...

Измени на Законот за забрана и спречување за вршење на нерегистрирана дејност

Во ,,Службен весник на Република Северна Македонија’’ бр.18/2020, објавен е Законот за изменување и дополнување на Законот за забрана и спречување за вршење на нерегистрирана дејност.

Со измените се врши усогласување со Законот за инспекциски надзор во делот на институтот опомена, како инспекциска мерка која ја заменува досегашната мерка на едукација. Имено, надлежниот инспектор при вршењето на инспекцискиот надзор, доколку утврди повреди на одредбите од Законот за забрана и спречување за вршење на нерегистрирана дејност, со решение на  субјектот на инспекциски  надзор ќе му изрече опомена како инспекциска мерка и ќе му определи рок во кој е должен да ги отстрани неправилностите и недостатоците.

Доколку по истекот на рокот определен при изрекувањето на опомената, инспекторот утврди дека неправилностите и недостатоците сѐ уште не се отстранети, со решение изрекува инспекциска мерка наредба за отстранување на утврдените неправилности и недостатоци.

Кога е спроведен инспекцискиот надзор, ако надлежниот инспектор на самото место констатира дека правното или физичкото лице и понатаму врши нерегистрирана дејност, составува записник за утврдената фактичка состојба и донесува решение за забрана на вршење на нерегистрираната дејност до денот на регистрацијата кај надлежниот државен орган, во кое се утврдува рокот за регистрација кој не може да биде подолг од 30 дена.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за забрана и спречување за вршење на нерегистрирана дејност се врши усогласување и со Законот за прекршоците во однос на одредувањето на висината на глобата за правното лице, одговорното лице во правното лице и работодавач – физичко лице. Исто така, се врши усогласување и во однос на институтот порамнување.

Последно објавени