...

На 16.12.2019 година во Хотел ”Порта” – Скопје, Книгоприма Консалтинг одржа работилница на тема: Имплементација на новините содржани во даночните прописи и Попис на средства и обврски за 2019 година.

Во рамки на даночните прописи се дискутираше за одредбите на Законот за данок на личен доход стапи на сила на 1ви јануари 2019 година. Претходно оваа материја беше уредена со Законот за персонален данок на доход, согласно кој доходот на граѓаните се оданочуваше по стапка од 10% независно од висината на остварениот доход.  Главната интенција на законодавецот при донесување на Законот на данокот на личен доход беше промена на рамната стапка на оданочување и воведување на прогресивна даночна стапка.

Согласно актуелните одредби на Законот за данокот на личен доход,  за доходот од работа, доходот од самостојна дејност, доходот од авторски и сродни права и доходот од продажба на сопствени земјоделски производи, данокот на доход се плаќа по прогресивни стапки и тоа:

За доход до 1.080.000 денари годишно, даночната стапка е 10%

За доход над 1.080.001 денари годишно се плаќа 108.000 + 18% на делот од доходот над 1.080.000 денари.

Додека за доходот од права од индустриска сопственост, доходот од закуп и подзакуп, доходот од капитал, капиталните добивки, добивките од игри на среќа, доходот од осигурување и друг доход, данокот се плаќа по единствена стапка од 15%.

При аконтативното оданочување се применуваат стапките на данок на доход во зависност од висината на поединечната исплата. Но, доколку на годишно ниво доходот го надмине износот од 1.080.000 денари, за разликата над овој износ данокот на доход ќе го плати физичкото лице остварувач на доходот.

Воедно, со донесување на новиот закон се утврди зголемување на износот на даночното намалување кај платите и пензиите на 96.000 денари годишно, односно 8.000 денари месечно, се изврши намалување на нормираните трошоци кои се земаат предвид при утврдување на даночната основа за одделните видови на доход, односно приближување на нивната висина до висината на овие трошоци во земјите од регионот како и се допрецизираа голем дел дел од законските одредби на претходната регулатива.

Но само по единаесет месеци примена на прогресивната даночна стапка, Министерството за финансии најави измена на Законот за личен доход.

Со измените се уредува следното:

-за доходот од капитални добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд, данокот се плаќа по стапка од 15% доколку имателот ги поседувал до една година, односно по стапка 10% доколку ги поседувал за период од една до 10 години.

-за доходот од капитал остварен по основ на камати на орочени депозити, данокот се плаќа по единствена стапка од 10%.

-се утврдуваат нови даночни ослободувања за капитални добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд доколку имателот ги поседувал за период подолг од 10 години и надоместоци на трошоци за хотелско сместување (со категорија до четири звездички) во износ најмногу до 6.000 денари дневно и надоместоци на трошоци за превоз на лица кои не се вработени кај исплатувачот, а се ангажирани во функција на дејноста на исплатувачот (во земјата и во странство), врз основа на документирани докази за направените трошоци, извештај за ангажманот и документи за основаноста на ангажманот (покана, агенда, програма, договор, работен налог и сл) и со потврден временски редослед меѓу сместувањето, превозот и извршената работа;

-оданочувањето на каматите од орочени депозити и оданочувањето на капиталните добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд, ќе се применува од 1 јануари 2023 година

-пресметката и плаќањето на данокот на доходот од работа, доходот од самостојна дејност, доходот од авторски и сродни права, доходот од продажба на сопствени земјоделски производи, доходот од права од индустриска сопственост, доходот од закуп и подзакуп, доходот од капитал, капиталните добивки, доходот од осигурување и друг доход за 2020, 2021 и 2022 година ќе се врши по стапка од 10% и

-данок на доход нема да се плаќа за капитална добивка остварена од продажба на хартии од вредност, кои се стекнати со емисија на хартии од вредност реализирана како иницијална јавна понуда.