...

Се ослободува од ДДВ прометот на добра и услуги кои како донација се дадени на буџетски корисник за справување со Корона вирусот

Со Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за данокот на додадена вредност за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 102/2020), се утврдува ослободување од данок на додадена вредност на прометот на добра и услуги кои како донација се дадени на буџетски корисник за справување со Коронавирусот Covid-19.

За стекнување на правото на ослободување од данокот на додадена вредност, давателот на донацијата треба да обезбеди потврда од страна на буџетскиот корисник за примената донација пропишана во Правилникот за формата, содржината и начинот на издавање на писмена потврда за донации во јавните дејности. Потврдата може да биде разменета меѓу давателот на донацијата и примателот на донацијата во електронска форма и по електронски пат (pdf и сл. формат, кој може да се отпечати) или во хартиена форма.

Давателот на донацијата води евиденција за дадената донација по примател на донација, број на потврда за примена донација, договор за донација, краток опис на донацијата и вредност на дадената донација во финансиски средства, добра и услуги.

Се ослободува од данок на додадена вредност, прометот на добра и услуги извршен кон буџетски корисник заради справување со Коронавирусот COVID 19 кој се плаќа со финансиски средства од примени донации на буџетски корисник.

За ослободувањето од ДДВ на прометот, вршителот на промет треба да обезбеди изјава од буџетскиот корисник во која изјавува под целосна кривична и материјална одговорност дека прометот се плаќа со донирани финансиски средства. Вршителот на прометот води евиденција за прометот на добра и услуги кон буџетскиот корисник.

За прометот на добра и услуги кои како донација се дадени на буџетски корисник, како и за прометот на добра и услуги извршен кон буџетски корисник кој се плаќа со финансиски средства од примени донации на буџетски корисник, вршителот на промет во фактурата го наведува основот за ослободувањето на прометот од данок на додадена вредност.

Ако вршителот на прометот, обврзник за данокот на додадена вредност не ги исполнил условите утврдени во оваа уредба со законска сила, истиот е должен да пресмета данокот на додадена вредност на овој промет согласно со Законот за данокот на додадена вредност.

Последно објавени