...

Данок на додадена вредност

На работилницата во организација на Книгоприма Консалтинг, учесниците детално се запознаа новините во регулативата кои се однесуваат на данокот на додадена вредност.

Во тек на 2019 година усвоени се неколку измени на Законот за данокот на додадена вредност и измени на Одлуката за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластената стапка на данокот на додадена вредност.

Дел од измените и дополнувањата на законот се однесуваат на допрецизирање и дополнување на даночните ослободувања во земјата без право на одбивка на претходниот данок.

Законодавецот го дополни член 30 кој се однесува на повластената даночна стапка, со што утврди повластена даночна стапка од 5% за:

  1. Лекови за ветеринарна медицина и
  2. Топлинска енергија за греење при што под топлинска енергија за греење се подразбира топлинската енергија која што се испорачува од систем за дистрибуција на топлинска енергија со кој што управува носител на лиценца за дистрибуција на топлинска енергија (повластената стапка на ДДВ треба да се применува при сите промети на топлинска енергија за греење, независно од кој субјект се вршат).

Со оглед на претходно наведеното, се донесе и Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластената стапка на данокот на додадена вредност, која ви ја доставуваме во прилог на работните материјали.

 

Во тек ена одржување на работилницата траеше собраниската процедура за донесување на измени и дополнувања Законот за данокот на додадена вредност. Со измените и дополнувањата, се уреди следното:

-можност даночните обврзници регистрирани за цели на данокот на додадена вредност, правото на одбивка на претходен данок да го остваруваат и со поседување на фискална сметка чиј вкупен промет не надминува 6.000 денари издадена согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања, односно се укинува сметкопотврдата како пропратен документ на фискалната сметка за оправдување на трошоци до износ од 6.000 денари;

-зголемување на  прагот за задолжителна регистрација за целите на данокот на додадена вредност од 1.000.000 денари на 2.000.000 денари и се пропишува скратување на периодот на останување на системот на данокот на додадена вредност од 5 на 3 години;

-можност за даночните обврзници кои биле регистрирани за цели на данокот на додадена вредност, а кои во 2019 година не го надминале прагот од 2.000.000 денари да имаат право да побараат отповикување од регистрација за цели на данокот на додадена вредност;

-можност за даночните обврзници кои не биле регистрирани за цели на данокот на додадена вредност и кои во 2019 година го надминале прагот од 1.000.000 денари меѓутоа не го надминале прагот од 2.000.000 денари, да немаат обврска за регистрација за цели на данокот на додадена вредност

-ослободување од плаќање на данок на додадена вредност за добрата кои се увезуваат од страна на воените сили на други држави кои се членки на Северно Атланскиот Договор (НАТО), пропишување на даночно ослободување при увоз за потребите на тие сили или за придружниот цивилен персонал, како и за снабдување на нивните мензи или кантини, ако тие сили учествуваат во заеднички одбрамбени активности и

-усогласување на одредбите на Законот за данокот на додадена вредност со Законот за прекршоци.

На работилницата се разговараше и за Закон за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица од апсект на одговорности за издавачот на фискални сметки.

Издавачите на фискални сметки, согласно одредбите на законот имаат обврска до Управата за јавни приходи да ги пријавуваат сторнираните фискални сметки и сторните сметки, за кои физичките лица немаат право на враќање на данокот на додадена вредност.

Со Правилник на министерот за финансии пропишани се техничките карактеристики и начинот на користење на апликативниот софтвер за пријавување на податоците од фискалната сметка и мобилната или десктоп апликација за пријавување на сторнираната фискална сметка или сторната сметка

Во однос на прекршочните одредби, Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица, утврдува глоба во износ од 250 до 1.000 евра во денарска противвредност за издавачот на фискалната сметка кој нема да ја пријави во Управата за јавни приходи фискалната сметка која ја сторнира или сторната сметка и глоба во износ од 150 до 250 евра во денарска противвредност за одговорното лице во правното лице.

Надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон врши Управата за јавни приходи.

 

Последно објавени