...

На работилницата во организација на Книгоприма Консалтинг, учесниците детално се запознаа новините во регулативата кои се однесуваат на данокот на додадена вредност.

Во тек на 2019 година усвоени се неколку измени на Законот за данокот на додадена вредност и измени на Одлуката за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластената стапка на данокот на додадена вредност.

Дел од измените и дополнувањата на законот се однесуваат на допрецизирање и дополнување на даночните ослободувања во земјата без право на одбивка на претходниот данок.

Законодавецот го дополни член 30 кој се однесува на повластената даночна стапка, со што утврди повластена даночна стапка од 5% за:

  1. Лекови за ветеринарна медицина и
  2. Топлинска енергија за греење при што под топлинска енергија за греење се подразбира топлинската енергија која што се испорачува од систем за дистрибуција на топлинска енергија со кој што управува носител на лиценца за дистрибуција на топлинска енергија (повластената стапка на ДДВ треба да се применува при сите промети на топлинска енергија за греење, независно од кој субјект се вршат).

Со оглед на претходно наведеното, се донесе и Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластената стапка на данокот на додадена вредност, која ви ја доставуваме во прилог на работните материјали.

 

Во тек ена одржување на работилницата траеше собраниската процедура за донесување на измени и дополнувања Законот за данокот на додадена вредност. Со измените и дополнувањата, се уреди следното:

-можност даночните обврзници регистрирани за цели на данокот на додадена вредност, правото на одбивка на претходен данок да го остваруваат и со поседување на фискална сметка чиј вкупен промет не надминува 6.000 денари издадена согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања, односно се укинува сметкопотврдата како пропратен документ на фискалната сметка за оправдување на трошоци до износ од 6.000 денари;

-зголемување на  прагот за задолжителна регистрација за целите на данокот на додадена вредност од 1.000.000 денари на 2.000.000 денари и се пропишува скратување на периодот на останување на системот на данокот на додадена вредност од 5 на 3 години;

-можност за даночните обврзници кои биле регистрирани за цели на данокот на додадена вредност, а кои во 2019 година не го надминале прагот од 2.000.000 денари да имаат право да побараат отповикување од регистрација за цели на данокот на додадена вредност;

-можност за даночните обврзници кои не биле регистрирани за цели на данокот на додадена вредност и кои во 2019 година го надминале прагот од 1.000.000 денари меѓутоа не го надминале прагот од 2.000.000 денари, да немаат обврска за регистрација за цели на данокот на додадена вредност

-ослободување од плаќање на данок на додадена вредност за добрата кои се увезуваат од страна на воените сили на други држави кои се членки на Северно Атланскиот Договор (НАТО), пропишување на даночно ослободување при увоз за потребите на тие сили или за придружниот цивилен персонал, како и за снабдување на нивните мензи или кантини, ако тие сили учествуваат во заеднички одбрамбени активности и

-усогласување на одредбите на Законот за данокот на додадена вредност со Законот за прекршоци.

На работилницата се разговараше и за Закон за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица од апсект на одговорности за издавачот на фискални сметки.

Издавачите на фискални сметки, согласно одредбите на законот имаат обврска до Управата за јавни приходи да ги пријавуваат сторнираните фискални сметки и сторните сметки, за кои физичките лица немаат право на враќање на данокот на додадена вредност.

Со Правилник на министерот за финансии пропишани се техничките карактеристики и начинот на користење на апликативниот софтвер за пријавување на податоците од фискалната сметка и мобилната или десктоп апликација за пријавување на сторнираната фискална сметка или сторната сметка

Во однос на прекршочните одредби, Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица, утврдува глоба во износ од 250 до 1.000 евра во денарска противвредност за издавачот на фискалната сметка кој нема да ја пријави во Управата за јавни приходи фискалната сметка која ја сторнира или сторната сметка и глоба во износ од 150 до 250 евра во денарска противвредност за одговорното лице во правното лице.

Надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон врши Управата за јавни приходи.

 

На работилницата одржана на 16.12.2019 година, се дискутираше за измените и дополнувањата кои се однесуваат на Законот за данокот на добивка, со посебен акцент на обврските норминари во нив со цел нивно навремено и законито спроведување.

Една од новините внесени со измените стапени на сила од 1ви јануари 2019 година е утврдувањето на услови под кои здруженијата на граѓани, фондациите, сојузите, другите облици на здружување и другите правни лица основани со посебни прописи од кои произлегува дека се непрофитни организации стануваат обврзници за плаќање на данок на вкупен приход. Односно, се определува дека непрофитните организации стануваат обврзници за плаќање данок на вкупен приход, доколку во нивното непрофитно делување остварат приходи од вршење стопанска дејност поголеми од 1.000.000 денари.

Согласно измените на Законот се воведуваат неколку новини во делот на непризнаените расходи. Се определува дека како даночно признат расход се смета износот на исплатените надоместоци на трошоци за користење на сопствено возило на вработениот за потребите на работодавачот, во висина од 30% одисплатениот износ но најмногу до 60.000 денари на годишно ниво.Се утврдува дека износот исплатен за исхрана на вработените за ноќна работа над износот утврден со Законот за работни односи е непризнат даночен расход за целите на Законот за данокот на добивка и истиот ќе ја зголеми даночната основа за 2019 година.Согласно измените на Законот  за данокот на добивка, уплатите на работодавачот во доброволниот пензиски фонд за вработените се признат расход во износ до две просечни месечни бруто плати исплатени во претходната година во РМ на годишно ниво по вработен.Износот наплатен над две просечни бруто плати на годишно ниво по вработен е непризнат расход во бруто износ. За 2019 година признат расход во Даночен биланс е износот до 71.250 денари. Исто така, непризнат расход се и исплатите на работодавачот за трошоци по основ на уплатени премии за осигурување на живот над износот од две просечни месечни бруто плати, исплатени претходната година во РМ на годишно ниво по вработен.Непризнаен расход за целите на Законот на добивка се и кусоците кои не се предизвикани од вонредни настани (кражба, пожар илидруги природни непогоди), кои не се на трошок на платата на одговорното лице.Се утврдува лимит од 16 просечни бруто плати по вработен на месечно ниво до кој трошоците исплатени по основ на деловна успешност не се оданочуваат односно се признат расход за целите на данокот на добивка.  Непризнаени расходи за даночни цели се сметаат и трошоците за амортизација на ревалоризирана набавна вредност на материјалните и нематеријалните средства.

Што се однесува до трансферните цени, правната рамка за одредување на трансферните цени во РМ е дадена во Законот за данок на добивка член 12 и 12-а и Правилникот за формата и содржината на извештајот за трансферните цени, видовите медоти за утврдување на цената на транскцијата во согласност со принципот на „дофат на рака„ и начинот на нивна примена.

Согласно одредбите на Законот за данокот на добивка, даночниот обврзник на данокот на добивка за деловните и финансиските трансакции помеѓу поврзаните лица со поднесување на даночниот биланс е должен да достави и Целосен извештај или Извештај во скратена форма.  Обврската за доставување на извештај не се однесува на даночните обврзници кои во текот на годината оствариле вкупен приход помал од 60.000.000 денари.

Ивештај во скратена форма доставуваат даночните обвзници кои имаат вкупен приход над 60.000.000 денари но вкупните трансакции со поврзаните лица во текот на годината не надминува 10.000.000 денари или доколку имаат трансакции со поврзани лица кои се резиденти на РМ.

Законот налага примена на следните методи:

  1. Метод на споредлива неконтролирана цена;
  2. Метод на препродажна цена /„метод на трговски цени„;
  3. Метод на цена на чинење /„метод на додавање на бруто добивка на трошоците„;
  4. Метод на поделба на добивката и
  5. Метод на трансакциска нето маржа /„метод на нето добивка„.

Извештајот за трансферни цени содржи податоци на ниво на групата мултинационални претпријатија (Master File), податоци на ниво на даночниот обврзник (Local File) и прилози.

На работилницата учесниците се запознаа и со новите одредби од Законот за данокот на добивка кои се однесуваат на даночно ослободување за финансиски донации од областа на спортот. Согласно член 30-а од Законот за данокот на добивка, на обврзникот кој донирал финансиски средства на спортски субјекти, кои се уплатени на посебна наменска сметка, му се намалува пресметаниот данок на добивка за износот на донираните средства, но најмногу до 50% од пресметаниот данок. Покрај преку Даночниот биланс, даночните обврзници кои донирале финансиски средства во спортот имаат право и на намалување на аконтациите на данокот на добивка. Одредбите на законот за данокот на добивка овозможуваат даночните обврзници кои донирале средства во спортот да имаат право на намалување на месечните аконтации ви висина од дадената донација но најмногу до 50% од износот на месечните аконтации на данокот на добивка.

Согласно одредбите на правилникот донаторот, даночен обврзник, пред да изврши уплата на посебната наменска сметка на спортскиот субјект, до Управата за јавни приходи доставува барање за даночно  ослободување за донирање финансиски средства на спортски субјекти. Барањето се поднесува по електронски пат на пропишан образец.

Управата за јавни приходи во рок од 15 дена го потврдува или одбива барањето. Донаторот, во рок од 15 дена по потврденото барање до Управата за јавни приходи доставува електронско известување за извршена донација. Кон известувањето доставува и доказ за извршена донација. По доставување на известувањето, УЈП го потврдува или го одбива правото на користење на намалување на пресметаниот данок.

Воедно, учесниците се запознаа и со измените и дополнувањата на Законот за данокот на добивка во тек на одржување на работилницата беа во собраниска процедува за нивно усвојување.

Согласно измените и дополнувањата на Законот за данокот на добивка, се утврдија новини во однос на обврската за поднесување на Извештај за трансферни цени до Управата за јавни приходи. Измените се однесуваат на продолжување на рокот за поднесување на извештајот за трансферни цени, односно наместо даночните обврзници да имаат обврска да го доставуваат заедно со даночниот биланс до 28 февруари/15 март во годината, тоа да го сторат до 30 септември.  Исто така, сеутврдува обврската за поднесување на Извештај на трансферни цени да не се однесува на трансакциите помеѓу поврзани лица резиденти на Република Северна Македонија, како и на обврзниците кои во текот на годината оствариле вкупен приход во износ до 300.000.000 денари.

Се уредува како даночно непризнаени расходи да се утврдат надоместокот за практикантска работа над износите пропишани согласно Законот за практиканство и надоместокот за практична обука на ученици и практична настава на студенти во висина над 8.000 денари месечно. Воедно, со измените се врши усогласување на прекршочните одредби со Законот за прекршоци.

ПОПИС НА СРЕДСТВАТА И ОБВРСКИТЕ

На работилницата организирана од Книгоприма Консалтинг,  одржана на 16.12.2019 година во Хотел ‘’Порта’’, се дискутираше за остварување на обврската за вршење на Попис на средствата и обврските.

Пописот претставува и законска обврска која законодавецот ја утврдил за сите трговци, односно пропишал обврска најмалку еднаш годишно во деловната година да се изврши попис на средствата и обврските и да се изврши усогласување на сметководствената состојба на средствата и обврските со фактичката состојба утврдена со пописот. Почетокот односно завршувањето на пописот не се предмет на нормативно регулирање во законските и подзаконските акти, односно оваа материја е оставено да се регулира со општ акт на субјектите. Органот на управување донесува Одлука за попис во која покрај другото треба да се утврдат роковите во кои комисиите за попис ќе извршат попис за календарската 2019 година.

Под усогласување на сметководствената со фактичката состојба се подразбира:

-усогласување на физичката состојба и сметководствената вредност на средствата евидентирани во сметководствени евиденции во текот на пресметковниот период со фактичката состојба утврдена со пописот;

-усогласување на сметководствената вредност на средствата и обврските утврдена со евидентирање на деловните настани во аналитичките евиденции за побарувања од купувачите, за обврски спрема добавувачите, за искористени и одобрени кредити и заеми, за примени и дадени аванси и друго до денот на пописот со нивната фактичка вредност утврдена со пописот и

-усогласување на вредноста на средствата и обврските утврдена на начин опишан претходно со вредноста на средствата и обврските утврдена со примена на метод различен од методот на историски трошок (вредност утврдена со примена на метод на трошок на замена, дисконтирана вредност, нето реализациона вредност, вредност утврдена според податоци на активни пазари и друго).

Попис се врши на целокупниот имот на трговецот и тоа на средства во сопственост на трговецот, како што се:

– материјалните средства во сопственост на трговецот,

-материјалните средства земени под финансискi наем (лизинг),

-нематеријалните средства,

-вложувањата во недвижности,

-биолошките средства,

-долгорочните и краткорочните финансиски средства,

-залихите,

-побарувањата,

-паричните средства,

-паричните еквиваленти,

-дадените аванси,

-активните временски разграничувања и

-други средства во сопственост на трговецот.

Планот за работа на пописната комисија се изготвува пред започнување на пописот и на пописната комисија и се даваат податоци за номенклатурните броеви, називите, видовите и единечните мерки на средствата кои се предмет на пописот, податоци за називот на купувачите и добавувачите со кои трговецот стапил во должничко доверителски односи, деловните банки во кои има отворено сметки, одобрени кредити и слично, како и други податоци кои на комисијата за попис можат да и ја олеснат работата. Пописната комисија не треба да има пристап до сметководствените податоци за количините и вредноста на средствата кои се предмет на пописот пред запишувањето на фактичката состојба во пописните листи и нивното доставување на заверка кај одговорното или овластеното лице.

Пописните листи се составуваат посебно, според аналитичките сметки на средствата и обврските кои се предмет на пописот во најмалку два примерока. Во пописните листи се внесуваат податоци за номенклатурните броеви, називите, видовите, единиците на мерки, фактичките количини, доколку е применливо, и фактичките вредности, поединечно за средствата и обврските кои се предмет на пописот.

Податоците за средствата и обврските чија фактичка состојба на денот на пописот не е можно да се утврди или за кои не постои уредна документација се внесуваат во посебни пописни листи.

Извештајот за извршениот попис особено содржи:

– податоци за датумот на почеток и завршување на пописот;

– преглед на материјалните (физичките) и вредносните разлики меѓу фактичката и сметководствената состојба и причините за разликите;

– преглед на сметководствената вредност на средствата и обврските чија фактичка вредност на денот на пописот не е утврдена, со соодветни образложенија;

– забелешки и објаснувања во врска со утврдените разлики дадени од лицата кои ракуваат со средствата, односно кои се задолжени со материјалните (физичките) и паричните вредности;

– предлози за ликвидација на утврдените разлики (пребивање на кусоците и вишоците настанати по основ на замена на исти и слични видови, односно средства и вредност, начинот на надоместување на кусоците и приходување на вишоците, отпис на застарените побарувања, приходување на застарените обврски и

– останати забелешки и предлози на комисијата за попис.

Извештајот за попис, заедно со пописните листи и актот на одговорното лице на трговецот за постапките за усогласување на сметководствената со фактичката состојба на попишаните средства и обврски се доставува за книжење до лицето на кое трговецот го доверил водењето на трговските книги и составување на годишната сметка и финансиски извештаи, заради усогласување на сметководствената со фактичката состојба на средствата и обврските.

На 16.12.2019 година во Хотел ”Порта” – Скопје, Книгоприма Консалтинг одржа работилница на тема: Имплементација на новините содржани во даночните прописи и Попис на средства и обврски за 2019 година.

Во рамки на даночните прописи се дискутираше за одредбите на Законот за данок на личен доход стапи на сила на 1ви јануари 2019 година. Претходно оваа материја беше уредена со Законот за персонален данок на доход, согласно кој доходот на граѓаните се оданочуваше по стапка од 10% независно од висината на остварениот доход.  Главната интенција на законодавецот при донесување на Законот на данокот на личен доход беше промена на рамната стапка на оданочување и воведување на прогресивна даночна стапка.

Согласно актуелните одредби на Законот за данокот на личен доход,  за доходот од работа, доходот од самостојна дејност, доходот од авторски и сродни права и доходот од продажба на сопствени земјоделски производи, данокот на доход се плаќа по прогресивни стапки и тоа:

За доход до 1.080.000 денари годишно, даночната стапка е 10%

За доход над 1.080.001 денари годишно се плаќа 108.000 + 18% на делот од доходот над 1.080.000 денари.

Додека за доходот од права од индустриска сопственост, доходот од закуп и подзакуп, доходот од капитал, капиталните добивки, добивките од игри на среќа, доходот од осигурување и друг доход, данокот се плаќа по единствена стапка од 15%.

При аконтативното оданочување се применуваат стапките на данок на доход во зависност од висината на поединечната исплата. Но, доколку на годишно ниво доходот го надмине износот од 1.080.000 денари, за разликата над овој износ данокот на доход ќе го плати физичкото лице остварувач на доходот.

Воедно, со донесување на новиот закон се утврди зголемување на износот на даночното намалување кај платите и пензиите на 96.000 денари годишно, односно 8.000 денари месечно, се изврши намалување на нормираните трошоци кои се земаат предвид при утврдување на даночната основа за одделните видови на доход, односно приближување на нивната висина до висината на овие трошоци во земјите од регионот како и се допрецизираа голем дел дел од законските одредби на претходната регулатива.

Но само по единаесет месеци примена на прогресивната даночна стапка, Министерството за финансии најави измена на Законот за личен доход.

Со измените се уредува следното:

-за доходот од капитални добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд, данокот се плаќа по стапка од 15% доколку имателот ги поседувал до една година, односно по стапка 10% доколку ги поседувал за период од една до 10 години.

-за доходот од капитал остварен по основ на камати на орочени депозити, данокот се плаќа по единствена стапка од 10%.

-се утврдуваат нови даночни ослободувања за капитални добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд доколку имателот ги поседувал за период подолг од 10 години и надоместоци на трошоци за хотелско сместување (со категорија до четири звездички) во износ најмногу до 6.000 денари дневно и надоместоци на трошоци за превоз на лица кои не се вработени кај исплатувачот, а се ангажирани во функција на дејноста на исплатувачот (во земјата и во странство), врз основа на документирани докази за направените трошоци, извештај за ангажманот и документи за основаноста на ангажманот (покана, агенда, програма, договор, работен налог и сл) и со потврден временски редослед меѓу сместувањето, превозот и извршената работа;

-оданочувањето на каматите од орочени депозити и оданочувањето на капиталните добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд, ќе се применува од 1 јануари 2023 година

-пресметката и плаќањето на данокот на доходот од работа, доходот од самостојна дејност, доходот од авторски и сродни права, доходот од продажба на сопствени земјоделски производи, доходот од права од индустриска сопственост, доходот од закуп и подзакуп, доходот од капитал, капиталните добивки, доходот од осигурување и друг доход за 2020, 2021 и 2022 година ќе се врши по стапка од 10% и

-данок на доход нема да се плаќа за капитална добивка остварена од продажба на хартии од вредност, кои се стекнати со емисија на хартии од вредност реализирана како иницијална јавна понуда.