Во ,,Службен весник на Република Северна Македонија’’ бр.239/19, објавен е Законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Северна Македонија.
Согласно одредбите на законот, висината на минималната плата изнесува 14.500 денари во нето износ. Утврдениот износ на минимална плата започнува со исплатата на платата за месец декември 2019 година, заклучно со исплатата на платата за месец март 2020 година кога треба да се врши усогласување на висината.
Висината на минималната плата во бруто износ за месец март секоја година се усогласува со:
-една третина од порастот на просечно исплатената плата во Република Северна Македонија;
– една третина од порастот на индексот на трошоците на живот и
-една третина од реалниот пораст на бруто домашниот производ, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.
Воедно, со измените и дополнувањата, Законот за минимална плата во Република Македонија се усогласува со одредбите на Законот за инспекциски надзор и Законот за прекршоците.
Во ,,Службен весник на Република Северна Македонија’’ бр.239/19, објавен е Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата. Законот ќе се применува од 1 ноември 2019 година до 31 октомври 2022 година. Субвенционирањето на придонесите за зголемувањето на платите согласно овој закон, започнува да се применува со исплата на плата за месец октомври 2019 година.
Кој може да користи субвенционирање на придонеси?
Согласно одредбите на законот, субвенционирање на придонеси може да користи:
– обврзник кој има статус на активен обврзник за пресметка и уплата на придонеси и нема доспеани обврски по основ на бруто плата до денот на побарување на субвенцијата на придонеси;
– обврзник за осигуреник кој бил во задолжително социјално осигурување кај тој обврзник во сите месеци од референтниот период и
– обврзник за осигуреник за кој има зголемување на плата како разлика меѓу пресметаната нето плата за месецот за кој се побарува субвенционирање на придонеси и референтната основна плата исплатена од обврзникот во референтниот период.
На што се однесува субвенцијата?
-Субвенцијата се однесува на зголемена нето плата по вработен над досегашните примања, при што во однос на зголемениот надоместок државата ќе ја преземе обврската да ги надомести трошоците за придонесите од задолжително социјално осигурување за износот за кој ќе е одобрено субвенционирање на придонеси.
За колкавав износ на зголемување на нето плата ќе се одобрува субвенција?
–Најнискиот износ за кој ќе се одобрува субвенција на придонес е зголемување на нето плата во износ од 600 денари месечно по осигуреник, додека највисокиот износ е зголемување на нето плата во износ од 6.000 денари месечно по осигуреник.
На кој начин ќе се остварува субвенцијата?
-Работодавачот во Месечната пресметка за интегрирана наплата што ја поднесува до Управата за јавни приходи, за осигуреникот за коj бара субвенционирање на придонеси внесува ознака објавена од страна на Управата за јавни приходи. Управата за јавни приходи ќе врши контрола на Месечната пресметка за интегрирана наплата во однос на исполнетоста на условите предвидени со закон, при што доколку истите се исполнети, истата го намалува износот од обврската за социјалните придонеси за износот на одобреното субвенционирање на придонесите.
Кој ќе ги исплаќа одобрените субвенции и во кој рок?
– Износот за одобрените субвенции на придонеси во претходниот месец ќе се исплаќа преку Министерството за труд и социјална политика, најдоцна до 25-ти во тековниот месец.