...

Измени на Законот за данокот на добивка – нов рок за поднесување на Извештај за трансферни цени  

Во ,,Службен весник на Република Северна Македонија’’ бр. 275/19, објавен е Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка .

Со измените се уредуваат оддлените видови на непрофитни организации кои нема да бидат обврзници за данокот на добивка, односно се определува дека здруженија на граѓани и фондации како и нивните сојузи и други облици на здружување или поврзување, стопанската интересна заедница, политичките партии, верските заедници, религиозните групи, Црвениот крст на Република Северна Македонија, здруженија на странци, странски и меѓународни невладини организации, хуманитарни организации и здруженија, синдикатите, коморите и други правни лица основани со посебни прописи од кои произлегува дека се непрофитни организации, не се обврзници за данок на добивка.

Се допрецизираат одредбите кои се однесуваат на даночно непризнаените расходи, со што се утврдува дека како даночно непризнаени расходи се сметаат следните:

– надоместоци на трошоци за хотелско сместување (категорија повисока од четири ѕвездички) во износ над 6.000 денари дневно по лице и надоместоци на трошоци за превоз на лица кои не се вработени кај исплатувачот, а се ангажирани во функција на дејноста на исплатувачот (во земјата и во странство), доколку истите не се документирани;

– надоместок за практикантска работа над износите пропишани согласно со Законот за практиканство и

– надоместок за практична обука на ученици и практична настава на студенти во висина над 8.000 денари месечно.

Се продолжува рокот за поднесување на извештајот за трансферни цени, односно наместо даночните обврзници да имаат обврска извештајот да го доставуваат заедно со даночниот биланс до 28 февруари/15 март во годината, тоа да го сторат до 30 септември.

Се определува обврската за поднесување на Извештај на трансферни цени да не се однесува на:

– трансакциите помеѓу поврзани лица резиденти на Република Северна Македонија и

– на обврзниците кои во текот на годината оствариле вкупен приход во износ до 300.000.000 денари.

Се уредува правото на даночен кредит, односно се определува дека даночната основа се намалува за износот на трошоците за амортизација над износот пресметан со примена на амортизациони стапки утврдени со номенклатурата на средствата за амортизација и годишните амортизациони стапки за кои во претходниот период е извршено зголемување на даночната основица, како и даночната основа се намалува за износот на неисплатените надоместоци над износите утврдени во член 9 став 1) точки 2), 3-б), 4), 5), 5-а) и 6) од Законот за данокот на добивка, за кои во претходниот период е извршено зголемување на даночната основа, доколку истите се искажани како приход.

Воедно, со предложените одредби се врши усогласување на прекршочните одредби со Законот за прекршоци.

 

Последно објавени