...

Правилник за начинот на пресметката на износот за субвенционирање и постапката за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување по основ на зголемување на плата

Во ,,Службен весник на РСМ’’ бр.244/2019 година, објавен е Правилникот за начинот на пресметката на износот за субвенционирање и постапката за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување по основ на зголемување на плата.

Согласно одредбите на правилникот, при поднесување на Месечната пресметка за интегрирана наплата до Управата за јавни приходи, согласно Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, од страна на обврзникот  се означува вработеното лице за кое се бара субвенционирање на придонесите, со внесување на шифра 404 во полето 3.23 од клиентскиот софтвер.

Износот на субвенционирање на придонесите се пресметува автоматски преку системот за интегрирана наплата на Управата за јавни приходи. За осигуреникот за кој обврзникот внел шифра со која бара субвенционирање на придонеси, се проверува исполнетоста на условите од Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата.

Доколку обврзникот ги исполнува условите согласно Законот, од страна на Управата за јавни приходи преку Декларацијата за прием, се врши автоматско намалување на пресметаниот износ на обврската за социјални придонеси, за износот на одобреното субвенционирање на придонесите и се подготвува Збирен налог за плаќање намален за износот на одобреното субвенционирање на придонесите, кои се доставуваат збирно до Министерството за труд и социјална политика.

Доколку обврзникот не ги исполнува условите согласно Законот, од страна на Управата за јавни приходи преку Декларацијата за прием со порака „предупредување“ се известува обврзникот за неисполнетоста на условите и причините за неодобрување на субвенционирањето на придонесите, и се потврдува пресметката на обврска за социјални придонеси без одобрено субвенционирање на придонесите.

Последно објавени