...

Во ,,Службен весник на Република Северна Македонија’’ бр.261/2019, објавен е Законот за данокот на моторни возила. Со законот се уредува данокот на моторни возила наменети за употреба на територијата на Република Северна Македонија, во однос на настанувањето, пресметувањето и плаќањето на данокот на моторни возила, како и правата и обврските на обврзниците за плаќање на данокот на моторни возила и надлежностите на царинскиот орган во врска со данокот на моторни возила. Моторните возила опфатени со овој закон подлежат на плаќање данок на моторни возила пред нивната регистрација, во случај кога на територијата на Република Северна Македонија се врши производство на моторни возила и пуштање во промет, преправка на моторни возила кои еднаш се одобрени и регистрирани од еден во друг вид на моторно возило и увоз на моторни возила.

Согласно одредбите на законот, данокот на моторните возила се пресметува врз основа на податокот за износот на просечната емисија на јаглерод диоксид – CO2 изразен во грам по километар, податокот за износот на данокот на моторни возила за 1 грам јаглерод диоксид- CO2 за соодветна категорија во зависност од видот на горивото кое се користи за погон на возилото искажан во денари, податокот за продажната вредност на возилото без вклучен данок на додадена вредност искажан во евра во денарска противвредност според средниот курс на Народна Банка на Република Северна Македонија на денот на пресметката или при увоз податокот за царинската вредност на возилото утврдена согласно царинските прописи и податокот за износот на царината, искажани во евра во денарска противвредност пресметани според средниот курс на Народна Банка на Република Северна Македонија на денот на увозот, како и податокот за износот на процентот од вредноста на возилото за соодветна категорија.

Се определува враќање на данокот за моторни возила за:

-нови патнички моторни возила кои регистрирани лица ги набавуваат за вршење основна дејност авто такси превоз на патници, во износ од 25% од платениот данок;

-нови патнички моторни возила со вкупно осум или девет седишта (вклучувајќи го и седиштето на возачот) кои регистрираните лица ги набавуваат за вршење основна дејност авто такси превоз на патници или правни лица ги користат за превоз на лица за службени потреби, во износ од 80 % од платениот данок;

– возила за домување, во износ од 80 % од платениот данок и

– нови товарни моторни возила (трицикли или четирицикли) со зафатнина на моторот поголема од 50 cm3, кои се набавени од страна на регистрирани лица за вршење основна дејност комунална хигиена, враќање на износот на платениот данок на моторни возила, во целост.

Законот за данокот на моторни возила ќе започне да се применува од 1ви јануари 2020 година.

Од 1ви јули до 31ви декември трае законската обврска на работодавците од приватниот сектор за  исплата на регрес за годишен одмор (К-15).

Право на регрес за годишен одмор имаат работниците од приватниот сектор под услов работникот да е во непрекинат работен однос кај работодавачот во период од најмалку 6 (шест) месеци во тек на календарската година.

Согласно одредбите на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, Регрес за годишен одмор се исплаќа во висина од најмалку 40% од основицата. Основица за пресметка на регресот за годишен одмор е просечната месечна нето плата по работник во Република Северна Македонија, исплатена во последните три месеци.

Согласно член 15 став 1 алинеја 2 од Законот за данок на личен доход (,,Службен весник на Република Македонија’’бр.241/18), надоместоците на трошоци поврзани со работа утврдени со Законот за работните односи,  општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството,граѓанските колективни договори, колективниот договор на ниво на работодавач и прописите за органите на државната управа, се сметаат за доход од работа за кој се плаќа данок на личен доход во висина утврдена согласно одредбите на законот.

Согласно член 9 став 1 точка 2 алинеја 6 од Законот за данок на добивка (,,Службен весник на Република Македонија’’ бр. 112/14, 129/15, 23/16, 190/16 и 248/18, регресот за годишен одмор во висина на минималниот износ утврден со одредбите на ОКД од 40% од основицата, не подлежи на одданочување на данок од добивка. Данок на добивка се исплаќа за секоја исплата во висина над 40% од основицата.

Работниците на кои нема да им биде исплатен регресот за годишен одмор дека можат да побараат интервенција од  Државниот инспекторат за труд, или пак да поведат судска постапка за заштита на своите права.

Законодавецот предвидува казна во висина до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра се за фирмата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа.

Законодавецот предвидува и казна затвор од една година за работодавците кои ќе исплатат регрес, а потоа ќе бараат од работниците делумно или целосно да им го вратат.

Државниот инспекторат за труд врши надзор над спроведување на процесот на исплата на регрес, по пристигната пријава или самоиницијативно по случаен избор.