...

Со Уредбата со законска сила за финансиска поддршка за спортисти, стручни лица од областа на спортот и спортска администрација за време на вонредна состојба (,,Службен весник на РСМ’’ бр.90/2020), се уредуваат условите, начинот и постапката за финансиска поддршка за спортисти, стручни лица од областа на спортот и спортска администрација за месеците април и мај 2020 година.

Финансиската поддршка на спортисти, стручни лица од областа на спортот и спортската администрација, согласно одредбите на Уредбата, ќе се спроведува преку Агенцијата за млади и спорт со средства обезбедени од Буџетот на Северна Република Македонија.

Предмет на финансиска поддршка е исплата на финансиски средства за месеците април и мај 2020 година, во месечен износ од 14.500 денари.

Корисник на финансиска поддршка согласно оваа уредба може да биде спортист, стручно лице од областа на спортот и спортска администрација кое:

– е државјанин на Република Северна Македонија;

– е вработено на неопределно или определено време или ангажирано со договор на дело, авторски договор или друг договор со кој лицето е повремено или привремено ангажирано за извршување на работа (во натамошниот текст: договор за работа) во спортски клубови и национални спортски федерации, кои имаат решение за вршење дејност спорт, во натпреварувачката 2019/2020 година, од 1 септември 2019 година;

– за месец декември 2019 година и јануари и февруари 2020 година, не остварило нето плата и/или надоместок врз основа на договор за работа во спортски клубови и национални спортски федерации повисок од 39.900 денари за секој месец одделно, согласно склучените договори и извршените исплати за истиот период и

– не е вработено или ангажиран со договор за работа во друг правен субјект во месец април и мај 2020 година според евиденцијата на Агенција за вработување на Република Северна Македонија.