Во ,,Службен весник на Република Северна Македонија’’ бр.275/2019, објавен е Законот за изменување и дополнување на Законот за личен доход со кој примената на прогресивната даночна стапка се става во мирување за период од 36 месеци, односно до 1-ви јануари 2023 година.
Со измените се утврдува следното:
-оданочување на доходот од работа, доходот од самостојна дејност, доходот од авторски и сродни права, доходот од продажба на сопствени земјоделски производи, доходот од права од индустриска сопственост, доходот од закуп и подзакуп, доходот од капитал, капиталните добивки, доходот од осигурување и друг доход за 2020, 2021 и 2022 година по стапка од 10%;
-оданочување на доходот од добивките од игри на среќа, по единствена стапка од 15%;
-за доходот од капитални добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд, данокот се плаќа по стапка од 15% доколку имателот ги поседувал до една година, односно по стапка 10% доколку ги поседувал за период од една до 10 години.
-за доходот од капитал остварен по основ на камати на орочени депозити, данокот се плаќа по единствена стапка од 10%.
-нови даночни ослободувања за капитални добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд доколку имателот ги поседувал за период подолг од 10 години и надоместоци на трошоци за хотелско сместување (со категорија до четири звездички) во износ најмногу до 6.000 денари дневно и надоместоци на трошоци за превоз на лица кои не се вработени кај исплатувачот, а се ангажирани во функција на дејноста на исплатувачот (во земјата и во странство), врз основа на документирани докази за направените трошоци, извештај за ангажманот и документи за основаноста на ангажманот (покана, агенда, програма, договор, работен налог и сл) и со потврден временски редослед меѓу сместувањето, превозот и извршената работа;
-оданочување на камати од орочени депозити и оданочувањето на капитални добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд, ќе се применува од 1 јануари 2023 година
-данок на доход не се плаќа за капитална добивка остварена од продажба на хартии од вредност, кои се стекнати со емисија на хартии од вредност реализирана како иницијална јавна понуда и
-усогласување на прекршочни одредби со новиот Закон за прекршоци.