...

Со Уредбата со законска сила за примена на Законот за данокот на додадена вредност за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, се уредува можноста даночните обврзници, покрај во хартиена форма, фактурите да ги издаваат и во електронска форма. Ова е со цел да се олесни работењето на даночните обврзници, како и да се спречи користењето на хартија со цел намалување на ризикот од ширење на Коронавирусот COVID-19.

Вршителот на промет, кој има право да издава фактура, треба да го извести примателот на прометот, преку електронска пошта, електронска порака и/или на друг начин дека за време на траењето на вонредната состојба, фактурите и другите документи од членот 53 став 2 од Законот за данокот на додадена вредност ќе ги издава во електронска форма. Вршителот на прометот кој нема да го извести примателот на прометот,ќе продолжи да издава фактури и други документи од членот 53 став 2 од ЗДДВ во хартиена форма.

Примателот на прометот во рок од 10 дена од приемот на известувањето има право да го извести издавачот на фактурата дека ја одбива електронската формата на достава. Ако по истекот на 10 дена од применото известување, примателот на прометот не ја одбие формата на достава, ќе се смета дека е согласен на електронската достава на фактури.

Фактурите издадени во електронска форма на примателот на фактурата му даваат право на одбивка на претходниот данок согласно со членовите 33, 34 и 34-а од Законот за данокот на додадена вредност, право на поделба на претходните даноци согласно со членот 36 од Законот за данокот на додадена вредност и право на исправка на одбивката на претходниот данок согласно со членот 37 од Законот за данокот на додадена вредност

Со фактурата издадена во електронска форма треба:

–              да биде обезбедена автентичноста на потеклото на фактурата на начин што примателот на фактурата може недвосмислено да утврди дека таа фактура е испратена од издавачот на фактурата,

–              да биде обезбеден интегритетот на содржината на фактурата на начин што применетата технологија и процедури да оневозможуваат промена на податоците во фактурата,

–              да биде обезбедена читливост на фактурата, односно визуелна и разбирлива слика на издадената фактура на компјутерскиот екран или други електронски уреди на еднаков начин како и на хартија.

Обврзниците кои што издаваат и примаат фактури во електронска форма се должни да ги исполнат евиденциските обврски согласно со членот 52 од ЗДДВ.

Со Уредбата со законска сила за примена на Законот за данокот добивка за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, се уредува право на намалување односно ослободување на износот на аконтациите на данокот на добивка како мерка за поддршка на обврзниците на данокот на личен доход кои остваруваат доход од самостојна дејност и кои претрпеле штети во своето работење поради ширење на Коронавирусот COVID-19.

Мерката се однесува на месеците март, април и мај 2020 година и тоа за обврзниците за данокот на личен доход кои остваруваат доход од самостојна дејност,  а кои ги вршат дејности од областа на угостителската дејност, туризам и транспорт, под услов:

-даночниот обврзник да не исплатува дивиденда на сопствениците, награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на даночниот обврзник, од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, до денот на траењето на ослободувањето (15 јуни 2020 година) и

–              даночниот обврзник-работодавач да не го намали бројот на вработени, сметано од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила три месеци по престанувањето на нејзината важност, освен во случаите на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработените.

Мерката се однесува и на други даночни обврзници кои остваруваат доход од самостојна дејнoст, кои имаат претрпено штети во своето работење заради спроведување на мерките за спречување на внесување и ширење на Коронавирусот COVID-19 на Владата на Република Северна Македонија, доколку исполнуваат еден од следните услови:

–      вкупните приходи на даночниот обврзник да се намалени за најмалку 40% во тековниот месец во однос на месец февруари 2020 година или намалувањето на вкупните приходи за 2020 година изнесува повеќе од 40% во однос на истиот период претходната година, или

–              бројот на вработени кои не работат односно не придонесуваат во економската активност на даночниот обврзник-работодавач, заради спроведување на мерките од ставот (1) на овој член да  изнесува најмалку 25% во однос на вкупниот број на вработени во месец февруари 2020 година, или

–              даночниот обврзник да затворил најмалку 50% од продажните места преку кои го остварува прометот (подружници, продажни објекти).

За остварување на правото на ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход потребно е преку системот е-даноци на Управата за јавни приходи да се поднесе Барање за ослободување од плаќање на месечните аконтации на данокот на добивка до Управата за јавни приходи.            

Владата на Република Северна Македонија донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за трговските друштва за време на вонредна состојба со која се уредуваат одредбите кои се однесуваат на свикување и одржување годишно собрание на акционери и собир на содружници, од страна на органот на управување на акционерските друштва, односно органот на управување на друштвата со ограничена одговорност.

Согласно одредбите на Уредбата, за акционерските друштва, кај кои започнал да тече рокот за свикување и  одржување годишно собрание на акционери и за друштвата за ограничена одговорност кај кои започнал да тече рокот за свикување и одржување собир на содружници, нема да се одржи годишно собрание на акционери, односно нема да се одржи собир на содружници,  за време на траењето на вонредната состојба.

Започнатите постапки за свикување и одржување годишно собрание на акционери, односно собир на содружници, се одложуваат за време на траењето на вонредната состојба.

 

 

Владата на Република Северна Македонија донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за данокот на личен доход за време на вонредна состојба, со која се уредува право на намалување односно ослободување на износот на аконтациите на данокот на личен доход како мерка за поддршка на обврзниците на данокот на личен доход кои остваруваат доход од самостојна дејност и кои претрпеле штети во своето работење поради ширење на Коронавирусот COVID-19.

Правото на ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход се однесува за месеците март, април и мај 2020 година.

Мерката се однесува на обврзниците за данокот на личен доход кои остваруваат доход од самостојна дејност,  а кои ги вршат дејности од областа на угостителската дејност, туризам и транспорт, под услов даночниот обврзник-работодавач да не го намали бројот на вработени, сметано од денот на влегувањето во сила на уредбата со законска сила три месеци по престанувањето на нејзината важност, освен во случаите на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработените.

Мерката се однесува и на други даночни обврзници кои остваруваат доход од самостојна дејнoст, кои имаат претрпено штети во своето работење заради спроведување на мерките за спречување на внесување и ширење на Коронавирусот COVID-19 на Владата на Република Северна Македонија, доколку исполнуваат еден од следните услови:

–              вкупните приходи на даночниот обврзник да се намалени за најмалку 40% во тековниот месец во однос на месец февруари 2020 година или намалувањето на вкупните приходи за 2020 година изнесува повеќе од 40% во однос на истиот период претходната година, или

–              бројот на вработени кои не работат односно не придонесуваат во економската активност на даночниот обврзник-работодавач, заради спроведување на мерките од ставот (1) на овој член да изнесува најмалку 25% во однос на вкупниот број на вработени во месец февруари 2020 година, или

–              даночниот обврзник да затворил најмалку 50% од продажните местата преку кои го остварува прометот (подружници, продажни објекти).

За остварување на правото на ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход потребно е преку системот е-персонален данок на доход да се поднесе  Барање за ослободување од плаќање на месечните аконтации на данокот на личен доход остварен од вршење на самостојна дејност до Управата за јавни приходи.      

 

Со Уредбата со законска сила за примена на Законот за даночна постапка за време на вонредна состојба донесена од Владата на Република Северна Македонија, се утврдува намалување на  каматата на износот на помалку или повеќе платениот данок и споредните даночни давачки.

Согласно одредбите на уредбата на износот на помалку или повеќе платениот данок и споредните даночни давачки освен каматата, се пресметува и наплатува, односно плаќа камата во висина од 0,015% за секој ден задоцнување.

Воедно со уредбата се утврдува дека Управата за јавни приходи нема да објавува листа на должници на доспеани и неплатени долгови за месеците април, мај и јуни 2020 година.

 

Владата на Република Северна Македонија донесе Одлука со која се укинува увозната давачка односно царинската стапка за одредени стоки – потрошен медицински материјал.

Одлуката се однесува на следните видови потрошен медицински материјал:

-Неденатуриран етилалкохол со содржина на алкохол 80% vol или повисока;

-Етилалкохол и други алкохоли, денатурирани, со која и да било содржина на алкохол;

-Хидроксихлорокин (Hydroxycloroquine);

-Сапуни за тоалетна употреба (вклучувајќи ги производите со лековити материи);

-Други сапуни;

-Органско површински активни производи и препарати за миење на кожа, во форма на течност или крем и приготвени за продажба на мало со или без содржина на сапун;

-Детергенти;

-Препарати за перење и препарати за чистење;

-Пластична облека и прибор за облека (вклучувајќи наракавици, ракавици без прсти и ракавици со еден прст);

-Текстилни драперии за еднократна употреба,  изработени од ткаенини од тар. број 5603, од вид кој се употребуваат при хируршки процедури;

-Маски пластични со текстилен филтер и

-Очила со стакла од пластични маси .

Одлуката е со ограничено времетраење до завршување на периодот на постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија.

Управата за јавни приходи објави известување за даночните обврзници и сметководителите дека рокот за поднесување на образецот ДДВ-04 за даночниот период од 01.02.2020-29.02.2020 се продолжува до 31 март 2020 година.

Согласно препораките на Владата на Република Северна Македонија за преземање мерки и активности за превенција од ширење на болеста COVID-19 (корона вирус), Управата за јавни приходи информира дека крајниот рок за поднесување на ДДВ-пријавата за даночниот период од 01.02.2020 до 29.02.2020 од 25.03.2020 се продолжува за 7 (седум) дена, односно краен рок за поднесување на ДДВ-04 пријавите ќе се смета 31.03.2020 година.

 

Владата на Република Северна Македонија донесе Уредба со која се уредува запирање на поднесување на предлог за поведување на претходна постапка за отворање на стечајна постапка и отворање на стечајна постапка на стечајниот должник за време на траењето на вонредната состојба.

Воедно со Уредбата се утврдува дека сите започнати постапки, како претходна  постапка за отворање на стечајна постапка и отворање на стечајната постапка над стечајниот должник, се  одложуваат за време на траењето на вонредната состојба.

 

Управата за јавни приходи ги информира даночните обврзници дека нема да доставува решенија за присилна наплата од парични средства по основ на сите даноци и други јавни давачки (глоби, судски такси), за сите оние обврзници кои ги немаат подмирено своите обврски кон УЈП. Оваа мерка ќе важи се додека траат препораките и мерките на Владата на Република Северна Македонија и Министерството за здравство, а се однесуваат на спречување на ирењето на кошрона вирусот.

Владата на Република Северна Македонија објави сет мерки за поддршка на бизнис секторот во насока на амортизирање на штетите предизвикани со прогласување на пандемијата на коронавирусот – Covid 19.

Првата мерка се однесува на директна финансиска поддршка на ликвидноста кај микро, мали и средни компании од страна на Развојната банка на Северна Македонија, односно обезбедување на бескаматни кредити во износ од 3 до 30.000 евра. Микро компаниите, до 10 вработени, ќе може да подигнат кредит од 3 до 5 илјади евра, малите компании со 10 до 50 вработени, ќе може да подигнат кредит од 10 до 15 илјади евра и средните компании со 50 до 250 вработени, ќе може да подигнат кредит од 15 до 30 илјади евра. Грејс периодот на овие кредити ќе биде 6 месеци, а рокот на отплата 2 години.

Втората мерка се однесува на поддршка за компаниите во делот на исплатата на плати, односно се обезбедуваат субвенции за придонеси за вработените во висина до 50%. Субвенциите се однесуваат за вработените во компании од секторите туризам, транспорт, угостителство и други погодени компании, за месеците април, мај и јуни од 2020 година, со субвенција на придонеси по вработен во висина до 50% од просечна плата исплатена во 2019 година, под услов компанијата да не го намали бројот на вработените под бројот на вработени во месец февруари од 2020та година и ова да важи од денот на користење на мерката; понатаму, компанијата да не исплати дивиденда во текот на 2020 година, до денот на поднесувањето на годишна сметка, односно финансиски извештаи за 2020 година и компанијата да нема исплатено награда-бонус по влегување во сила на мерката. Само компаниите што имаат остварено добивка како финансиски резултат од работењето во 2020 ќе вратат субвенции за придонес во износ од 50% од добивката пред оданочување што значи дека мерката директно е насочена да им помогне на компаниите што оствариле послаби финансиски резултати во 2020 поради коронавирусот

Понатаму, се утврдува ослободување од аконтациите од данок на добивка за фирмите од индустриите погодени од коронакризата за април, мај и јуни. Тука спаѓаат транспортот, туризмот, угостителството, а потоа и другите погодени компании од различни дејности погодени од превентивните мерки на Владата како одговор на справувањето со страшниот вирус. Мерката може да се користи под услов компанијата да не исплати дивиденда во текот на 2020 година и компанијата да нема исплатено награда-бонус по влегување во сила на мерката.

Воедно,  законски затезната камата ќе биде намалена за 50% во соработка со Министерството за правда, и тоа од 10 на 5% и од 8 на 4% а ќе биде променет и периодот за кој се зема предвид референтната каматната стапка која ја пропишува Централната банка, за да има поповлни услови во услови кога референтната каматна стапка се намалува. Понатаму Министерстото за финансии ќе ја намали казнената камата за јавни давачки од 0,03 % на 0,015% односно за 50%.