Со Уредбата со законска сила за примена на Законот за работните односи донесена од Владата на Република Северна Македонија, објавена со ,,Службен весник на РСМ бр.90/2020’’, се определува дека роковите во кои согласно Законот за работните односи, во случај на мирување на правата и обврските од договорот за вработување и мирување на работен однос на работник упатен на работа во странство и на брачниот другар, работникот има право да се врати на работа, престануваат да течат за време на траење на вонредната состојба и се продолжуваат за 15 дена од денот на истекот на траењето на вонредната состојба.
Воедно, се утврдува дека работниците вработени во приватниот сектор опфатени од времените мерки за заштита од ширење и превенција од COVID-19 неискористениот дел од годишниот одмор, односно неискористениот годишен одмор од календарската 2019 година треба да го искористат до 31 мај 2020 година, согласно потребите на работниот процес и одобрение на работодавачот. Додека делот од годишниот одмор за 2020 година кој мора да се искористи во траење од две непрекинати работни недели треба да го искористат до 30 јуни 2020 година, исто согласно потребите на работниот процес и одобрение на работодавачот.
Уредбата содржи одредби и за отсуството од работа на работничка поради бременост, раѓање и родителство и посвојување , односно определува дека ваквиот вид на отсуство продолжува да тече и надоместокот на плата продолжува да се исплаќа до истекот на траењето на времените мерки за заштита од ширење и превенција од Корона вирус COVID- 19.
Со Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на самостојните уметници за време на вонредна состојба (,,Службен весник на РСМ’’ бр.90/2020), се уредува финансиска поддршка за месеците април и мај 2020 година во месечен износ од 14.500,00 денари.
На самостојните уметници кои согласно член 16 став (3) од Законот за културата („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/98, 49/03, 82/05, 24/07, 116/10, 47/11, 51/11, 136/12, 23/13, 187/13, 44/14, 61/15, 154/15, 39/16 и 11/18), се стекнале со право на доделување на месечни надоместоци од Буџетот на Министерството за култура за 2020 година во висина на средствата за придонеси за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување и за персонален данок на доход, им се доделува финансиска поддршка во износ од 14.500,00 денари за месеците април и мај 2020 година.
Со Уредбата со законска сила за финансиска поддршка за спортисти, стручни лица од областа на спортот и спортска администрација за време на вонредна состојба (,,Службен весник на РСМ’’ бр.90/2020), се уредуваат условите, начинот и постапката за финансиска поддршка за спортисти, стручни лица од областа на спортот и спортска администрација за месеците април и мај 2020 година.
Финансиската поддршка на спортисти, стручни лица од областа на спортот и спортската администрација, согласно одредбите на Уредбата, ќе се спроведува преку Агенцијата за млади и спорт со средства обезбедени од Буџетот на Северна Република Македонија.
Предмет на финансиска поддршка е исплата на финансиски средства за месеците април и мај 2020 година, во месечен износ од 14.500 денари.
Корисник на финансиска поддршка согласно оваа уредба може да биде спортист, стручно лице од областа на спортот и спортска администрација кое:
– е државјанин на Република Северна Македонија;
– е вработено на неопределно или определено време или ангажирано со договор на дело, авторски договор или друг договор со кој лицето е повремено или привремено ангажирано за извршување на работа (во натамошниот текст: договор за работа) во спортски клубови и национални спортски федерации, кои имаат решение за вршење дејност спорт, во натпреварувачката 2019/2020 година, од 1 септември 2019 година;
– за месец декември 2019 година и јануари и февруари 2020 година, не остварило нето плата и/или надоместок врз основа на договор за работа во спортски клубови и национални спортски федерации повисок од 39.900 денари за секој месец одделно, согласно склучените договори и извршените исплати за истиот период и
– не е вработено или ангажиран со договор за работа во друг правен субјект во месец април и мај 2020 година според евиденцијата на Агенција за вработување на Република Северна Македонија.
Согласно одредбите на Уредбата со законска сила за примена на Законот за облигационите односи за време на вонредба состојба донесена од Владата на Република Македонија, објавена во ,,Службен весник на РСМ бр.89’’, висината на стапката на казнената камата за време на траење на вонредната состојба се определува на месечно ниво и тоа во висина на каматната стапка од основниот инструмент од операциите на отворен пазар на Народната банка на Република Северна Македонија (референтна стапка), што важела на последниот ден од претходниот месец, зголемена за пет процентни поени во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право, односно зголемена за четири процентни поени во договорите во кои барем едното лице не е трговец (законска казнена камата).
Кога паричната обврска е изразена или определена во странска валута, стапката на казнената камата се определува за секој месец, и тоа во висина на едномесечна стапка на Еурибор за евра што важела на последниот ден од претходниот месец, зголемена за пет процентни поени во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право, односно зголемена за четири процентни поени во договорите во кои барем едното лице не е трговец (законска казнена камата).
При пресметката на казнената камата се користи последната референтна стапка утврдена и објавена на веб страницата од Народната банка на Република Северна Македонија.
Определената висина на стапката на казнената камата, како и перидот и начинот на пресметка, нема да влијае на стапката, перидот и начинот на пресметка на договорната камата во договорите во кои барем едното лице не е трговец, склучени пред стапување на сила на оваа Уредба.
Согласно одредбите на Уредбата со законска сила за примена на Законот за лизинг за време на вонредна состојба (,,Службен весник на РСМ’’ бр.90/2020), ) во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година физичките лица кои се корисници на финансиски лизинг по договорите за финансиски лизинг кои се склучени заклучно со 31 март 2020 година ги плаќаат обврските на месечен ануитет намален за најмалку 70% од редовниот месечен ануитет, а давателите на финансиски лизинг не смеат да пресметуваат и наплатуваат надоместоци, трошоци провизии и/или казнени камати.
Во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година давателите на финансиски лизинг можат да ги менуваат и другите услови од договорите само заради олеснување на условите.
На корисниците на финансиски лизинг кои во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година редовно ќе ги отплаќаат обврските по договорите за финансиски лизинг, без оглед дали го користат горе наведеното право, давателите на финансиски лизинг можат да им дадат поволности во однос на отплатата на обврските.
При промена на условите, давателите на финансиски лизинг доставуваат понуда до физичките лица корисници на финансиски лизинг за начинот на промена на договорни услови на кредитни изложености кај банките и штедилниците
Договорите за финансиски лизинг што ќе се склучат во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година можат по барање на корисниците на лизинг да се склучат со грејс период од три месеци. Во грејс периодот давателот на финансиски лизинг може да пресметува само договорна камата.
Согласно одредбите на Уредбата, давателите на финансиски лизинг се должни во рок од пет дена од денот на влегување во сила на уредбата, да донесат интерен акт за спроведување на оваа уредба со законска сила.