...

Надоместоци за организиран превоз од и до работа, како и исхрана за време на работа ослободени од данок на личен доход и данок на добивка

Закон за работни односи

Согласно член 113 од Законот за рaботните односи (,,Службен весник на Република Македонија’’ бр.62/05, 106/08, 161/08, 114/09, 130/09, 50/10, 52/10, 124/10, 47/11, 11/12, 39/12, 13/13, 25/13, 170/13, 187/13, 113/14, 20/15, 33/15, 72/15, 129/15, 27/16, 120/18 и 110/19), работодавачот на свој трошок на работниците може да им организира превоз до и од работното место, како и исхрана за време на работа. Трошоците за исхрана од ставот 4 на овој член можат да изнесуваат најмногу до 20% од просечната нето плата по работник исплатена во претходната година, а трошоците за превоз во висина на стварните трошоци во јавниот сообраќај.

Закон за данокот на личен доход

Согласно член 12 став 1 алинеја 19 од Законот за данокот на личен доход (,,Службен весник на Република Македонија’’ бр.241/18), данок на личен доход не се плаќа за трошоци за организиран превоз до и од работа, како и исхрана за време на работа утврдени со закон, општ колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, односно за вработените во нестопанството во висина утврдена со прописите за органите на државната управа.

Закон за данокот на добивка

Согласно член 9 став 1 алинеја 3 од Законот за данокот на добивка (,,Службен ведник на Република Македонија’’ бр.112/14, 129/15, 23/16, 190/16 и 248/18), данок на добивка не се плаќа за трошоци за организирана исхрана и превоз во јавниот сообраќај во висина на износи утврдени со закон.

Општ колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството

Согласно член 35 став 4 Општиот  колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството (,,Службен весник на Република Македонија’’ бр.88/09 и 60/10), работодавачот на свој трошок на работниците може да им организира превоз до и од работното место, како и исхрана за време на работа. Трошоците за исхрана може да изнесуваат најмногу до 20% од просечната нето плата по работник исплатена во претходната година, а трошоците за превоз во висина на стварните трошоци во јавниот сообраќај.

Општ колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија

Согласно член 21 став 1 од Општиот колективен договор за јавниот сектор во Република Македонија (,,Службен весник на Република Македонија’’ бр.10/08 и 85/09) работникот има право на надомест на трошоците поврзани со работа утврдени со закон и тоа за исхрана, доколку исхраната не е организирана и на трошоци за превоз до и од работа во случаи кога нема организирано превоз во висина на најниските реални трошоци.

Последно објавени