Во ,,Службен весник на Република Северна Македонија’’ бр. 275/19, објавен е Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка .
Со измените се уредуваат оддлените видови на непрофитни организации кои нема да бидат обврзници за данокот на добивка, односно се определува дека здруженија на граѓани и фондации како и нивните сојузи и други облици на здружување или поврзување, стопанската интересна заедница, политичките партии, верските заедници, религиозните групи, Црвениот крст на Република Северна Македонија, здруженија на странци, странски и меѓународни невладини организации, хуманитарни организации и здруженија, синдикатите, коморите и други правни лица основани со посебни прописи од кои произлегува дека се непрофитни организации, не се обврзници за данок на добивка.
Се допрецизираат одредбите кои се однесуваат на даночно непризнаените расходи, со што се утврдува дека како даночно непризнаени расходи се сметаат следните:
– надоместоци на трошоци за хотелско сместување (категорија повисока од четири ѕвездички) во износ над 6.000 денари дневно по лице и надоместоци на трошоци за превоз на лица кои не се вработени кај исплатувачот, а се ангажирани во функција на дејноста на исплатувачот (во земјата и во странство), доколку истите не се документирани;
– надоместок за практикантска работа над износите пропишани согласно со Законот за практиканство и
– надоместок за практична обука на ученици и практична настава на студенти во висина над 8.000 денари месечно.
Се продолжува рокот за поднесување на извештајот за трансферни цени, односно наместо даночните обврзници да имаат обврска извештајот да го доставуваат заедно со даночниот биланс до 28 февруари/15 март во годината, тоа да го сторат до 30 септември.
Се определува обврската за поднесување на Извештај на трансферни цени да не се однесува на:
– трансакциите помеѓу поврзани лица резиденти на Република Северна Македонија и
– на обврзниците кои во текот на годината оствариле вкупен приход во износ до 300.000.000 денари.
Се уредува правото на даночен кредит, односно се определува дека даночната основа се намалува за износот на трошоците за амортизација над износот пресметан со примена на амортизациони стапки утврдени со номенклатурата на средствата за амортизација и годишните амортизациони стапки за кои во претходниот период е извршено зголемување на даночната основица, како и даночната основа се намалува за износот на неисплатените надоместоци над износите утврдени во член 9 став 1) точки 2), 3-б), 4), 5), 5-а) и 6) од Законот за данокот на добивка, за кои во претходниот период е извршено зголемување на даночната основа, доколку истите се искажани како приход.
Воедно, со предложените одредби се врши усогласување на прекршочните одредби со Законот за прекршоци.
Управата за јавни приходи објави известување за сите даночни обврзници (правни и физички лица) кои во претходната календарска година од вршење на оданочива стопанска дејност оствариле вкупен промет повисок од 2.000.000 денари дека имаат обврска да поднесат Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност образец ДДВ-01 најдоцна до 15 јануари 2020 година.
Во истиот рок Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност образец ДДВ-01 можат да достават и даночните обврзници кои сакаат доброволно да се регистрираат за целите на данокот на додадена вредност.
Пријавата за регистрација за данокот на додадена вредност може да се достави по пошта, лично до Регионалната дирекција на Управата за јавни приходи (според седиштето/живеалиштето на даночниот обврзник) или по електронски пат http://etax.ujp.gov.mk.
Сите даночни обврзници кои веќе се регистрирани за целите на ДДВ и чиј вкупен промет во календарската 2019 година не го надминал износот од 2.000.000 денари можат да поднесат пријава за отповикување на регистрација за данокот на додадена вредност.
Даночните обврзници пријавата за отповикување на регистрација за данокот на додадена вредност ја поднесуваат најдоцна до 15-ти јануари 2020 година до даночната канцеларија на УЈП или во електронска форма преку http://etax.ujp.gov.mk.
Даночни обврзници за данокот на додадена вредност можат да бидат сите правни и физички лица, како и здружувањата на лица кои вршат оданочива стопанска дејност.
Пријавата за регистрација за данокот на додадена вредност да се преземе од следниот линк:
http://www.ujp.gov.mk/files/attachment/0000/0962/DDV-01_Prijava_279_19_04.01.2020_web.pdf
Пријавата за отповикување на регистрација за данокот на додадена вредност може да се преземе од следниот линк:
http://www.ujp.gov.mk/files/attachment/0000/0096/DDV-01B_02.01.2020_web.pdf