Во ,,Службен весник на Република Северна Македонија’’ бр.275/2019, објавен е Законот за изменување и дополнување на Законот за личен доход со кој примената на прогресивната даночна стапка се става во мирување за период од 36 месеци, односно до 1-ви јануари 2023 година.
Со измените се утврдува следното:
-оданочување на доходот од работа, доходот од самостојна дејност, доходот од авторски и сродни права, доходот од продажба на сопствени земјоделски производи, доходот од права од индустриска сопственост, доходот од закуп и подзакуп, доходот од капитал, капиталните добивки, доходот од осигурување и друг доход за 2020, 2021 и 2022 година по стапка од 10%;
-оданочување на доходот од добивките од игри на среќа, по единствена стапка од 15%;
-за доходот од капитални добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд, данокот се плаќа по стапка од 15% доколку имателот ги поседувал до една година, односно по стапка 10% доколку ги поседувал за период од една до 10 години.
-за доходот од капитал остварен по основ на камати на орочени депозити, данокот се плаќа по единствена стапка од 10%.
-нови даночни ослободувања за капитални добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд доколку имателот ги поседувал за период подолг од 10 години и надоместоци на трошоци за хотелско сместување (со категорија до четири звездички) во износ најмногу до 6.000 денари дневно и надоместоци на трошоци за превоз на лица кои не се вработени кај исплатувачот, а се ангажирани во функција на дејноста на исплатувачот (во земјата и во странство), врз основа на документирани докази за направените трошоци, извештај за ангажманот и документи за основаноста на ангажманот (покана, агенда, програма, договор, работен налог и сл) и со потврден временски редослед меѓу сместувањето, превозот и извршената работа;
-оданочување на камати од орочени депозити и оданочувањето на капитални добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд, ќе се применува од 1 јануари 2023 година
-данок на доход не се плаќа за капитална добивка остварена од продажба на хартии од вредност, кои се стекнати со емисија на хартии од вредност реализирана како иницијална јавна понуда и
-усогласување на прекршочни одредби со новиот Закон за прекршоци.
Во ,,Службен весник на Република Северна Македонија’’ бр.275/2019, објавен е Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност.
Измените и дополнувањата се однесуваат на следното:
-се дава можност даночните обврзници регистрирани за цели на данокот на додадена вредност, правото на одбивка на претходен данок да го остваруваат и со поседување на фискална сметка чиј вкупен промет не надминува 6.000 денари издадена согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања, односно се укинува сметкопотврдата како пропратен документ на фискалната сметка за правдање на трошоци до износ од 6.000 денари;
-зголемување на прагот за задолжителна регистрација за целите на данокот на додадена вредност од 1.000.000 денари на 2.000.000 денари и скратување на периодот на останување на системот на данокот на додадена вредност од 5 на 3 години;
-можност за даночните обврзници кои биле регистрирани за цели на данокот на додадена вредност, а кои во 2019 година не го надминале прагот од 2.000.000 денари да имаат право да побараат отповикување од регистрација за цели на данокот на додадена вредност;;
-можност за даночните обврзници кои не биле регистрирани за цели на данокот на додадена вредност и кои во 2019 година го надминале прагот од 1.000.000 денари меѓутоа не го надминале прагот од 2.000.000 денари, да немаат обврска за регистрација за цели на данокот на додадена вредност
-ослободување од плаќање на данок на додадена вредност за добрата кои се увезуваат од страна на воените сили на други држави кои се членки на Северно Атланскиот Договор (НАТО), пропишување на даночно ослободување при увоз за потребите на тие сили или за придружниот цивилен персонал, како и за снабдување на нивните мензи или кантини, ако тие сили учествуваат во заеднички одбрамбени активности и
-усогласување на одредбите на Законот за данокот на додадена вредност со Законот за прекршоци.