...

Со Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на граѓани и вработени лица со низок доход, млади лица и здравствени работници преку издавање на домашна платежна картичка наменета за купување на македонски производи и услуги за време на вонредна состојба (,,Службен весник на РСМ’’ бр.137/2020), се уредуваат условите, начинот и постапката за користење на финансиската поддршка.

Кој може да ја користи финансиската поддршка?

Граѓани со низок доход, односно полнолетни државјани на Република Северна Македонија кои се приматели на социјална помош (лица од домаќинство кое користи право на гарантирана минимална помош; лица од домаќинство кое користи право на детски додаток; лица од домаќинство кое користи право на додаток за образование; корисник на право на социјална сигурност за старите лица и негов брачен другар или лице со кое живее во вонбрачна заедница) или невработени лица кои активно бараат работа евидентирани во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија заклучно со 22.05.2020 година, кои за 2019 година оствариле годишен доход во нето износ не поголем од 180.000 денари и за периодот јануари-април 2020 година оствариле доход во нето износ не поголем од 60.000 денари согласно со евиденцијата на Управата за јавни приходи

Вработени лица со низок доход, односно државјани на Република Северна Македонија кои се во работен однос и кои за периодот јануари-април 2020 година оствариле доход само по основ на плата и надоместоци на плата во нето износ не поголем од 60.000 денари на ниво на полно работно време, согласно со евиденцијата на Управата за јавни приходи

Млади лица, односно државјани на Република Северна Македонија со наполнети 16 години и не постари од 29 години на 22.5.2020 година, кои се активни учесници во формалното средно образование (средни училишта основани од Република Северна Македонија, локалната самоуправа и градот Скопје) и високото додипломско образование на Република Северна Македонија (редовни студенти на универзитети основни од Република Северна Македонија), согласно со евиденцијата на Министерството за образование и наука

Здравствени работници кои учествуваат во тестирање, дијагностицирање и лекување на граѓани заболени од COVID-19, односно државјани на Република Северна Македонија вработени во јавните здравствени установи во Клиника за инфективни болести, Институт за јавно здравје, центри за јавно здравје, членови на тимовите за Итна медицинска помош, лица вработени во инфективните одделенија на општите болници и ангажирани работници во други одделенија кои повремено биле ангажирани во инфективните одделенија на соодветната јавна здравствена установа респективно за времето на ангажирање согласно со евиденцијата на Фондот за здравствено осигурување заради тестирање, дијагностицирање и лекување на граѓани заболени од COVID-19.

Што е домашна платежна картичка?

Домашна платежна картичка е платежна картичка со видливо отпечатена ознака: „КУПУВАМ ДОМАШНО“ (“KUPUVAM DOMASHNO”) издадена од резидентна банка која потпишала Договор со Владата, на чија поврзана сметка се исплатува финансиската поддршка.

Дали граѓаните кои имаат право на финансиска помош треба да се пријават за користење на истата?

Не, не треба да се пријавуваат. Генералниот секретаријат на Влада ги обезбедува податоците за тоа кои граѓани имаат право на финансиска помош од надлежните институции: Управата за јавни приходи, Агенцијата за вработување, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука и Фондот за здравствено осигурување. Листата на корисници на финансиска поддршка со податок за името и презимето на корисникот и банката издавач на ДПК (која што всушност е банка во која корисникот има трансакциска сметка), Генералниот секретаријат на Владата ја објавува на www.kupuvamdomasno.gov.mk во рок од пет дена од денот на влегување во сила на оваа уредба со законска сила, односно на 01.06.2020 година. Корисникот на финансиска  поддршка со внесување на својот ЕМБГ на интернет страната www.kupuvamdomasno.gov.mk со безбедносен (HTTPS) протокол проверува во која банка издавач ќе му биде издадена ДПК и висината на финансиската поддршка.

Која е висината на финансиската поддршка и во кој рок се исплатува?

Граѓаните-корисници на финансиска поддршка ќе добијат еднократна финансиска поддршка во износ од 9.000 денари по лице. Работниците-корисници на финансиска поддршка ќе добијат еднократна финансиска поддршка во износ од 3.000 денари по лице. Младите лица корисници на финансиска поддршка ќе добијат еднократна финансиска поддршка во износ од 3.000 денари по лице. Здравствените работници-корисници на финансиска поддршка кои учествувале во тестирање и дијагностицирање на граѓани заболени од COVID-19 и нивно лекување ќе добијат еднократна финансиска поддршка во висина на 40% од износот на последната пресметана основна нето плата на секој работник одделно до денот на влeгување во сила на оваа уредба со законска сила. Во однос на рокот на исплата, Генералниот секретаријат на Влада врши исплата на средствата на финансиска поддршка на банките во рок од 3 дена од утврдување и објавување на листата на коирисници. Банката издавач на ДПК , домашната платежна картичка ја издава на корисниците од листата согласно со расположливите капацитети на банката, а најдоцна до 3.07.2020 година и на својата интернет страна го објавува начинот на уредна достава и прием на ДКП.

За што треба да се користат финансиските средства на ДПК?

Примената финансиска поддршка на ДПК, корисниците на финансиска поддршка ја користат ИСКЛУЧИВО за купување на македонски производи и услуги кај правни и физички лица вршители на стопанска дејност, резиденти на Република Северна Македонија во периодот од денот на приемот на ДПК до 31.07.2020 година. Оn-line набавката од интернет страници во сопственост на македонски правни и физички лица вршители на стопанска дејност за целите на финансиска поддршка се однесува на македонски производи и услуги. За таа цел правните и физички лица вршители на стопанска дејност, во објектите за трговија на мало  ќе обезбедат посебно обележани рафтови, гондоли и сл. со ознаката „КУПУВАМ ДОМАШНО“ на кои ќе бидат изложени македонски производи за продажба на лица- та – корисници на финансиската поддршка од оваа уредба со законска сила. Правните и физички лица вршители на стопанска дејност што вршат оn-line про- дажба преку интернет страници имаат обврска јасно да ги истакнат и посебно да ги издвојат македонските производи и услуги. Воедно, правните и физички лица вршители на стопанска дејност издаваат фискална сметка која задолжително содржи линија во фискалната сметка за вкупен промет остварен од македонски производи со текст „промет од македонски производи“, пресметан данок на додадена вредност од македонски производи прикажан по даночни стапки и вкупен износ на данок на додадена вредност од македонски производи.

Со Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност (,,Службен весник на РСМ’’бр.136/2020), невработеното лице на кое работниот однос му престанал во периодот од 11 март 2020 година до 30 април 2020 година, независно од времето поминато во работен однос, може да оствари право на паричен надоместок во висина од 50% од месечна нето плата на работникот исплатена за последниот месец, но не повеќе од 80% од просечната месечна нето плата по работник во Република Северна Македонија, објавена за последниот месец, во случај кога работниот однос му престанал со давање на писмена изјава од страна на работникот, спогодбено му престанал работниот однос или работниот однос му престанал со отказ од страна на работодавачот, за времетраење од два месеци, сметано од престанокот на работниот однос.

Доколку невработеното лице, по истекот на користење на правото на паричен надоместок, заснова нов работен однос, ќе може повторно да се стекне со право на паричен надоместок согласно Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, при што не се зема во предвид користењето на правото на паричниот надоместок согласно оваа уредба со законска сила.

Правото на паричниот надоместок се остварува врз основа на барање од невработеното лице. Барањето се доставува во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, до надлежниот центар за вработување на Агенцијата за вработување.

Уредбата стапи на сила на 27.05.2020 година.

Со Уредбата со законска сила за примена на Законот за трговските друштва за време на вонредна состојба (,,Службен весник на РСМ’’ бр.123/2020), се утврдува дека за веродостојни сметководствени документи врз основа на кои се водат трговските книги се сметаат и скенирани документи доставени по електронски пат.

Согласно уредбата, рокот за доставување на одобрените финансиски извештаи со годишниот извештај за работа за 2019 година на големите и средни трговци организирани како друштва со ограничена одговорност, до Регистарот на годишни сметки при Централниот регистар на Република Северна Македонија, престанува да тече за време на траењето на вонредната состојба и продолжува по престанокот на траењето на вонредната состојба, за онолку денови колку што траела вонредната состојба.

Уредбата стапи на сила на 13.05.2020 година.

Управата за јавни приходи преку својот веб портал известува дека е отворена е-маил адреса преку која граѓаните и компаниите може да поставуваат прашања за Уредбите кои ги донесе Владата на Република Северна Македонија а што се реализираат преку Управата за јавни приходи.

е-маил адреса finansiska.poddrska@ujp.gov.mk

Прашањата можат да се однесуваат за остварување на правото, начин на поднесување, услови на користење дадени во секоја од Уредбите во однос на следните барања:

Барање (образец БФП-ИП) за финансиска поддршка на работодавач од приватниот сектор заради исплата на плати за месеците април и мај 2020 година

Барање (образец ДЛД-ОМА) за ослободување на износот на аконтациите на данокот за личен доход за месеците март , април и мај 2020 година

Барање (образец ДД-ОМА) за ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на добивка за месеците март, април и мај 2020 година

Барање (образец БС-ПЗСО) за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување

Барање (образец БФС-СВД) за финансиска подршка за исплата на финансиски средства на физички лица кои вршат самостојна дејност

Воедно, Управата за јавни приходи апелира, да се користат електронските услуги е-Даноци, e-Персонален данок, како и да се  контактира со УЈП преку новотворената e-маил адреса.

Со Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за работните односи за време на вонредна состојба (,,Службен весник на РСМ’’ бр.113/2020), се утврдува можноста работодавачот кој одјавил работник од задолжително социјално осигурување во периодот од 11 март 2020 година до 30 април 2020 година да склучи спогодба за враќање на работа.

Со спогодбата работодавачот  треба да се обврзи да ги подмири сите обврски кои произлегуваат од работниот однос од денот на одјавата на работникот од задолжително социјално осигурување до денот на склучувањето на спогодбата.

Пријавувањето во системот на задолжително социјално осигурување на работникот во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија се врши најдоцна до 7 мај 2020 година.

Доколку работникот не ја потпише спогодбата, работодавачот може на негово место да пријави ново лице од евиденцијата на невработени лица во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија и со истото да склучи договор за вработување и да го пријави во системот за задолжително социјално осигурување во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија најдоцна до 7 мај 2020 година.

Во Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено економската криза предизвикана од Коронавирусот COVID – 19, заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година (,,Службен весник на РСМ’’ бр.113/2020), се утврдува дека за времетраење на финансиската поддршка согласно со оваа уредба со законска сила и два месеци после нејзиното престанување (заклучно со месец јули 2020 година) бројот на вработени кај работодавачот кој користи финансиска поддршка за исплата на плати, во однос на бројот на вработени во месец април 2020 година, не смее да се намалува, освен заради:

– пензионирање и смрт на работник,

– откажување на договорот за вработување од страна на работникот,

– откажување на договорот за вработување без отказен рок од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски,

– спогодбено преземање на работник,

– престанување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда и

– престанување на важноста на договорот за вработување поради утврдена трајна неспособност за работа.

Вкупниот број на вработени кај работодавачот – корисник на финансиска поддршка не смее да се намали заклучно со месец јули 2020 година за повеќе од:

15% кај работодавач кој имал до 50 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка,

10% кај работодавач кој имал од 51 до 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка и

5% кај работодавач кој имал над 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка.

Ако намалениот број на вработени пресметан нагоре наведениот начин е нецел број, бројот се заокружува на првиот поголем цел број. Бројот на вработени што работодавачот корисник на финансиска поддршка треба да го задржи ги вклучува вработените на неопределено време, определено време и вработените со работно време пократко од полното работно време.

 

Со Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба (,,Службен весник на РСМ’’ бр.116/2020), се променуваат условите за користење на субвенцијата.

Согласно измените, за користење на субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување работодавачот треба да ги исполни следните услови:

а) намалувањето на вкупните приходи намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење во месец април 2020 година, во месец мај 2020 или во месец јуни 2020 година, да изнесува повеќе од 30% во однос на просечните вкупни приходи на месечно ниво намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење остварени во 2019 година, а за работодавач кој е запишан во соодветен регистар (основан) по месец март 2019 година, вкупните приходи намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење за месец април 2020 година, месец мај 2020 и месец јуни 2020 година да се помали за најмалку 30% во однос на просечните вкупни приходи на месечно ниво намалени за одделни еднократни приходи кои непроизлегуваат од редовното работење остварени од денот на запишувањето во соодветен регистар во 2019 година и месеците јануари и февруари 2020 година. За работодавачот кој врши дејност од сезонски карактер, намалувањето на просечните приходи намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење за последниот сезонски период од четири месеци споредено со просечните приходи намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење за сезонскиот период од истите четири месеци во претходната година да изнесува повеќе од 30%;

б) бројот на вработени кај работодавачот кој побарува финансиска поддршка, земајќи ги во предвид и вработените преку приватна агенција за вработување за времетраење на субвенционирање на исплaта на придонеси од задолжително социјално осигурување согласно оваа уредба со законска сила и два месеци по нејзиното престанување (заклучно со месец август 2020 година), во однос на бројот на вработени во месец април 2020 година, да не е намален, освен заради:

-пензионирање и смрт на работник;

-откажување на договорот за вработување од страна на работникот;

-откажување на договорот за вработување без отказен рок од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски;

-спогодбено преземање на работник;

-престанување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда и

-престанување на важноста на договорот за вработување поради утврдена трајна неспособност за работа.“

в) вкупниот број на вработени кај работодавачот корисник на субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба, да не е намален заклучно со месец август 2020 година, за повеќе од:

– 15% кај работодавач кој имал до 50 вработени во месецот за кој користел субвенција;

– 10% кај работодавач кој имал од 51 до 250 вработени во месецот за кој користел субвенција и

– 5% кај работодавач кој имал над 250 вработени во месецот за кој користел субвенција и

г) да не исплатува дивиденда на сопствениците, како и да нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност на работодавачот со шифра 102 во Месечната пресметка за интегрирана наплата (МПИН образец) на вработените и органите на управување и надзор на работодавачот, од денот на влегувањето во сила на оваа уредба, до денот на исплатата на платата за месец јуни 2020 година.

Воедно со измените се утврдува дека, субвенционирањето на износот за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување согласно оваа уредба со законска сила, не може да се оствари доколку работодавачот користи финансиска поддршка заради исплата на плати во износ од најмногу 14.500 денари месечно по работник за месеците април и мај 2020 година согласно Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено – економската криза предизвикана од Коронавирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година, освен работодавачите кои ги вршат дејностите наведени согласно со Националната класификација на дејности – НКД Рев. 2: угостителска дејност (шифра 56 – дејности за подготовка и служење на храна), туризам (шифра 79 – туристички агенции организатори на патувања (туроператори) и останати резервациски услуги како и дејностите поврзани со нив и шифра 55 – објекти за сместување) и транспорт (шифра 49 – копнен транспорт и цевоводен транспорт, шифра 50 – воден транспорт, шифра 51 – воздухопловен транспорт и шифра 52 – складирање и помошни дејности во превозот) кој за 2018 и 2019 година немаат искажано загуба после оданочување и немаат неплатени јавни давачки (данок на додадена вредност, данок на добивка, данок на личен доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, како и акцизи и царини) согласно со објавената Листата на должници на доспеани и неплатени долгови бр. 03/2020 објавена на веб страната на Управата за јавни приходи и заклучно со 29.2.2020 година не доцнел со плаќање на обврските по основ на кредити подолго од 90 дена од денот на достасаноста, согласно податоците за задолженост од соодветен регистар/биро.

Воедно, Образецот на Барање за за субвенционирање на износ за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување (БС-ПЗСО), се заменува со нов Образец на Барање.

Obrazec na Baranje BS-PZSO