со COVID19 за време на траење на вонредната состојба, за месец јуни, јули и август 2020 година.
Согласно одредбите на уредбата со законска сила, на работодавачот – медиум, за секој осигуреник за месец јуни, јули и август 2020 година му се субвенционира 100% од износот за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување.
Субвенционирање на придонеси од задолжително социјално осигурување се врши за онoj работодавач – медиум коj не отпуштил ниту еден вработен со состојба на 15 март 2020 година заклучно со последниот ден за кој користeл субвенционирање на придонеси од задолжително социјално осигурување, освен заради:
Покрај наведените услови се бара исплатената плата на осигуреникот за месец февруари 2020 година, за кој се обезбедува субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување да не е намалена во периодот на користењето на субвенционирањето и два месеци потоа.
Субвенцијата се остварува преку поднесување на Барање за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување до Управата за јавни приходи. Во Барањето, работодавачот- медиум приложува Изјава од застапникот по закон за исполнетоста на условите од членот 4 од уредбата со законска сила. Поднесувањето на Барањето се врши преку системот Е-даноци на Управата за јавни приходи, а комплетното барање го проверува и потврдува Управата за јавни приходи, во рок од пет дена од денот на неговото поднесување.
Работодавачот – медиумот може да користи субвенционирање на придонеси од задолжително социјално осигурување, согласно оваа уредба со законска сила, доколку:
– медиумот има дозвола за телевизиско или радио емитување, доделена од страна на Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Агенцијата) и се регистрирани во регистарот на телевизии и регистарот на радија на Агенцијата и хостирани во Република Северна Македонија;
– печатените медиуми од општ информативен карактер кои објавуваат содржина насочена кон непрекинато информирање на јавноста за тековните политички, економски, социјални и културни прашања, регистрирани и хостирани на територијата на Република Северна Македонија и кои се регистрирани во регистарот на издавачи на печатени медиуми на Агенцијата , и
– електронските медиуми ( портали ) кои ги имаат веродостоен импресум (уредник, редакција), контакт податоци и адреса, да имаат регистрирано правно лице и хостирано домеин во Република Северна Македонија и транспарентно да ја декларираат сопственоста.
Работодавачот – медиум во Месечната пресметка за интегрирана наплата (МПИН образец), што ја поднесува до Управата за јавни приходи, за осигуреникот за коj бара субвенционирање на плаќањето на придонеси во полето 3.23 внесува шифра 630.
Управата за јавни приходи, за осигурениците за кои е одобрено субвенционирање, го намалува износот на обврската за плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување за износот на одобреното субвенционирање на придонесите согласно член 3 од оваа уредба со законска сила.
Работодавачот-медиумот може да користи субвенција за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување доколку не е објавен на Листата на должници број 03/2020 објавена од страната на Управата за јавни приходи.
Работодавачот- медиум кој користел субвенција за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување должен е да ги врати добиените финансиски средства во целост, доколку по извршена контрола од страна на Управата за јавни приходи и/или Државниот инспекторат за труд , се утврди врз основа на решение за утврдена неправилност дека работодавачот – медиум не ги исполнил условите од уредбата со законска сила.
Агенцијата ако утврди дека работодавачот- медиум кој искористил субвенционирање на приоднеси од задолжително социјално осигурување, а не ги исполнил условите од оваа уредба со законска сила, во рок од еден ден ја известува Управата за јавни приходи и Државниот инспекторат за труд, за постапување по службена должност.
Со Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено – економската криза предизвикана од коронавирусот COVID-19 за време на вонредна состојба (,,Службен весник на РСМ’’ бр.156/2020), се уредува дека финансиската поддршка се однесува и на месец јуни 2020 година.
Воедно, се утврдуваат условите кои треба да се исполнат за користење на финансиската поддршка на физичките лица кои вршат самостојна дејност, односно се определува дека физичкото лице кое врши самостојна дејност – барател на финансиска поддршка, а се оданочува според вистински доход треба да ги исполни следните услови:
– намалувањето на вкупните приходи на физичкото лице од вршење на самостојна дејност – барател на финансиска поддршка, во месец мај 2020 година да изнесува повеќе од 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени од самостојна дејност во 2019 година,
– за физичко лице кое врши самостојна дејност – барател на финансиска поддршка кое е запишано во соодветен регистар (основан) после месец март 2019 година, вкупните приходи од самостојна дејност за месец мај 2020 година да се помали за најмалку 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени од самостојна дејност од денот на запишувањето во соодветен регистар во 2019 година и месеците јануари и февруари 2020 година,
– за физичко лице кое врши самостојна дејност – барател на финансиска поддршка, кое врши дејност од сезонски карактер, намалувањето на просечните приходи од самостојна дејност за последниот сезонски период од четири месеци споредено со просечните приходи од самостојна дејност за сезонскиот период од истите четири месеци во претходната година да изнесува повеќе од 30 %.
Согласно Уредбата за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за даночна постапка за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.140/20), се уредуваат постапките за издавање на опомена за плаќање и постапки за присилна наплата за време на траење на вонредната состојба.
Односно се утврдува дека, Управата за јавни приходи нема да издава опомена за плаќање на данок и нема да отпочнува постапка на присилна наплата за време на траењето на вонредната состојба како и по престанокот на траењето на вонредната состојба до 30 јуни 2020 година и тоа за:
– даночен долг кој е доспеан, а неплатен, и за кој не се отпочнати постапки на присилна наплата;
– даночен долг по сите основи кој ќе доспее во месеците мај и јуни 2020 година и
– судски такси и парични казни, односно глоби и трошоци изречени во парнични, прекршочни, кривич- ни и управни постапки во корист на Република Север- на Македонија, а кои ги наплатува Управата за јавни приходи, кои се доспеани, а неплатени, и за кои не е отпочната постапка на присилна наплата.
Со измените и дополнувањата на Уредбата со законска сила за примена на Законот за трговските друштва објавени во ,,Службен весник на РСМ’’ бр.140/20, се утврдува дека рокот за усвојување на ревидираните финанисиски извештаи од страна на собирот на содружници, односно собранието на друштво, со исклучок на друштвата чии хартии од вредност котираат на берза и друштва кои согласно Законот за хартии од вредност се со посебни обврски за известување, престанува да тече за време на траењето на вонредната состојба и продолжува по престанокот на траењето на вонредната состојба, за онолку денови колку што траела вонредната состојба.
Воедно се определува дека, рокот за доставување на одобрените финансиски извештаи со годишниот извештај за работа, ревидираната годишна сметка, односно ревидираните финансиски извештаи за 2019 година, за големите и средни трговци организирани како акционерски друштва и за големите и средни трговци организирани како друштва со ограничена одговорност, со исклучок на друштвата чии хартии од вредност котираат на берза и на друштвата кои согласно Законот за хартии од вредност се со посебни обврски за известување, до Регистарот на годишни сметки при Централниот регистар на Република Северна Македонија, престанува да тече за време на траењето на вонредната состојба и продолжува по престанокот на траењето на вонредната состојба, за онолку денови колку што траела вонредната состојба.
Со Уредбата со законска сила за примена на Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.140/20), се уредуваат обврските за обуката за континуирано професионално усовршување за сметководител односно овластен сметководи- тел, за време на траењето на вонредната состојба.
Согласно утврденото, рокот за исполнување на обврската за посета на обуката за континуирано професионално усовршување од 60 часа за сметководител за период од три години односно 90 часа за овластен сметководител за период од три години, започната во 2017 година, престанува да тече за време на траењето на вонредната состојба и продолжува 200 дена по престанокот на траењето на вонредната состојба. Oбврската за посета на обуката за континуирано професионално усовршување од најмалку 10 часа во текот на една година за сметководител, односно од најмалку 20 часа за овластен сметководител, нема да се однесува за сметководителите односно овластените сметководители кои обуката за континуирано професионално усовршување ја започнале во 2018 и 2019 година.
Доколку сметководителот, односно овластениот сметководител, до 31.12.2019 година посетил повеќе од 60 односно 90 часови обука за континуирано професионално усовршување, тие часови му се признаваат во следниот тригодишен циклус.
Со Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на уметници и други физички лица кои самостојно вршат дејности и други активности во областа на културата за време на вонредна состојба (,,Службен весник на РСМ’’ бр.139/20) се уредуваат условите, начинот и постапката за доделување на финансиска поддршка на уметници и други физички лица кои самостојно вршат дејности или друг вид активности во областа на културата, или преку авторски или друг вид на договор се ангажирани во правно лице кое е регистрирано за вршење на дејност од областа на културата, за месеците април и мај 2020 година.
Предмет на финансиската поддршка е исплата на финансиски средства за месеците април и мај 2020 година, во месечен нето износ од 14.500 денари. Корисник на финансиска поддршка може да биде уметник или друго физичко лицe- барател на финансиска поддршка, ако:
– е државјанин на Република Северна Македонија и
– самостојно или преку авторски или друг вид на договор, учествува во реализација на проект поддржан на Годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2020 година, или во реализација на проект поддржан од меѓународни фондови, односно меѓународни организации, а кој е откажан поради здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот COVID-19.
Министерствотo за култура на својата веб страна објавува јавен повик за доставување барање за користење на финансиска поддршка на уметниците и на другите физички лица кои самостојно вршат дејности или друг вид активности во областа на културата, или преку авторски или друг вид на договор се ангажирани во правно лице кое е регистрирано за вршење на дејност од областа на културата согласно оваа уредба со законска сила.
Барателот на финансиската поддршка во рок од 15 дена од денот на објавувањето на јавниот повик доставува барање до Министерството за култура. Кон барањето, барателот на финансиската поддршка доставува изјава за исполнетоста на условите.
Финансиската поддршка не може да ја оствари барател на финансиска поддршка кој е опфатен со Уредбата за финансиска поддршка на самостојните уметници за време на вонредна состојба, е во редовен работен однос, или е примател на пензија согласно евиденцијата на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија, остварува други приходи по било кој основ, или е опфатен со другите економски мерки на Владата на Република Северна Македонија за справување со здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот COVID-19.
За користење на финансиската поддршка на уметниците и на другите физички лица кои самостојно вршат дејности или друг вид активности во областа на културата, или преку авторски или друг вид на договор се ангажирани во правно лице кое е регистрирано за вршење на дејност од областа на културата одлучува Комисија за финансиска поддршка формирана од министерот за култура.
Со Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на филмските работници за време на вонредна состојба (,,Службен весник на РСМ’’бр.139/20) се уредуваат условите, начинот и постапката за доделување на финансиска поддршка на филмските работници погодени од здравствено-економската криза предизвикана од коро- навирусот COVID-19, за месеците април и мај 2020 година.
Постапката за финансиската поддршка на филмските работници ќе се спроведува преку Агенцијата за филм на РСМ, а исплатата на средствата за финансиската поддршка се врши од средствата собрани во Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Коронавирусот COVID-19, формиран во рамки на Генералниот секретаријат на Владата. Предмет на финансиска поддршка е исплата на финансиски средства за месеците април и мај 2020 година, во месечен нето износ од 14.500 денари.
Корисник на финансиска поддршка согласно одредбите од оваа уредба со законска сила може да биде филмски работник-барател на финансиска поддршка, ако:
– е државјанин на Република Северна Македонија;
– во последните пет години работел на минимум три филма поддржани од Агенцијата и – реализацијата на филмовите кои се поддржани од Агенцијата, а во чие производство барателот на финансиската поддршка требало да учествува, е откажана или одложена поради здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот COVID-19, што го потврдува Агенцијата.
Агенцијата, во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, на својата веб страна објавува јавен повик за доставување барање за користење на финансиска поддршка на филмските работници. Барателот на финансиската поддршка во рок од 15 дена од денот на објавувањето на јавниот повик, доставува барање до Агенцијата. Кон барањето барателот на финансиската поддршка доставува изјава за исполнетоста на условите.
Финансиската поддршка не може да ја оствари филмски работник кој е опфатен со Уредбата за финансиска поддршка на самостојните уметници за време на вонредна состојба, истиот е во редовен работен однос или е примател на пензија согласно евиденцијата на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија, остварува други приходи по било кој основ и е опфатен со другите економски мерки на Владата за справување со здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот COVID-19.
За користење на финансиската поддршка на филмските работници одлучува Комисија за финансиска поддршка на филмските работници која ја формира директорот на Агенцијата за филм.