Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност (,,Службен весник на Република Македонија’’ бр.124/2019), содржи одредби кои се однесуваат на допрецизирање на даночното ослободување во делот на образованието и надополнување со научната дејност, намалување на рокот во кој е задолжително даночните обврзници да останат регистрирани за цели на ДДВ, од пет години, на две години, усогласување на враќањето на ДДВ на членовите на административниот и техничкиот персонал на дипломатски и конзуларни претставништва согласно Виенската конвенција за дипломатски односи, како и измени во одредбите кои се однесуваат на стапката на ДДВ за лековите за ветеринарна медицина и дополнување на одредби за повластена стапка на ДДВ за испорака на топлинска енергија.
Законско решение, пред донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, утврдуваше оданочување на лекови за ветеринарна медицина со општа стапка на ДДВ од 18%. Согласно измените, а имајќи го во предвид значењето на ветеринарната дејност за здравствената заштита на животните и нејзината улога за подобрен ефект врз здравјето на животните законодавецот определи повластена стапка на ДДВ од 5% за лековите за ветеринарна медицина.
Воедно, со измените и дополнувањата се утврди повластена стапка од 5% за испораката на топлинска енергија. Интенцијата на законодавецот е ваквото законоско решение да резултира со намалување на трошоците на граѓаните за топлинската енергија, а воедно да влијае и на намалување на аерозагаденоста.
Во Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, уредено е дека одредбите кои се однесуваат на стапката на ДДВ за лековите за ветеринарна медицина и за испораката на топлинската енергија ќе започнат да се применуваат во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на законот, односно истите започнуваат да се применуваат од 25.08.2019 година.
Согласно Законот за данокот на додадена вредност (,,Службен весник на Република Македонија’’ бр. 44/99, 59/99, 86/99, 11/00, 8/01, 21/03, 19/04, 33/06, 45/06, 101/06, 114/07, 103/08, 114/09, 133/09, 95/10, 102/10, 24/11, 135/11, 155/12,12/14, 112/14, 130/14, 15/15, 129/15, 225/15, 23/16, 189/16, 198/18, 98/19 и 124/19), повластената даночна стапка од 5% се применува врз прометот и увозот на:
- Производи за човечка исхрана;
- Вода за пиење од јавните системи за снабдување и одведување на урбаните отпадни води и водa за наводнување на земјоделско земјиште;
- Публикации и тоа: книги, брошури и слични печатени материјали, весници и други периодични публикации, детски сликовници, книги за цртање и боење за деца и картографски производи од секаков вид, освен публикации кои служат претежно за рекламни цели, како и публикации со порнографска содржина;
- Семенски и саден материјал за производство на земјоделски растенија;
- Ѓубрива;
- Средства за заштита на растенијата;
- Фолии од пластична маса за употреба во земјоделството;
- Земјоделска механизација;
- Лекови вклучувајќи и лекови за ветеринарна медицина;
- Машини за автоматска обработка на податоци и нивни единици (компјутери);
- Термални сончеви системи и компоненти;
- Медицинска опрема, помагала и други уреди чијашто намена е за олеснување или третирање на инвалидност исклучиво за лична употреба од страна на инвалидни лица.
- Сурово масло за производство на храна за човечка исхрана;
- Првиот промет на станбени згради и станови во оној дел во кој истите се користат за станбени цели и кој ќе се изврши во рок до пет години по изградбата;
- Добиточна храна, адитиви за добиточна храна и жив добиток;
- Бебешки производи, и тоа: креветче, количка, транспортер, релаксатор, седиште за во возило, када, хранилка, цуцла, шише и пелени за бебиња;
- Училиштен прибор, и тоа: училишна торба (ранец), тетратка, молив, пенкало, блок, работна тетратка, боички, линијар, шестар, пластелин, острило, гума и коректор;
- Пелети, печки на пелети и котли на пелети и
- Топлинска енергија за греење.
Повластената даночна стапка од 5% се применува и на прометот на следниве услуги:
- Превоз на лица и нивниот придружен багаж;
- Софтвер за машини за автоматска обработка на податоци и нивни единици (компјутери);
- Услуги за одржување на јавна чистота и отпремување на отпад и
- Услуги на сместување (ноќевање) или сместување со појадок, полупансион или полн пансион,во сите видови на комерцијални угостителски објекти.