Со Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за данокот на додадена вредност за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 102/2020), се утврдува ослободување од данок на додадена вредност на прометот на добра и услуги кои како донација се дадени на буџетски корисник за справување со Коронавирусот Covid-19.
За стекнување на правото на ослободување од данокот на додадена вредност, давателот на донацијата треба да обезбеди потврда од страна на буџетскиот корисник за примената донација пропишана во Правилникот за формата, содржината и начинот на издавање на писмена потврда за донации во јавните дејности. Потврдата може да биде разменета меѓу давателот на донацијата и примателот на донацијата во електронска форма и по електронски пат (pdf и сл. формат, кој може да се отпечати) или во хартиена форма.
Давателот на донацијата води евиденција за дадената донација по примател на донација, број на потврда за примена донација, договор за донација, краток опис на донацијата и вредност на дадената донација во финансиски средства, добра и услуги.
Се ослободува од данок на додадена вредност, прометот на добра и услуги извршен кон буџетски корисник заради справување со Коронавирусот COVID 19 кој се плаќа со финансиски средства од примени донации на буџетски корисник.
За ослободувањето од ДДВ на прометот, вршителот на промет треба да обезбеди изјава од буџетскиот корисник во која изјавува под целосна кривична и материјална одговорност дека прометот се плаќа со донирани финансиски средства. Вршителот на прометот води евиденција за прометот на добра и услуги кон буџетскиот корисник.
За прометот на добра и услуги кои како донација се дадени на буџетски корисник, како и за прометот на добра и услуги извршен кон буџетски корисник кој се плаќа со финансиски средства од примени донации на буџетски корисник, вршителот на промет во фактурата го наведува основот за ослободувањето на прометот од данок на додадена вредност.
Ако вршителот на прометот, обврзник за данокот на додадена вредност не ги исполнил условите утврдени во оваа уредба со законска сила, истиот е должен да пресмета данокот на додадена вредност на овој промет согласно со Законот за данокот на додадена вредност.
Јавниот интерес на донациите во финансиски средства, добра и услуги, чиј примател на донацијата се буџетските корисници, со цел да се решат состојбите што се предизвикани на територијата на Република Северна Македонија од Коронавирусот COVID 19, се смета за утврден согласно Уредбата со законска сила за примена на Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности (,,Службен весник на РСМ’’бр.103/2020).
За дадена донација на буџетските корисници, која е со цел да се решат состојбите што се предизвикани од Коронавирусот COVID 19, не се спроведува постапка за потврдување на јавен интерес во Министерството за правда. Јавниот интерес за ваквата донацијата се смета за утврден согласно со оваа уредба.
За секоја друга донација во јавните дејности, постапката за потврдување на јавниот интерес се спроведува во хартиена форма или по електронски пат. Барањето за потврдување на јавен интерес се поднесува во хартиена форма или во форма на електронски или дигитализиран документ, а документацијата што се доставува во прилог на барањето, се доставува во хартиена форма или во дигитализирана форма согласно членот 9 од Законот за електронски документи електронска иденти- фикација и доверливи услуги. Барањата и документацијата во прилог на барањето, се доставуваат до архивата на Министерството за правда доколку се поднесуваат во хартиена форма, а доколку се доставуваат во дигитализирана форма се доставуваат до официјалната електронска пошта на Министерството за правда.
За остварување на даночното поттикнување за донација во финансиски средства кон буџетските корисници-приматели на донација, чија цел е да се решат состојбите што се предизвикани на територијата на Република Северна Македонија од Коронавирусот COVID 19, физичкото лице-давател на донацијата, до Управата за јавни приходи, најдоцна до 31 јануари во годината која следи по годината во која ги донирало средствата, доставува Извештај за донирани финансиски средства на буџетски корисник за време на вонредна состојба, на образец „ДЛД-ФЛ-ИД/К19” кон кој приложува копија од договорот за донација, писмена потврда за примена донација, како и доказ за уплатени финан- сиски средства до Управата за јавни приходи преку системот „e-Персонален данок”.
За остварување на даночното поттикнување за донација во финансиски средства, добра и услуги кон буџетските корисници-приматели на донација, чија цел е да се решат состојбите што се предизвикани на територијата на Република Северна Македонија од Коронавирусот COVID 19, правното лице-давател на донацијата, до Управата за јавни приходи доставува даночен биланс кон кој приложува копија од договорот за донација, писмена потврда за примена донација, како и доказ за уплата на средствата. Документацијата се доставува во електронска форма.
Буџетскиот корисник – примател на донација во финансиски средства, добра и услуги, чија цел е да се решат состојбите што се предизвикани на територијата на Република Северна Македонија од Коронавирусот COVID 19, е должен до 31 декември 2020 година, до Управата за јавни приходи да достави извештај по електронски пат и во електронска форма за примени донации согласно оваа уредба со законска сила, кој треба да ги содржи следните податоци: единствениот даночен број, односно единствениот матичен број на граѓанинот, називот, односно името и презимето на да- вателот на донацијата, износот на донацијата во финансиски средства, износот на донацијата во добра и услуги, вкупниот износ на донацијата, бројот и датумот на договорот за донација и бројот и датумот на пот- врдата за примена донација.
За секоја друга донација во јавните дејности која се дава за време на траење на вонредната состојба, постапката за даночно поттикнување со враќање на данокот на додадена вредност се спроведува во хартиена форма или по електронски пат. Барањето за враќање на ДДВ на вршителот на прометот за донацијата и документацијата што се доставува во прилог на барањето се поднесува до Министерството за финансии во хартиена форма или во електронска форма.