...

Врз основа на член 82 став (3) од Законот за данокот на личен доход, Министерот за финансии донесе правилник  со кој се пропишува начинот на примена на даночно изземање или намалување согласно со меѓународните договори за одбегнување на двојното оданочување на доходот кој го остварува странско физичко лице, како и формата и содржината на обрасците за остварување на правото на изземање односно намалување.

Барањето за изземање од данок на доход во согласност со договорите за одбегнување на двојното оданочување се поднесува на образецот “Б-ИДД“ изготвен на хартија во бела боја во А-4 формат.

Барањето за намалување односно изземање од данок на доход по видови на доход во согласност со договорите за одбегнување на двојното оданочување се поднесува на образецот “Б-ИДД/ВД“ изготвен на хартија во бела боја во А-4 формат.

Во случаите кога при исплатата на доходот не се плаќа данок по одбивка во согласност со одредбите на договорите за одбегнување на двојното оданочување, се поднесува барањето “Б- ИДД“ заедно со потврда за резидентен статус од надлежниот даночен орган во странство.

Во случаите кога е наплатен данок на доходот кој согласно договорите за одбегнување на двојното оданочување е изземен или во однос на истиот се применува пониска даночна стапка странското физичко лице до Управата за јавни доходи може да поднесе барање за

враќање на повеќе платениот данок во однос на данокот кој требало да биде платен.

Барањето за враќање на повеќе платениот данок по видови на доход се поднесува на образецот “Б-ВД/ВД“ изготвен на хартија во бела боја во А-4 формат.

Барањето за враќање на повеќе платениот данок од капитални добивки се поднесува на образецот “Б-ВД/КД“ изготвен на хартија во бела боја во А-4 формат.

Формата и содржината на обрасците “Б-ИДД“ , “Б-ИДД/ВД“, “Б-ВД/ВД“  и “Б-ВД/КД“  се во прилог на оваа објава.

Baranje za izzemanje od danok na dohod

Baranje za namaluvanje odnosno izzemanje od danok na dohod po vidovi na dohod

Baranje za vrakjanje na danok od dohod po vidovi na dohod

Baranje za vrakjanje na danok od dohod od kapitalni dobivki

Согласно член 37 став (2) од Законот за данокот на личен доход, Министерот за финансии донесе правилник со кој  се пропишува формата, содржината и начинот на составување на годишниот даночен биланс за обврзниците кои остваруваат приходи од вршење на самостојна дејност и кои се должни да водат деловни книги.

Годишниот даночен биланс се изготвува на образец „ДЛД-ДБ“ во А4 формат, во хартија во бела боја.

Годишниот даночен биланс се составува на следниот начин:

-во делот А. Утврдување на основата за пресметување на данокот на доход од самостојна дејност, се искажува нето доходот односно загубата, утврдена со Билансот на приходи и расходи на образецот „Б“ и се искажуваат по одделни видови сите расходи кои не се признаваат за даночни цели,

-во делот Б. Даночни намалувања и ослободувања, се искажуваат сите намалувања на даночната основа и на пресметаниот данок и

-во делот В. Данок за плаќање, се искажува пресметаниот годишен данок, платените аконтации на данокот во текот на годината за која се пресметува данокот и утврдената разлика.

Формата и содржината на годишниот даночен биланс се дадени во Прилог на оваа објава.

Godisen Danocen Bilans

 

Врз основа на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, стапките по кои се пресметуваат и плаќаат придонесите од задолжително социјално осигурување почнувајќи со исплата на платата за месец Јануари 2020 година, се променети и тоа за следните придонеси:

-Придонес за задолжително пензиско и инвалидско осигурување (18.8%)

-Придонес за задолжително здравствено осигурување (7,5%)

-Придонес за стажот на осигурување со зголемено траење 12 месеци што се сметаат во стаж на осигурување како 18 месеци (9,4%)

-Придонес за стажот на осигурување со зголемено траење 12 месеци што се сметаат во стаж на осигурување како 17 месеци (7.83%)

-Придонес за стажот на осигурување со зголемено траење 12 месеци што се сметаат во стаж на осигурување како 16 месеци (6,27%)

-Придонес за стажот на осигурување со зголемено траење 12 месеци што се сметаат во стаж на осигурување како 15 месеци (4,7%)

-Придонес за стажот на осигурување со зголемено траење 12 месеци што се сметаат во стаж на осигурување како 14 месеци (3,13%) и

-Придонес за стажот на осигурување со зголемено траење 12 месеци што се сметаат во стаж на осигурување како 13 месеци (1,57%).

Даночното намалување за 2020 година изнесува 98.736,00 денари годишно, односно 8.228 денари  месечно.

Најновата верзија на “МПИН“ клиентскиот софтвер може да се преземе од следниот линк:

http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/81

При поднесување пресметки за минат период и исправка на пресметки потребно е да се користат стапките на данок на личен доход, стапките на придонеси од задолжително социјално осигурување и даночното ослободување кои важат за тој период согласно Законот.

Линк од објавата на Управата за јавни приходи:

http://www.ujp.gov.mk/mk/javnost/soopstenija/pogledni/731.

 

Во ,,Службен весник на Република Северна Македонија’’ бр. 275/19, објавен е Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка .

Со измените се уредуваат оддлените видови на непрофитни организации кои нема да бидат обврзници за данокот на добивка, односно се определува дека здруженија на граѓани и фондации како и нивните сојузи и други облици на здружување или поврзување, стопанската интересна заедница, политичките партии, верските заедници, религиозните групи, Црвениот крст на Република Северна Македонија, здруженија на странци, странски и меѓународни невладини организации, хуманитарни организации и здруженија, синдикатите, коморите и други правни лица основани со посебни прописи од кои произлегува дека се непрофитни организации, не се обврзници за данок на добивка.

Се допрецизираат одредбите кои се однесуваат на даночно непризнаените расходи, со што се утврдува дека како даночно непризнаени расходи се сметаат следните:

– надоместоци на трошоци за хотелско сместување (категорија повисока од четири ѕвездички) во износ над 6.000 денари дневно по лице и надоместоци на трошоци за превоз на лица кои не се вработени кај исплатувачот, а се ангажирани во функција на дејноста на исплатувачот (во земјата и во странство), доколку истите не се документирани;

– надоместок за практикантска работа над износите пропишани согласно со Законот за практиканство и

– надоместок за практична обука на ученици и практична настава на студенти во висина над 8.000 денари месечно.

Се продолжува рокот за поднесување на извештајот за трансферни цени, односно наместо даночните обврзници да имаат обврска извештајот да го доставуваат заедно со даночниот биланс до 28 февруари/15 март во годината, тоа да го сторат до 30 септември.

Се определува обврската за поднесување на Извештај на трансферни цени да не се однесува на:

– трансакциите помеѓу поврзани лица резиденти на Република Северна Македонија и

– на обврзниците кои во текот на годината оствариле вкупен приход во износ до 300.000.000 денари.

Се уредува правото на даночен кредит, односно се определува дека даночната основа се намалува за износот на трошоците за амортизација над износот пресметан со примена на амортизациони стапки утврдени со номенклатурата на средствата за амортизација и годишните амортизациони стапки за кои во претходниот период е извршено зголемување на даночната основица, како и даночната основа се намалува за износот на неисплатените надоместоци над износите утврдени во член 9 став 1) точки 2), 3-б), 4), 5), 5-а) и 6) од Законот за данокот на добивка, за кои во претходниот период е извршено зголемување на даночната основа, доколку истите се искажани како приход.

Воедно, со предложените одредби се врши усогласување на прекршочните одредби со Законот за прекршоци.

 

Управата за јавни приходи објави известување за сите даночни обврзници (правни и физички лица) кои во претходната календарска година од вршење на оданочива стопанска дејност оствариле вкупен промет повисок од 2.000.000 денари дека имаат обврска да поднесат Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност образец ДДВ-01 најдоцна до 15 јануари 2020 година.

Во истиот рок Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност образец ДДВ-01 можат да достават  и даночните обврзници кои сакаат доброволно да се регистрираат за целите на данокот на додадена вредност.

Пријавата за регистрација за данокот на додадена вредност може да се достави по пошта, лично до Регионалната дирекција на Управата за јавни приходи (според седиштето/живеалиштето на даночниот обврзник) или по електронски пат http://etax.ujp.gov.mk.

Сите даночни обврзници кои веќе се регистрирани за целите на ДДВ и чиј вкупен промет во календарската 2019 година не го надминал износот од 2.000.000 денари можат да поднесат пријава за отповикување на регистрација за данокот на додадена вредност.

Даночните обврзници пријавата за отповикување на регистрација за данокот на додадена вредност ја поднесуваат најдоцна до 15-ти јануари 2020 година до даночната канцеларија на УЈП или во електронска форма преку http://etax.ujp.gov.mk.

Даночни обврзници за данокот на додадена вредност можат да бидат сите правни и физички лица, како и здружувањата на лица кои вршат оданочива стопанска дејност.

Пријавата за регистрација за данокот на додадена вредност да се преземе од следниот линк:

http://www.ujp.gov.mk/files/attachment/0000/0962/DDV-01_Prijava_279_19_04.01.2020_web.pdf

Пријавата за отповикување на регистрација за данокот на додадена вредност може да се преземе од следниот линк:

http://www.ujp.gov.mk/files/attachment/0000/0096/DDV-01B_02.01.2020_web.pdf