...

Владата на Република Северна Македонија објави сет мерки за поддршка на бизнис секторот во насока на амортизирање на штетите предизвикани со прогласување на пандемијата на коронавирусот – Covid 19.

Првата мерка се однесува на директна финансиска поддршка на ликвидноста кај микро, мали и средни компании од страна на Развојната банка на Северна Македонија, односно обезбедување на бескаматни кредити во износ од 3 до 30.000 евра. Микро компаниите, до 10 вработени, ќе може да подигнат кредит од 3 до 5 илјади евра, малите компании со 10 до 50 вработени, ќе може да подигнат кредит од 10 до 15 илјади евра и средните компании со 50 до 250 вработени, ќе може да подигнат кредит од 15 до 30 илјади евра. Грејс периодот на овие кредити ќе биде 6 месеци, а рокот на отплата 2 години.

Втората мерка се однесува на поддршка за компаниите во делот на исплатата на плати, односно се обезбедуваат субвенции за придонеси за вработените во висина до 50%. Субвенциите се однесуваат за вработените во компании од секторите туризам, транспорт, угостителство и други погодени компании, за месеците април, мај и јуни од 2020 година, со субвенција на придонеси по вработен во висина до 50% од просечна плата исплатена во 2019 година, под услов компанијата да не го намали бројот на вработените под бројот на вработени во месец февруари од 2020та година и ова да важи од денот на користење на мерката; понатаму, компанијата да не исплати дивиденда во текот на 2020 година, до денот на поднесувањето на годишна сметка, односно финансиски извештаи за 2020 година и компанијата да нема исплатено награда-бонус по влегување во сила на мерката. Само компаниите што имаат остварено добивка како финансиски резултат од работењето во 2020 ќе вратат субвенции за придонес во износ од 50% од добивката пред оданочување што значи дека мерката директно е насочена да им помогне на компаниите што оствариле послаби финансиски резултати во 2020 поради коронавирусот

Понатаму, се утврдува ослободување од аконтациите од данок на добивка за фирмите од индустриите погодени од коронакризата за април, мај и јуни. Тука спаѓаат транспортот, туризмот, угостителството, а потоа и другите погодени компании од различни дејности погодени од превентивните мерки на Владата како одговор на справувањето со страшниот вирус. Мерката може да се користи под услов компанијата да не исплати дивиденда во текот на 2020 година и компанијата да нема исплатено награда-бонус по влегување во сила на мерката.

Воедно,  законски затезната камата ќе биде намалена за 50% во соработка со Министерството за правда, и тоа од 10 на 5% и од 8 на 4% а ќе биде променет и периодот за кој се зема предвид референтната каматната стапка која ја пропишува Централната банка, за да има поповлни услови во услови кога референтната каматна стапка се намалува. Понатаму Министерстото за финансии ќе ја намали казнената камата за јавни давачки од 0,03 % на 0,015% односно за 50%.