...

 Закон за работни односи

Согласно член 113 од Законот за рaботните односи (,,Службен весник на Република Македонија’’ бр.62/05, 106/08, 161/08, 114/09, 130/09, 50/10, 52/10, 124/10, 47/11, 11/12, 39/12, 13/13, 25/13, 170/13, 187/13, 113/14, 20/15, 33/15, 72/15, 129/15, 27/16, 120/18 и 110/19), работникот има право на надомест на трошоци поврзани со работата за користење на приватен автомобил за службени патувања.  Висината, основицата и рокот за пресметување и исплата на надоместокот на овие трошоци се утврдува со закон и колективен договор.

Закон за данокот на личен доход

Согласно член 12 став 1 алинеја 17 од Законот за данокот на личен доход (,,Службен весник на Република Македонија’’ бр.241/18), данок на доход не се плаќа на надоместок на трошоците за користење сопствен автомобил за потребите на работодавачот во висина од 30% од цената на литар гориво што го користи автомобилот за секој изминат километар, а најмногу до 3.500 денари месечно.

Закон за данокот на добивка

Согласно член 9 став 1 алинеја 2 точка 8 од Законот за данокот на добивка (,,Службен ведник на Република Македонија’’ бр.112/14, 129/15, 23/16, 190/16 и 248/18), данок на добивка не се плаќа на износот на исплатените надоместоци на трошоци за користење на сопствено возило на вработениот за потребите на работодавачот, во висина од 30% од исплатениот износ, но најмногу до 60.000 денари на годишно ниво.

Општ колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството

Согласно член 35 став 1 алинеја 6 од Општиот  колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството (,,Службен весник на Република Македонија’’ бр.88/09 и 60/10), работникот има право на надомест на трошоците поврзани со работа, утврдени со закон и колективен договор и тоа надомест на трошоците за користење на сопствен автомобил за потреби на работодавачот во висина од 30% од цената на литар гориво што го корисити автомобилот за секој изминат километар.

Општ колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија

Согласно член 21 став 1 алинеја 7 од Општиот колективен договор за јавниот сектор во Република Македонија (,,Службен весник на Република Македонија’’ бр.10/08 и 85/09), работникот има право на надомест на трошоците поврзани со работа утврдени со закон и тоа на трошоците за користење на сопствен автомобил за потреби на работодавачот во висина од 30% од цената на литар гориво што го користи автомобилот за секој изминат километар со патен налог. Овие одредби не важат за пратеници и избрани и именувани лица.

Закон за пратениците

Согласно член 31 став 1 алинеја 7 од Законот за пратениците (,,Службен весник на Република Македонија’’ бр.84/05, 52/06, 161/08, 104/09, 51/11, 109/14, 140/18 и 27/19), пратеникот има право на надоместок за користење на автомобили во лична сопственост за службени цели, во висина од 20% од продажната цена на еден литар гориво, според изминатиот километар за возилото кое се користи.

Закон за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија

Согласно член 27 став 1 алинеја 2 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на СРМ“ број 36/1990 и „Службен весник на Република Македонија“ број 38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005, 121/2007, 161/2008, 92/2009, 42/10, 97/10, 162/10, 11/12, 145/12, 170/13, 139/14 и 233/18),  избраните и именуваните лица имаат право на  надоместок за користење на автомобил во лична сопственост за службени цели, во висина до 20% од продажната цена на еден литар гориво, според изминатиот километар за возилото кое се користи.