Со Уредбата со законска сила за примена на Законот за данокот добивка за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, се уредува право на намалување односно ослободување на износот на аконтациите на данокот на добивка како мерка за поддршка на обврзниците на данокот на личен доход кои остваруваат доход од самостојна дејност и кои претрпеле штети во своето работење поради ширење на Коронавирусот COVID-19.
Мерката се однесува на месеците март, април и мај 2020 година и тоа за обврзниците за данокот на личен доход кои остваруваат доход од самостојна дејност, а кои ги вршат дејности од областа на угостителската дејност, туризам и транспорт, под услов:
-даночниот обврзник да не исплатува дивиденда на сопствениците, награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на даночниот обврзник, од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, до денот на траењето на ослободувањето (15 јуни 2020 година) и
– даночниот обврзник-работодавач да не го намали бројот на вработени, сметано од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила три месеци по престанувањето на нејзината важност, освен во случаите на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработените.
Мерката се однесува и на други даночни обврзници кои остваруваат доход од самостојна дејнoст, кои имаат претрпено штети во своето работење заради спроведување на мерките за спречување на внесување и ширење на Коронавирусот COVID-19 на Владата на Република Северна Македонија, доколку исполнуваат еден од следните услови:
– вкупните приходи на даночниот обврзник да се намалени за најмалку 40% во тековниот месец во однос на месец февруари 2020 година или намалувањето на вкупните приходи за 2020 година изнесува повеќе од 40% во однос на истиот период претходната година, или
– бројот на вработени кои не работат односно не придонесуваат во економската активност на даночниот обврзник-работодавач, заради спроведување на мерките од ставот (1) на овој член да изнесува најмалку 25% во однос на вкупниот број на вработени во месец февруари 2020 година, или
– даночниот обврзник да затворил најмалку 50% од продажните места преку кои го остварува прометот (подружници, продажни објекти).
За остварување на правото на ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход потребно е преку системот е-даноци на Управата за јавни приходи да се поднесе Барање за ослободување од плаќање на месечните аконтации на данокот на добивка до Управата за јавни приходи.