...
  1. Кое физичко лице е даночен обврзник за цели на данокот на додадена вредност?

Согласно член 9 став 1 од Законот за данокот на додадена вредност (,,Службен весник на Република Македонија’’ бр. 44/99, 59/99, 86/99, 11/00, 8/01, 21/03, 19/04, 33/06, 45/06, 101/06, 114/07, 103/08, 114/09, 133/09, 95/10, 102/10, 24/11, 135/11, 155/12,12/14, 112/14, 130/14, 15/15, 129/15, 225/15, 23/16, 189/16, 198/18, 98/19 и 124/19), даночен обврзник е лице кое трајно или повремено самостојно врши стопанска дејност, независно од целите и резултатите од оваа дејност.

  1. Што се вклучува пресметката на износот на вкупен промет за регистрација на физички лица?

Во пресметката на износот на  вкупниот промет за цели на регистрација за ДДВ се засметува прометот на добра и услуги кои ги извршило лицето во земјата, а за кои не е предвидено даночно ослободување, како и  прометот на добра и услуги кои се ослободени од  ДДВ со право на одбивка на претходниот данок согласно член 24 и член 24-а од Законот за данокот на додадена вредност.

Во пресметката не се засметува прометот на добра и услуги кои се ослободени од ДДВ без право на одбивка на претходниот данок согласно член 23 од Законот за данокот на додадена вредност, како и прометот на добра и услуги за кои место на промет не е во земјата согласно член 13 и член 14 од Законот за данокот на додадена вредност.

  1. Кои физички лица имаат обврска за регистрација за цели на ДДВ?

Согласно член 51 од Законот за данокот на додадена вредност, физичките лица кои се сметаат за даночни обврзници имаат обврска за регистрација за цели на ДДВ, доколку во претходната календарска година оствариле вкупен промет чиј износ надминал 1.000.000,00 денари или чиј вкупен промет се предвидува на почетокот од вршењето на стопанската дејност дека ќе го надмине износот или прометот во тековната календарска  година го надмине износот.

  1. Каде, како и во кој рок се поднесува пријавата за регистрација за цели на ДДВ?

Пријавата за регистрација за ДДВ се поднесува во Управата за јавни приходи на пропишан образец кој може да се симне од следниот линк http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/189 .

Рокот за поднесување на пријавата е:

-15ти јануари во тековната година – за даночните обврзници кои во изминатата календарска година оствариле вкупен промет чиј износ надминал 1.000.000,00 денари и за даночните обврзници кои доброволно се регистрираат за целите на ДДВ;

– 15-ти во месецот кој следи по месецот кога е остварен промет чиј износ надминал 1.000.000,00 денари;

– во рок од 15 дена од почетокот од вршењето на дејноста – кога даночниот обврзник  очекува да го надминат праго за регистрација, како и доколку даночниот обврзник претходно вршел стопанска дејност ослободена од данок без право на одбивка на претходниот данок, а во текот на годината започнува да врши оданочлива дејност.

  1. Кои се правата и обврските на физичкото лице – даночен обврзник?

Согласно одредбите на Законот за данокот на додадена вредност, физичкото лице – даночен обврзник ги има следните права и обврски:

– пресметување на данокот на додадена вредност;

– одбивка на претходен данок;

– издавање фактура;

– поднесување даночна пријава;

– плаќање на данокот на додадена вредност;

– водење евиденција и

– чување документи (фактури и други документи поврзани со евиденција и со

извршен промет).

  1. Дали може да се направи дерегистрација?

Даночниот обврзник има право да ја отповика регистрацијата доколку во последната година вкупниот промет не го надмине пропишаниот вредносен праг. Пријавата за отповикување на регистрација за данокот на додадена вредност се поднесува до 15 јануари во следната година, до Управата за јавни приходи, на образец кој може да се симне од следниот линк http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/77 .