...

Со Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот Covid-19, заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 111/2020), се променуваат условите за користење на мерката.

Предмет на финансиска поддршка е исплатата на платите на работниците кај работодавачот-барател на финансиска поддршка за месеците април и мај 2020 година, во износ најмногу до 14.500 денари месечно по работник, согласно со работното време (полно или неполно работно време) на кое е пријавен работникот, намалено за работното време за кое работникот остварува надоместок на плата кој не паѓа на товар на работодавачот. Во Барањето, работодавачот-барател на финансиска поддршка дава Изјава за исполнетоста на условите  утврдени во Уредбата. Составен дел на Барањето е задолжителен Прашалник според стандардите на Светска Банка со кој се утврдува можноста за финансирање на финансиската поддршка од средства обезбедени од Светска Банка и истиот не претставува предуслов за добивање на финансиска поддршка од буџетски средства. Работодавачот со комплетното Барање, за работниците за кои побарува финансиска поддршка, во полето 3.4б. од МПИН образецот внесува шифра 5000. Работодавачот кој истовремено може да користи друга мерка за субвенционирање на социјалните придонеси и/или данок на доход во полето 3.23 од МПИН образецот ја внесува соодветната шифра за ослободување и истата ја комбинира (користи истовремено) со шифрата 5000. После обработка на МПИН образецот, Управата за јавни приходи го информира работодавачот-барател на финансиска поддршка за вкупниот износ на финансиската поддршка што ќе биде исплатена за соодветниот месец.

За користење на финансиската поддршка, работодачот-барател на финансиска поддршка треба да ги исполни следните услови:

  1. a) намалувањето на вкупните приходи намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење на работодавачот-барател на финансиска поддршка остварени во месец април 2020 година или во месец мај 2020 година да изнесува повеќе од 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи намалени за одделни еднократни приходи кои непроизлегуваат од редовното работење остварени во 2019 година, а за работодавач-барател на финансиска поддршка кој е запишани во соодветен регистар (основање) после месец март 2019 година, намалувањето на вкупните приходи намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење на работодавачот-барател на финансиска поддршка остварени за месец април 2020 година или месец мај 2020 година да изнесува повеќе од 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење на работодавачот-барател на финансиска поддршка остварени од денот на запишувањето во соодветен регистар во 2019 година и месеците јануари и февруари 2020 година. За работодавачот-барател на финансиска поддршка кој врши дејност од сезонски карактер, намалувањето на просечните вкупни приходи намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење на работодавачотбарател на финансиска поддршка остварени за последниот сезонски период од 4 месеци споредено со просечните вкупни приходи намалени за одделните еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење на работодавачот-барател на финансиска поддршка остварени за сезонскиот период од истите 4 месеци во претходната година да изнесува повеќе од 30%,

б) работодавачот-барател на финансиска поддршка да не исплатува дивиденда на сопствениците, како и да нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на работодавачот-барател на финансиска поддршка, од денот на влегувањето во сила на оваа уредба, до денот исплатата на платата за месец мај 2020 година и

в) најмногу 10% од вкупниот број на вработени кај работодавачот-барател на финансиска поддршка да имаат поединечна месечна нето плата над 120.000 денари месечно по вработен, за месецот за кој се бара финансиска поддршка.

Работодавач-барател на финансиска поддршка не може да користи финансиска поддршка за работник доколку:

а) нето платата на работникот за последните три месеци пред поднесување на Барањето од е повисока од 39.900 денари за секој месец одделно, сразмерно на часовите на пријавено работно време (полно или неполно работно време) или доколку засновал работен однос за време пократко од три месеци, нето платата на работникот е повисока од 39.900 денари за секој месец одделно за периодот за кој е пријавен во работен однос, сразмерно на часовите на пријавено работно време (полно или неполно работно време),

б) користи субвенционирање согласно со Уредбата со Законска сила за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба, освен работодавач коj врши дејност наведена согласно со Националната класификација на дејности – НКД Рев. 2: угостителска дејност (шифра 56 – дејности за подготовка и служење на храна), туризам (шифра 79 – туристички агенции организатори на патувања (туроператори) и останати резервациски услуги како и дејностите поврзани со нив и шифра 55 – објекти за сместување) и транспорт (шифра 49 – копнен транспорт и цевоводен транспорт, шифра 50 – воден транспорт, шифра 51 – воздухопловен транспорт и 52 – складирање и помошни дејности во превозот) кој за 2018 и 2019 година нема искажано загуба после оданочување и нема неплатени јавни давачки (данок на додадена вредност, данок на добивка, данок на личен доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, како и акцизи и царини) согласно со објавената Листа на должници на доспеани и неплатени долгови бр. 03/2020 на веб страната на Управата за јавни приходи и заклучно со 29 февруари 2020 година не доцнел со плаќање на обврските по основ на кредити подолго од 90 дена од денот на достасаноста, согласно со податоците за задолженост од соодветен јавен регистар/биро.

в) користи ослободување од плаќање на данокот на личен доход и придонеси од задолжително социјално осигурување, согласно со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност (за мерките од проектот „Македонија вработува“) и г) вработува работник за дополнително работење, согласно со членот 121 од Законот за работните односи.

Работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати има обврска да ги врати добиените финансиски средства во целост, заедно со камата согласно со Законот за даночната постапка, доколку по извршена контрола од страна на Управата за јавни приходи и/или Државниот инспекторат за труд се утврди дека работодавачот не ги исполнил условите оваа уредба со законска сила.

За времетраење на финансиската поддршка согласно со оваа уредба со законска сила и два месеци после нејзиното престанување (заклучно со месец јули 2020 година) бројот на вработени кај работодавачот кој користи финансиска поддршка за исплата на плати, со исклучок на пензионираните и починати работници, во однос на бројот на вработени во месец март 2020 година, не смее да се намали за повеќе од: – 15% кај работодавач кој имал до 50 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка, – 10% кај работодавач кој имал од 51 до 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка и – 5% кај работодавач кој имал над 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка. Ако намалениот број на вработени пресметан на наведениот  начин е нецел број, бројот се заокружува на првиот поголем цел број. Бројот на вработени што работодавачот корисник на финансиска поддршка треба да го задржи ги вклучува вработените на неопределено време, определено време и вработените со работно време пократко од полното работно време.

Работодавачот кој го искористил правото на финансиска поддршка за исплата на плати, има обврска примените финансиски средства да ги врати во Буџетот на Република Северна Македонија, но најмногу до износот од 50% од остварениот финансиски резултат пред оданочување за 2020 година зголемен за износот на оданочивите расходи и помалку искажаните приходи во Даночниот биланс за обврзниците на данокот на добивка; за обврзниците на годишниот данок на вкупен приход, најмногу до износот од 50% од финансискиот резултат пред оданочување искажан во Билансот на успех за 2020 година, односно за вршителите на дејност, најмногу до износот од 50% од износот на искажаниот финансиски резултат пред оданочување во Билансот на приходи и расходи (образец Б) за 2020 година, зголемен за непризнаените расходи за даночни цели во годишниот Даночен биланс за утврдување на данокот на доход од вршење на самостојна дејност.

Работодавачот кој го искористил правото на финансиска поддршка за исплата на плати и кој не искажал даночна основа за оданочување во Даночниот биланс, износот на примена финансиска поддршка за исплата на плати нема да ја врати во Буџетот на Република Северна Македонија, доколку нема обврски по основ на неплатени даноци и придонеси.

За целите на пресметувањето на износот за враќање на примената финансиска поддршка за исплата на плати, работодавачот кој го искористил правото на финансиска поддршка за исплата на плати поднесува Барање за пресметување на износот за враќање на примената финансиска поддршка за исплата на плати до Управата за јавни приходи.

Враќањето на износот ќе се изврши на три месечни рати, без камата, во месеците април, мај и јуни 2021 година.

Финансиската поддршка за исплата на плати е неповратна за работодавач-корисник на финансиска поддршка кој вработува до 250 вработени, кој:

во последните 2 години искажал добивка после оданочување,

не се наоѓа на листата на должници согласно со последната објавена Листа на должници на доспеани и неплатени долгови на Управата за јавни приходи на денот на поднесување на барањето,

заклучно со 29 февруари 2020 година не доцнел со плаќање на обврските по основ на кредити подолго од 90 дена од денот на достасаноста, согласно со податоците за задолженост од соодветен јавен регистар/биро,

– ќе докаже дека финансиските средства во износ еднаков или поголем од износот на добиена финансиска поддршка ги искористил за:

а) инвестиции во вработени: – обука на вработените во области како што се маркетинг и брендирање, финансиско управување, подобрување на производството, истражување и развој, дигитални вештини и надградба и слични обуки, – обука на вработените за управување како што е бизнис менаџмент, стратегија, корпоративно управување или која било активност дефинирана под обука на вработените за целите на вршење на дејноста.

б) оперативни подобрувања на компанијата: – набавки поврзани со надградба на производството (на пр. подобрување на производство и дизајнирање на процеси), маркетинг и брендирање, промена на деловниот модел, дигитална трансформација (автоматизација, онлајн трговија), нова експанзија на пазарот, развој на нов производ и слични набавки, – воведување на акредитирани нови стандарди, набавки на патенти, авторски права, трговски марки и други права од интелектуална сопственост,

в) продуктивен капитал: – набавки на опрема и други средства кои се користат за подобрување на ефикасноста и продуктивноста на работењето, опрема поврзана со производството, компјутери и друга соодветна опрема, софтвер, опрема за транспорт и слични набавки во функција на вршење на дејноста.

Работодавачот-корисник на финансиска поддршка кој ги исполнил условите до Управата за јавни приходи доставува Барање за претворање на финансиската поддршка за исплата на плати во грант најдоцна до рокот за поднесување на даночниот биланс за 2020 година, со приложување на фактури за извршените набавки од ставот 5 на овој член и изводи од носител на платен промет како доказ за извршеното плаќање на фактурите. Кон Барањето за претворање на финансиската поддршка за исплата на плати во грант, работодавачот-корисник на финансиска поддршка до Управата за јавни приходи доставува Уверение за платени даноци и придонеси.

Управата за јавни приходи на својот веб портал известува дека согласно “Одлуката за изменување и дополнување на одлуката за условите и критериумите за репласирање на средствата од компензационите фондови од странска помош („Службен весник на РСМ“, бр.105 од 21.04.2020 година), како еден од критериумите за користење на средствата од Компензационите фондови од странска помош за директно кредитирање на микро, мали и средни претпријатија од сите дејности, наведено е кредитобарателите да немаат неплатени даноци и придонеси, освен ако на истите им е одобрено одложено плаќање на даноците и придонесите во согласност со посебните прописите од областа на даноците и истите редовно ги плаќаат заклучно со 31.01.2020 година.

Барањето за издавање на Уверение за платени даноци и придонеси заклучно со 31.01.2020 година, се поднесува исклучиво електронски преку системот е-Даноци.

Странките ќе може да го подигнат Уверението во точно определено време на повик од УЈП преку е-пошта или телефон.

Корисни информации:

Барање за издавање на Уверение за платени даноци и придонеси

http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/100

е-Даноци

https://etax-fl.ujp.gov.mk

Развојна банка на Северна Македонија распиша Јавен повик за поднесување на апликации за директно кредитирање на микро, мали и средни претпријатија регистрирани во Република Северна Македонија од  Компензационите фондови од странска помош. Вкупниот износ на расположиви средства за овој јавен повик изнесува 492.000.000,00 денари. Кредитната линија е наменета за микро, мали и средни претпријатија од најпогодените сектори.

Износот на кредит којшто се одобрува во зависност од бројот на вработени. Кредитобарателот може да аплицира и да му се одобри максимален износ на кредит пресметан по следната формула:

14.500 денари х 3 месеци х број на вработени

Максимален износ на кредит кој ќе биде одобрен на кредитокорисникот не може да биде повисок од 5.535.000 денари, а минималниот износ на кредитот не може да биде под 184.500 денари.

Исклучок од начинот на пресметка на максималниот износ на кредит се:

– претпријатија до 5 вработени кои може да аплицираат за кредит од 184.500 денари и

– претпријатија со вработени од 128 до 250 вработени коишто може да аплицираат за кредит за износ до 5.535.000   денари.

Рок на отплата до 3 (три) години со вклучен грејс период до 12 (дванаесет) месеци. Отплатата на кредитот од страна на кредитокорисникот ќе се врши квартално.

Јавниот оглас е објавен на 24.04.2020 год. и ќе трае 15 дена сметано од 29.04.2020 год., 00:01, односно во овој  период можат да се доставуваат апликациите/кредитните барања по принципот прв дојден прв услужен.

Јавниот повик може да го погледнете на следниот линк:

https://www.mbdp.com.mk/mk/vesti/635-1-covid2

Со Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за данокот на додадена вредност за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 102/2020), се утврдува ослободување од данок на додадена вредност на прометот на добра и услуги кои како донација се дадени на буџетски корисник за справување со Коронавирусот Covid-19.

За стекнување на правото на ослободување од данокот на додадена вредност, давателот на донацијата треба да обезбеди потврда од страна на буџетскиот корисник за примената донација пропишана во Правилникот за формата, содржината и начинот на издавање на писмена потврда за донации во јавните дејности. Потврдата може да биде разменета меѓу давателот на донацијата и примателот на донацијата во електронска форма и по електронски пат (pdf и сл. формат, кој може да се отпечати) или во хартиена форма.

Давателот на донацијата води евиденција за дадената донација по примател на донација, број на потврда за примена донација, договор за донација, краток опис на донацијата и вредност на дадената донација во финансиски средства, добра и услуги.

Се ослободува од данок на додадена вредност, прометот на добра и услуги извршен кон буџетски корисник заради справување со Коронавирусот COVID 19 кој се плаќа со финансиски средства од примени донации на буџетски корисник.

За ослободувањето од ДДВ на прометот, вршителот на промет треба да обезбеди изјава од буџетскиот корисник во која изјавува под целосна кривична и материјална одговорност дека прометот се плаќа со донирани финансиски средства. Вршителот на прометот води евиденција за прометот на добра и услуги кон буџетскиот корисник.

За прометот на добра и услуги кои како донација се дадени на буџетски корисник, како и за прометот на добра и услуги извршен кон буџетски корисник кој се плаќа со финансиски средства од примени донации на буџетски корисник, вршителот на промет во фактурата го наведува основот за ослободувањето на прометот од данок на додадена вредност.

Ако вршителот на прометот, обврзник за данокот на додадена вредност не ги исполнил условите утврдени во оваа уредба со законска сила, истиот е должен да пресмета данокот на додадена вредност на овој промет согласно со Законот за данокот на додадена вредност.

Јавниот интерес на донациите во финансиски средства, добра и услуги, чиј примател на донацијата се буџетските корисници, со цел да се решат состојбите што се предизвикани на територијата на Република Северна Македонија од Коронавирусот COVID 19, се смета за утврден согласно Уредбата со законска сила за примена на Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности  (,,Службен весник на РСМ’’бр.103/2020).

За дадена донација на буџетските корисници, која е со цел да се решат состојбите што се предизвикани од Коронавирусот COVID 19, не се спроведува постапка за потврдување на јавен интерес во Министерството за правда. Јавниот интерес за ваквата донацијата се смета за утврден согласно со оваа уредба.

За секоја друга донација во јавните дејности, постапката за потврдување на јавниот интерес се спроведува во хартиена форма или по електронски пат. Барањето за потврдување на јавен интерес се поднесува во хартиена форма или во форма на електронски или дигитализиран документ, а документацијата што се доставува во прилог на барањето, се доставува во хартиена форма или во дигитализирана форма согласно членот 9 од Законот за електронски документи електронска иденти- фикација и доверливи услуги. Барањата и документацијата во прилог на барањето, се доставуваат до архивата на Министерството за правда доколку се поднесуваат во хартиена форма, а доколку се доставуваат во дигитализирана форма се доставуваат до официјалната електронска пошта на Министерството за правда.

За остварување на даночното поттикнување за донација во финансиски средства кон буџетските корисници-приматели на донација, чија цел е да се решат состојбите што се предизвикани на територијата на Република Северна Македонија од Коронавирусот COVID 19, физичкото лице-давател на донацијата, до Управата за јавни приходи, најдоцна до 31 јануари во годината која следи по годината во која ги донирало средствата, доставува Извештај за донирани финансиски средства на буџетски корисник за време на вонредна состојба, на образец „ДЛД-ФЛ-ИД/К19” кон кој приложува копија од договорот за донација, писмена потврда за примена донација, како и доказ за уплатени финан- сиски средства до Управата за јавни приходи преку системот „e-Персонален данок”.

За остварување на даночното поттикнување за донација во финансиски средства, добра и услуги кон буџетските корисници-приматели на донација, чија цел е да се решат состојбите што се предизвикани на територијата на Република Северна Македонија од Коронавирусот COVID 19, правното лице-давател на донацијата, до Управата за јавни приходи доставува даночен биланс кон кој приложува копија од договорот за донација, писмена потврда за примена донација, како и доказ за уплата на средствата. Документацијата се доставува во електронска форма.

Буџетскиот корисник – примател на донација во финансиски средства, добра и услуги, чија цел е да се решат состојбите што се предизвикани на територијата на Република Северна Македонија од Коронавирусот COVID 19, е должен до 31 декември 2020 година, до Управата за јавни приходи да достави извештај по електронски пат и во електронска форма за примени донации согласно оваа уредба со законска сила, кој треба да ги содржи следните податоци: единствениот даночен број, односно единствениот матичен број на граѓанинот, називот, односно името и презимето на да- вателот на донацијата, износот на донацијата во финансиски средства, износот на донацијата во добра и услуги, вкупниот износ на донацијата, бројот и датумот на договорот за донација и бројот и датумот на пот- врдата за примена донација.

За секоја друга донација во јавните дејности која се дава за време на траење на вонредната состојба, постапката за даночно поттикнување со враќање на данокот на додадена вредност се спроведува во хартиена форма или по електронски пат. Барањето за враќање на ДДВ на вршителот на прометот за донацијата и документацијата што се доставува во прилог на барањето се поднесува до Министерството за финансии во хартиена форма или во електронска форма.

1.Дали Уредбата со законска сила за примена на Законот за лизинг за време на вонредна состијба значи дека треба да се намалат каматните стапки за сите нови финансиски лизинг договори од 03.04?

Во однос на новите договори кои ќе се склучат во периодот од 01.04 до 30.06, уредбата не утврдува намалување на каматните стапки. Во однос на овие договори предвидува можност  по барање на корисниците на лизинг, договорите да се склучат со грејс период од три месеци, при што во времетраење на грејс периодот давателот на лизинг може да пресметува само договорна камата.

2.На кого се однесува уредбата?

Уредбата се однесува на физичките и правните лица, како и солидарните должници и заложните должници врз основа на договори за финансиски лизинг.

3.Дали треба ретроактивно да се менува нешто во однос на постоечките договори склучени до 31.03.2020?

Во однос на договорите склучени до 31.03.2020, согласно одредбите на Уредбата, се утврдува физичките и правните лица во период од 01.04 до 30.06.2020 година, да ги плаќаат обврските на месечен ануитет намален за најмалку 70% од редовниот месечен ануитет, а давателите на финансиски лизинг не смеат да пресметуваат и наплатуваат надоместоци, трошоци провизии и/или казнени камати. Обврските по основ на помалку платени ануитети во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година се одложуваат согласно одобрениот рок за плаќање или рамномерно се распоредуваат во месечните ануитети кои ќе доспеат по 30 јуни 2020 година.

Во однос на другите услови утврдени во постоечките договори, уредбата овозможува давателите на финансиски лизинг ДА МОЖАТ да ги менуваат и другите услови од договорите само заради олеснување на условите.

За промена на условите од договорите за лизинг спрема физичките и правните лица, давателите на финансиски лизинг треба на своите интернет страници да објават известување за понуда за промена на условите за лизинг и/или преку електронска и/или писмена комуникација ги известуваат поединечните должници за понудата.

За физичко лице доколку во рок од 10 дена од приемот на понудата, не го извести давателот на лизинг писмено или електронски дека ја одбива понудата, се смета дека понудата е прифатена, освен доколку во понудата не е поинаку определено.

За правните лица треба во рок од 10 дена од приемот на понудата, да го извести писмено или електронски давателот на лизинг дали ја одбива или прифаќа понудата, во спротивно се смета дека понудата не е прифатена.

Правното дејство на променетите услови од договорите има важност на целокупна договорна пропратна документација (амортизациони планови, трајни налози и друга документација), сите нотарски исправи и обезбедувања (договори за залог владетелски-невладетелски, меници, гаранции, до-говори за осигурување/полиси за осигурување, договори за пристапување кон долг и останати договори забило какво друго обезбедување) и тоа без склучувањена нови договори/анекси кон постоечките договори,нотарските исправи и останатите инструменти на обез-бедување, како и без да се врши промена на веќе запишаните податоци во јавните книги и регистри.

4.Каков ќе биде третманот евентуално врз каматната стапка што дополнително ќе ја калкулираме во грејс периодот за време на мораториумот од 3 месеци?

Ваковото постапување би било спротивно на одредбите на уредбата. Давателот на финансиски лизинг кој нема да постапи согласно со одредбите од оваа уредба со законска сила, Mинистерството за финансии со решение ќе му ја одземе дозволата за основање и работа.

 

Дополнување

Давателите на финансиски лизинг се должни во рок од пет дена од денот на влегување во сила на оваа уредба со законска сила да донесат интерен акт за спроведување на оваа уредбата. Уредбата стапи на сила на 04.04.2020година.

Согласно Уредбата со законска сила за примена на законот за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба (,,Службен весник на РСМ’’ бр. 95/2020), вработените во јавниот сектор кои се работно ангажирани за времетраење на мерките за заштита од ширење и превенција од Коронавирус COVID – 19, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година може да го искористат до 31 мај 2020 го- дина, согласно потребите на работниот процес и врз основа на одобрение на раководното лице на институцијата.

На вработените во јавниот сектор кои се ослободени од извршување на работа и работни задачи, согласно мерките за заштита од ширење и превенција од Коронавирус COVID – 19, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година им се смета за искористен.

Додека, за вработените во Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за одбрана – Армијата на РСМ, Министерството за здравство, јавните здравствени установи во Република Северна Македонија, царинските службеници, инспекциските служби, единиците за противпожарна територијална заштита, мали групни домови и домови за нега на стари лица, кои не се опфатени со горе наведените мерки, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година и делот од годишниот одмор за 2020 година кој мора да се искористи во траење од две непрекинати работни недели, да го искористат до 31 декември 2020 година, согласно потребите на работниот процес и врз основа на одобрение на раководното лице во Министерството.

Со Уредбата со законска сила за Финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година (,,Службен весник на РСМ’’ бр.93/2020), се уредуваат условите, начинот и постапката на финансиска поддршка на работодавачите.

  1. На кого се однесува мерката и што опфаќа?

Финансиската поддршка се однесува на секој правен субјект од приватниот сектор кој вработува работници врз основа на договор за вработување, физичко лице кое вработува работници врз основа на договор за вработување и работодавач корисник,согласно со Законот за приватни агенции за вработување.

Предмет на финансиска поддршка е исплатата на платите на работниците кај работодавачот-барател на финансиска поддршка за месеците април и мај 2020 година, во износ најмногу до 14.500 денари месечно по работник, сразмерно на остварените ефективни часови поминати на работа. При што под ефективни работни часови поминати на работи, се мисли на работните часови поминати на работа пред настанување на здравствено-економската криза, односно дали работникот работел на полно вработно време, скратено работно време.

 

  1. На кој начин се остварува финансиската помош?

Барателот на финансиска помош, преку системот е-даноци на Управата за јавни приходи, до 5-ти во месецот за претходниот месец, поднесува Барање за финансиска поддршка за исплатата на платите на работниците. Во Барањето, барателот дава Изјава за исполнетост на условите. Барањето го потврдува во рок од три дена од приемот.

Работодавачот со комплетното барање, за работниците за кои побарува финансиска поддршка, во полето 3.23. од МПИН образецот внесува шифра 619.

По обработка на МПИН образецот, Управата за јавни приходи го информира работодавачот-барател на финансиска поддршка за вкупниот износ на финансиската поддршка што ќе биде исплатена за соодветниот месец.

Износот на финансиска поддршка се исплатува до 13-ти во месецот за претходниот месец, на сметка на работодавачот-барател на финансиска поддршка кој ги исполнил условите од уредбата.

 

  1. Кои услови треба да ги исполни барателот за да може да ја оствари финансиската помош?

Барателот треба да ги исполни следните услови:

намалувањето на вкупните приходи на работодавачот-барател на финансиска поддршка во месец април 2020 година или во месец мај 2020 година да изнесува повеќе од 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени во 2019 година, а за работодавачбарател на финансиска поддршка кој е запишан во соодветен регистар (основан) после месец март 2019 година, вкупните приходи за месец април 2020 година или месец мај 2020 година да се помали за најмалку 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени од денот на запишувањето во соодветен регистар во 2019 година и месеците јануари и февруари 2020 година. За работодавачот-барател на финансиска поддршка кој врши дејност од сезонски карактер, намалувањето на просечните приходи за последниот сезонски период од 4 месеци споредено со просечните приходи за сезонскиот период од истите 4 месеци во претходната година да изнесува повеќе од 30%,

-работодавачот-барател на финансиска поддршка да не исплатува дивиденда на сопствениците,како и да нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на работодавачот-барател на финансиска поддршка, од денот на влегувањето во сила на оваа уредба, до денот исплатата на платата за месец јуни 2020 година и

-за месецот за кој се бара финансиска поддршка, најмногу 10% од вкупниот број на вработени кај работодавачот – барател на финансиска поддршка да имаат поединечна месечна нето плата над 120.000 денари месечно по вработен.

 

  1. Во кои случаи барателот не може да користи финансиска помош за работник?

Согласно одредбите на Уредбата, барателот не може да користи финансиска помош за работник доколку:

а)            работникот за периодот декември 2019 година, јануари 2020 година и февруари 2020 година, остварил нето плата повисока од 39.900 денари за секој месец одделно, сразмерно на часовите на пријавено работно време,

б)           користи субвенционирање согласно со Уредбата со Законска сила за субвенционирање на износ за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба.

в) користи ослободување од плаќање на данокот на личен доход и придонеси од задолжително социјално осигурување, согласно со Законот за вработувањето и

осигурување во случај на невработеност и

г) работодавач за работник со дополнителна работа, согласно членот 121 од Законот за работните односи                .

 

  1. Дали финансиска помош може да користи основач односно сопственик на барателот – работодавач?

Мерката не се однесува на сопстсвеник/основач на работодавачот-барател на финансиска поддршка, управител, прокурист, односно застапник по закон и членовите на органите на управување и надзор на работодавачот-барател на финансиска поддршка. Исто така не се однесува на органи, институции, агенции и други субјекти на државна власт како и на приватни агенции за вработување за работници кои ги отстапиле на работодавачи од државна власт.

 

  1. Дали Уредбата предвидува обврски за задржување на вработените за кои се користи финансиска помош?

За времетраење на финансиската поддршка согласно со оваа Уредба и четири месеци после нејзиното престанување (заклучно со месец септември 2020 година), работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати има обврска да го задржи истиот број на вработени што го имал за месецот за кој побарал финансиска поддршка за исплата на платите, намален за бројот на вработени заради пензионирање или смртна работник. Бројот на вработени што работодавачот корисник на финансиска поддршка треба да го задржи ги вклучува вработените на неопределено време, вработените на определено време и вработените со работно време пократко од полното работно време.

 

  1. Дали средствата на финансиска помош се неповратни или работодавачите треба да ги вратат во Буџетот на РСМ?

Работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати има обврска да ги врати добиените финансиски средства во целост, заедно со камата за јавни давачки, доколку по извршена контрола од страна на Управата за јавни приходи и/или Државниот инспекторат за труд се утврди дека работодавачот не ги исполнил потребните услови за користење на оваа мерка предвидени со Уредбата.

Работодавачот кој го искористил правото на финансиска поддршка за исплата на плати, има обврска примените финансиски средства ги врати во Буџетот на Република Северна Македонија, но најмногу до износот од 50% од остварениот финансиски резултат за 2020 година зголемен за износот на оданочивите расходи и помалку искажаните приходи од Даночниот биланс, односно за вршителите на дејност,за износот на искажаниот финансиски резултат пред оданочување во Билансот на приходи и расходи (образец Б), зголемен за непризнаените расходи за даночни цели од Годишниот даночен биланс за утврдување на данокот на доход од вршење на самостојна дејност. Враќањето на износот ќе се изврши на три месечни рати, без камата, во месеците април, мај и јуни 2021 година.

Со Уредбата со законска сила за финансиска поддрѓка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, заради исплата на финансиска помош за месеците април и мај 2020 година, објавена во ,,Службен весник на РСМ’’ бр.92/2020, се уредуваат  условите, начинот и постапката на финансиска поддршка на трговец поединец, физичко лице кое врши земјоделска дејност, лице кое врши занаетчиска дејност и лице кое врши услуги, кое остварува доход од вршење дејност и е запишано во соодветен регистар.

Предмет на финансиска поддршка е исплата на финансиски средства  за  месеците април и мај 2020 година, во износ најмногу до 14.500 денари месечно за физичкото лице кое врши дејност. Барател на финансиска поддршка поднесува Барање за финансиска поддршка за исплата на финансиски средства до Управата за јавни приходи.Барањето со приложена Изјава за исполнетост на условите се поднесува преку системот Е-ПДД  на Управата за јавни приходи до 5-ти во месецот за претходниот месец, а комплетноста на Барањето го потврдува Управата за јавни приходи, во рок од 3 дена од денот на приемот на барањето.

Барател на финансиска поддршка треба да ги исполни следните услови:

– намалувањето на вкупните приходи на физичкото лице од вршење на самостојна дејност – барател на финансиска поддршка, во месец март 2020 година да изнесува повеќе од 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени од самостојна дејност во 2019 година,

– за физичко лице кое врши самостојна дејност – барател на финансиска поддршка кое е запишано во соодветен регистар (основан) после месец март 2019 година, вкупните приходи од самостојна дејност, за месец април 2020 година или месец мај 2020 година да се помали за најмалку 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени од самостојна дејност од денот на запишувањето во соодветен регистар во 2019 година и месеците јануари и февруари 2020 година.

– за физичко лице кое врши самостојна дејност – барател на финансиска поддршка, кој врши дејност од сезонски карактер, намалувањето на просечните приходи од самостојна дејност за последниот сезонски период од четири месеци споредено со просечните приходи од самостојна дејност за сезонскиот период од истите четири месеци во претходната година да изнесува повеќе од 30%.

Финансиската поддршка не може да оствари физичко лице вршител на самостојна дејност кое се оданочува по вистински доход и кое во 2019 година на годишно ниво има остварено нето доход пред оданочување во износ поголем од 478.800 денари, односно физичко лица кое врши самостојна дејност и се оданочува според утврден годишен паушален нето доход и кое во 2019 година има утврден годишен паушален нето доход поголем од 478.800 денари.

Владата на Република Северна Македонија донесе Уредба со законска сила за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба, објавена во ,,Службен весник на РСМ’’ бр.92/2020, со која се уредуваат условите, начинот и постапката на субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување, за месеците април, мај и јуни 2020 година.

На работодавач, за секој осигуреник, за месеците април, мај и јуни 2020 година, му се субвенционира износ за исплата на придонеси за задолжително социјално осигурување во висина од 50% од пресметаните придонеси од задолжително социјално осигурување од страна на обврзникот, но најмногу до 50% од придонесите од задолжително социјално осигурување пресметани на просечната бруто плата по работник во Република Северна Македонија, според податоците на Државниот завод за статистика објавена за месец  јануари 2020 година.

За користење на субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување, работодавачот треба да ги исполни следните услови:

а) намалувањето на вкупните приходи во месец април 2020 година, во месец мај 2020 или во месец јуни 2020 година, да изнесува повеќе од 30% во однос на просечните вкупни приходи на месечно ниво остварени во 2019 година, а за работодавач кој е запишан во соодветен регистар (основан) по месец март 2019 година, вкупните приходи за месец април 2020 година, месец мај 2020 и месец јуни 2020 година да се помали за најмалку 30% во однос на просечните вкупни приходи на месечно ниво остварени од денот на запишувањето во соодветен регистар во 2019 година и месеците јануари и февруари 2020 година. За работодавачот кој врши дејност од сезонски карактер, намалувањето на просечните приходи за последниот сезонски период од четири месеци споредено со просечните приходи за сезонскиот период од истите четири месеци во претходната година да изнесува повеќе од 30%;

б) бројот на вработени кај работодавачот кој побарува финансиска поддршка, земајќи ги во предвид и вработените преку приватна агенција за вработување, да не е намален за месец април, мај и јуни 2020 година  во однос на бројот на вработени со состојба на 31 март 2020 година, освен во случај на пензионирање или смрт;

в) да не исплатува дивиденда на сопствениците, како и да нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на работодавачот, од денот на влегувањето во сила на оваа уредба, до денот на поднесување на годишна сметка/финансиски извештаи за 2020 година.

Субвенционирање на износот за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување, не може да се оствари доколку работодавачот користи финансиска поддршка заради исплата на нето плата во износ од најмногу 14.500 денари месечно по работник за месеците април и  мај   2020 година согласно Уредбата  со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено – економската  криза предизвикана од вирусот COVID-19,  заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година.

Субвенционирање на  исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување не може да се користи за вработен за кој работодавачот  користи субвенционирање согласно Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата.

За остварување на правото, работодавачот поднесува Барање за субвенционирање на износ за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување до Управата за јавни приходи. Кон Барањето, работодавачот приложува Изјава од застапникот по закон за исполнетоста на условите утврдени во уредбата и истото го поднесува преку системот Е-даноци на Управата за јавни приходи. Управата за јавни приходи го потврдува комплетното барање во рок од пет дена од денот на неговото доставување.

Обврзникот во Месечната пресметка за интегрирана наплата (МПИН образец), што ја поднесува до Управата за јавни приходи, за осигуреникот за коj бара субвенционирање на плаќањето на придонеси во полето 3.23 внесува шифра 620.

Управата за јавни приходи, за осигурениците за кои е одобрено субвенционирање, го намалува износот на обврската за плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување за износот на одобреното субвенционирање на придонесите.

Износот на одобрените субвенции на придонеси во претходниот месец го уплатува Министерството за труд и социјална политика на посебни сметки за придонеси од задолжително социјално осигурување, најдоцна во рок од 10 дена по прием на податоците од страна на Управата за јавни приходи.

Работодавачот кој користел субвенција за исплата на придонеси за задолжително социјално осигурување должен е да ги врати добиените финансиски средства во целост, доколку по извршена контрола од страна на Управата за јавни приходи и/или Државниот инспекторат за труд, се утврди дека работодавачот не ги исполнил условите од оваа уредба со законска сила, врз основа на решение за утврдена неправилност.

Работодавачот  кој го искористил правото на субвенционирање за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување, должен е  примените финансиски средства да ги врати во Буџетот на Република Северна Македонија, но најмногу до износот од 50% од остварениот финансиски резултат за 2020 година зголемен за износот на оданочивите расходи и помалку искажаните приходи од Даночниот биланс; остварениот финансиски резултат од Билансот науспех (добивка пред оданочување) за 2020 година за обврзниците кои се во режимот на годишен данок на вкупен приход; износот на искажаниот финансиски резултат пред оданочување во образецот Б, зголемен за непризнаените расходи за даночни цели од Годишниот даночен биланс за утврдување на данокот на доход од вршење на самостојна дејност.