...

Финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година

Со Уредбата со законска сила за Финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година (,,Службен весник на РСМ’’ бр.93/2020), се уредуваат условите, начинот и постапката на финансиска поддршка на работодавачите.

  1. На кого се однесува мерката и што опфаќа?

Финансиската поддршка се однесува на секој правен субјект од приватниот сектор кој вработува работници врз основа на договор за вработување, физичко лице кое вработува работници врз основа на договор за вработување и работодавач корисник,согласно со Законот за приватни агенции за вработување.

Предмет на финансиска поддршка е исплатата на платите на работниците кај работодавачот-барател на финансиска поддршка за месеците април и мај 2020 година, во износ најмногу до 14.500 денари месечно по работник, сразмерно на остварените ефективни часови поминати на работа. При што под ефективни работни часови поминати на работи, се мисли на работните часови поминати на работа пред настанување на здравствено-економската криза, односно дали работникот работел на полно вработно време, скратено работно време.

 

  1. На кој начин се остварува финансиската помош?

Барателот на финансиска помош, преку системот е-даноци на Управата за јавни приходи, до 5-ти во месецот за претходниот месец, поднесува Барање за финансиска поддршка за исплатата на платите на работниците. Во Барањето, барателот дава Изјава за исполнетост на условите. Барањето го потврдува во рок од три дена од приемот.

Работодавачот со комплетното барање, за работниците за кои побарува финансиска поддршка, во полето 3.23. од МПИН образецот внесува шифра 619.

По обработка на МПИН образецот, Управата за јавни приходи го информира работодавачот-барател на финансиска поддршка за вкупниот износ на финансиската поддршка што ќе биде исплатена за соодветниот месец.

Износот на финансиска поддршка се исплатува до 13-ти во месецот за претходниот месец, на сметка на работодавачот-барател на финансиска поддршка кој ги исполнил условите од уредбата.

 

  1. Кои услови треба да ги исполни барателот за да може да ја оствари финансиската помош?

Барателот треба да ги исполни следните услови:

намалувањето на вкупните приходи на работодавачот-барател на финансиска поддршка во месец април 2020 година или во месец мај 2020 година да изнесува повеќе од 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени во 2019 година, а за работодавачбарател на финансиска поддршка кој е запишан во соодветен регистар (основан) после месец март 2019 година, вкупните приходи за месец април 2020 година или месец мај 2020 година да се помали за најмалку 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени од денот на запишувањето во соодветен регистар во 2019 година и месеците јануари и февруари 2020 година. За работодавачот-барател на финансиска поддршка кој врши дејност од сезонски карактер, намалувањето на просечните приходи за последниот сезонски период од 4 месеци споредено со просечните приходи за сезонскиот период од истите 4 месеци во претходната година да изнесува повеќе од 30%,

-работодавачот-барател на финансиска поддршка да не исплатува дивиденда на сопствениците,како и да нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на работодавачот-барател на финансиска поддршка, од денот на влегувањето во сила на оваа уредба, до денот исплатата на платата за месец јуни 2020 година и

-за месецот за кој се бара финансиска поддршка, најмногу 10% од вкупниот број на вработени кај работодавачот – барател на финансиска поддршка да имаат поединечна месечна нето плата над 120.000 денари месечно по вработен.

 

  1. Во кои случаи барателот не може да користи финансиска помош за работник?

Согласно одредбите на Уредбата, барателот не може да користи финансиска помош за работник доколку:

а)            работникот за периодот декември 2019 година, јануари 2020 година и февруари 2020 година, остварил нето плата повисока од 39.900 денари за секој месец одделно, сразмерно на часовите на пријавено работно време,

б)           користи субвенционирање согласно со Уредбата со Законска сила за субвенционирање на износ за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба.

в) користи ослободување од плаќање на данокот на личен доход и придонеси од задолжително социјално осигурување, согласно со Законот за вработувањето и

осигурување во случај на невработеност и

г) работодавач за работник со дополнителна работа, согласно членот 121 од Законот за работните односи                .

 

  1. Дали финансиска помош може да користи основач односно сопственик на барателот – работодавач?

Мерката не се однесува на сопстсвеник/основач на работодавачот-барател на финансиска поддршка, управител, прокурист, односно застапник по закон и членовите на органите на управување и надзор на работодавачот-барател на финансиска поддршка. Исто така не се однесува на органи, институции, агенции и други субјекти на државна власт како и на приватни агенции за вработување за работници кои ги отстапиле на работодавачи од државна власт.

 

  1. Дали Уредбата предвидува обврски за задржување на вработените за кои се користи финансиска помош?

За времетраење на финансиската поддршка согласно со оваа Уредба и четири месеци после нејзиното престанување (заклучно со месец септември 2020 година), работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати има обврска да го задржи истиот број на вработени што го имал за месецот за кој побарал финансиска поддршка за исплата на платите, намален за бројот на вработени заради пензионирање или смртна работник. Бројот на вработени што работодавачот корисник на финансиска поддршка треба да го задржи ги вклучува вработените на неопределено време, вработените на определено време и вработените со работно време пократко од полното работно време.

 

  1. Дали средствата на финансиска помош се неповратни или работодавачите треба да ги вратат во Буџетот на РСМ?

Работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати има обврска да ги врати добиените финансиски средства во целост, заедно со камата за јавни давачки, доколку по извршена контрола од страна на Управата за јавни приходи и/или Државниот инспекторат за труд се утврди дека работодавачот не ги исполнил потребните услови за користење на оваа мерка предвидени со Уредбата.

Работодавачот кој го искористил правото на финансиска поддршка за исплата на плати, има обврска примените финансиски средства ги врати во Буџетот на Република Северна Македонија, но најмногу до износот од 50% од остварениот финансиски резултат за 2020 година зголемен за износот на оданочивите расходи и помалку искажаните приходи од Даночниот биланс, односно за вршителите на дејност,за износот на искажаниот финансиски резултат пред оданочување во Билансот на приходи и расходи (образец Б), зголемен за непризнаените расходи за даночни цели од Годишниот даночен биланс за утврдување на данокот на доход од вршење на самостојна дејност. Враќањето на износот ќе се изврши на три месечни рати, без камата, во месеците април, мај и јуни 2021 година.

Последно објавени