...

Субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување

Владата на Република Северна Македонија донесе Уредба со законска сила за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба, објавена во ,,Службен весник на РСМ’’ бр.92/2020, со која се уредуваат условите, начинот и постапката на субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување, за месеците април, мај и јуни 2020 година.

На работодавач, за секој осигуреник, за месеците април, мај и јуни 2020 година, му се субвенционира износ за исплата на придонеси за задолжително социјално осигурување во висина од 50% од пресметаните придонеси од задолжително социјално осигурување од страна на обврзникот, но најмногу до 50% од придонесите од задолжително социјално осигурување пресметани на просечната бруто плата по работник во Република Северна Македонија, според податоците на Државниот завод за статистика објавена за месец  јануари 2020 година.

За користење на субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување, работодавачот треба да ги исполни следните услови:

а) намалувањето на вкупните приходи во месец април 2020 година, во месец мај 2020 или во месец јуни 2020 година, да изнесува повеќе од 30% во однос на просечните вкупни приходи на месечно ниво остварени во 2019 година, а за работодавач кој е запишан во соодветен регистар (основан) по месец март 2019 година, вкупните приходи за месец април 2020 година, месец мај 2020 и месец јуни 2020 година да се помали за најмалку 30% во однос на просечните вкупни приходи на месечно ниво остварени од денот на запишувањето во соодветен регистар во 2019 година и месеците јануари и февруари 2020 година. За работодавачот кој врши дејност од сезонски карактер, намалувањето на просечните приходи за последниот сезонски период од четири месеци споредено со просечните приходи за сезонскиот период од истите четири месеци во претходната година да изнесува повеќе од 30%;

б) бројот на вработени кај работодавачот кој побарува финансиска поддршка, земајќи ги во предвид и вработените преку приватна агенција за вработување, да не е намален за месец април, мај и јуни 2020 година  во однос на бројот на вработени со состојба на 31 март 2020 година, освен во случај на пензионирање или смрт;

в) да не исплатува дивиденда на сопствениците, како и да нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на работодавачот, од денот на влегувањето во сила на оваа уредба, до денот на поднесување на годишна сметка/финансиски извештаи за 2020 година.

Субвенционирање на износот за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување, не може да се оствари доколку работодавачот користи финансиска поддршка заради исплата на нето плата во износ од најмногу 14.500 денари месечно по работник за месеците април и  мај   2020 година согласно Уредбата  со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено – економската  криза предизвикана од вирусот COVID-19,  заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година.

Субвенционирање на  исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување не може да се користи за вработен за кој работодавачот  користи субвенционирање согласно Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата.

За остварување на правото, работодавачот поднесува Барање за субвенционирање на износ за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување до Управата за јавни приходи. Кон Барањето, работодавачот приложува Изјава од застапникот по закон за исполнетоста на условите утврдени во уредбата и истото го поднесува преку системот Е-даноци на Управата за јавни приходи. Управата за јавни приходи го потврдува комплетното барање во рок од пет дена од денот на неговото доставување.

Обврзникот во Месечната пресметка за интегрирана наплата (МПИН образец), што ја поднесува до Управата за јавни приходи, за осигуреникот за коj бара субвенционирање на плаќањето на придонеси во полето 3.23 внесува шифра 620.

Управата за јавни приходи, за осигурениците за кои е одобрено субвенционирање, го намалува износот на обврската за плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување за износот на одобреното субвенционирање на придонесите.

Износот на одобрените субвенции на придонеси во претходниот месец го уплатува Министерството за труд и социјална политика на посебни сметки за придонеси од задолжително социјално осигурување, најдоцна во рок од 10 дена по прием на податоците од страна на Управата за јавни приходи.

Работодавачот кој користел субвенција за исплата на придонеси за задолжително социјално осигурување должен е да ги врати добиените финансиски средства во целост, доколку по извршена контрола од страна на Управата за јавни приходи и/или Државниот инспекторат за труд, се утврди дека работодавачот не ги исполнил условите од оваа уредба со законска сила, врз основа на решение за утврдена неправилност.

Работодавачот  кој го искористил правото на субвенционирање за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување, должен е  примените финансиски средства да ги врати во Буџетот на Република Северна Македонија, но најмногу до износот од 50% од остварениот финансиски резултат за 2020 година зголемен за износот на оданочивите расходи и помалку искажаните приходи од Даночниот биланс; остварениот финансиски резултат од Билансот науспех (добивка пред оданочување) за 2020 година за обврзниците кои се во режимот на годишен данок на вкупен приход; износот на искажаниот финансиски резултат пред оданочување во образецот Б, зголемен за непризнаените расходи за даночни цели од Годишниот даночен биланс за утврдување на данокот на доход од вршење на самостојна дејност.

Последно објавени