...

Во ,,Службен весник на РСМ’’ бр.244/2019 година, објавен е Правилникот за начинот на пресметката на износот за субвенционирање и постапката за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување по основ на зголемување на плата.

Согласно одредбите на правилникот, при поднесување на Месечната пресметка за интегрирана наплата до Управата за јавни приходи, согласно Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, од страна на обврзникот  се означува вработеното лице за кое се бара субвенционирање на придонесите, со внесување на шифра 404 во полето 3.23 од клиентскиот софтвер.

Износот на субвенционирање на придонесите се пресметува автоматски преку системот за интегрирана наплата на Управата за јавни приходи. За осигуреникот за кој обврзникот внел шифра со која бара субвенционирање на придонеси, се проверува исполнетоста на условите од Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата.

Доколку обврзникот ги исполнува условите согласно Законот, од страна на Управата за јавни приходи преку Декларацијата за прием, се врши автоматско намалување на пресметаниот износ на обврската за социјални придонеси, за износот на одобреното субвенционирање на придонесите и се подготвува Збирен налог за плаќање намален за износот на одобреното субвенционирање на придонесите, кои се доставуваат збирно до Министерството за труд и социјална политика.

Доколку обврзникот не ги исполнува условите согласно Законот, од страна на Управата за јавни приходи преку Декларацијата за прием со порака „предупредување“ се известува обврзникот за неисполнетоста на условите и причините за неодобрување на субвенционирањето на придонесите, и се потврдува пресметката на обврска за социјални придонеси без одобрено субвенционирање на придонесите.

Во тек е собраниската процедура за донесување на предложените измени и дополнувања Законот за данокот на додадена вредност.

Согласно одредбите, се предлага следното:

-можност даночните обврзници регистрирани за цели на данокот на додадена вредност, правото на одбивка на претходен данок да го остваруваат и со поседување на фискална сметка чиј вкупен промет не надминува 6.000 денари издадена согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања, односно се укинува сметкопотврдата како пропратен документ на фискалната сметка за правдање на трошоци до износ од 6.000 денари;

-зголемување на  прагот за задолжителна регистрација за целите на данокот на додадена вредност од 1.000.000 денари на 2.000.000 денари и се пропишува скратување на периодот на останување на системот на данокот на додадена вредност од 5 на 3 години;

-можност за даночните обврзници кои биле регистрирани за цели на данокот на додадена вредност, а кои во 2019 година не го надминале прагот од 2.000.000 денари да имаат право да побараат отповикување од регистрација за цели на данокот на додадена вредност;;

-можност за даночните обврзници кои не биле регистрирани за цели на данокот на додадена вредност и кои во 2019 година го надминале прагот од 1.000.000 денари меѓутоа не го надминале прагот од 2.000.000 денари, да немаат обврска за регистрација за цели на данокот на додадена вредност

-ослободување од плаќање на данок на додадена вредност за добрата кои се увезуваат од страна на воените сили на други држави кои се членки на Северно Атланскиот Договор (НАТО), пропишување на даночно ослободување при увоз за потребите на тие сили или за придружниот цивилен персонал, како и за снабдување на нивните мензи или кантини, ако тие сили учествуваат во заеднички одбрамбени активности и

-усогласување на одредбите на Законот за данокот на додадена вредност со Законот за прекршоци.

Правото на исплата на регрес за годишен одмор, односно К-15 е воспоставено со Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството и се однесува на сите вработени лица во приватниот сектор во Република Северна Македонија.

Од 1ви јули до 31ви декември трае законската обврска на работодавците од приватниот сектор за  исплата на регрес за годишен одмор.

Кој има право на регрес за годишен одмор, односно К-15?

Право на регрес за годишен одмор имаат работниците од приватниот сектор под услов работникот да е во непрекинат работен однос кај работодавачот во период од најмалку 6 (шест) месеци во тек на календарската година.

Како се пресметува висината на регресот за годишен одмор?

Согласно одредбите на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, Регрес за годишен одмор се исплаќа во висина од најмалку 40% од основицата.

Основица за пресметка на регресот за годишен одмор е просечната месечна нето плата по работник во Република Северна Македонија, исплатена во последните три месеци.

Дали може да се утврди регрес за годишен одмор во помал или поголем износ од утврдениот во ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството?

Кај работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето, ценејќи ја економско-финансиската состојба на работодавачот, по задолжителна претходна консултација со синдикатот на ниво на гранка, односно оддел, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со овој колективен договор

Може да се утврди регрес во поголем износ со негово нормирање во рамки на колективен договор на ниво на дејност или колективен договор на ниво на работодавач.

Дали се плаќа данок на личен доход и данок на добивка на исплатениот регрес за годишен одмор?

Согласно член 15 став 1 алинеја 2 од Законот за данок на личен доход (,,Службен весник на Република Македонија’’бр.241/18), надоместоците на трошоци поврзани со работа утврдени со Законот за работните односи,  општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството,граѓанските колективни договори, колективниот договор на ниво на работодавач и прописите за органите на државната управа, се сметаат за доход од работа за кој се плаќа данок на личен доход во висина утврдена согласно одредбите на законот.

Согласно член 9 став 1 точка 2 алинеја 6 од Законот за данок на добивка (,,Службен весник на Република Македонија’’ бр. 112/14, 129/15, 23/16, 190/16 и 248/18, регресот за годишен одмор во висина на минималниот износ утврден со одредбите на ОКД од 40% од основицата, не подлежи на одданочување на данок од добивка. Данок на добивка се исплаќа за секоја исплата во висина над 40% од основицата.

Каде можат да се обратат работниците на кои работодавецот нема да им исплати регрес за годишен одмор во предвидениот рок, односно најкасно до 31 декември во тек на календарската година?

Работниците на кои нема да им биде исплатен регресот за годишен одмор дека можат да побараат интервенција од  Државниот инспекторат за труд, или пак да поведат судска постапка за заштита на своите права.

Казни за непочитување на правото на регрес за годишен одмор

Законодавецот предвидува казна во висина до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра се за фирмата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа.

Законодавецот предвидува и казна затвор од една година за работодавците кои ќе исплатат регрес, а потоа ќе бараат од работниците делумно или целосно да им го вратат.

Државниот инспекторат за труд врши надзор над спроведување на процесот на исплата на регрес, по пристигната пријава или самоиницијативно по случаен избор.

Во ,,Службен весник на Република Северна Македонија’’ бр.239/19,  објавен е Законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Северна Македонија.

Согласно одредбите на законот, висината на минималната плата изнесува 14.500 денари во нето износ. Утврдениот износ на минимална плата  започнува со исплатата на платата за месец декември 2019 година, заклучно со исплатата на платата за месец март 2020 година кога треба да се врши усогласување на висината.

Висината на минималната плата во бруто износ за месец март секоја година се усогласува со:

-една третина од порастот на просечно исплатената плата во Република Северна Македонија;

– една третина од порастот на индексот на трошоците на живот и

-една третина од реалниот пораст на бруто домашниот производ, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.

Воедно, со измените и дополнувањата, Законот за минимална плата во Република Македонија се усогласува со одредбите на Законот за инспекциски надзор и Законот за прекршоците.

Во ,,Службен весник на Република Северна Македонија’’ бр.239/19,  објавен е Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата. Законот ќе се применува од 1 ноември 2019 година до 31 октомври 2022 година. Субвенционирањето на придонесите за зголемувањето на платите согласно овој закон, започнува да се применува со исплата на плата за месец октомври 2019 година.

Кој може да користи субвенционирање на придонеси?

Согласно одредбите на законот, субвенционирање на придонеси може да користи:

– обврзник кој има статус на активен обврзник за пресметка и уплата на придонеси и нема доспеани обврски по основ на бруто плата до денот на побарување на субвенцијата на придонеси;

– обврзник за осигуреник кој бил во задолжително социјално осигурување кај тој обврзник во сите месеци од референтниот период и

– обврзник за осигуреник за кој има зголемување на плата како разлика меѓу пресметаната нето плата за месецот за кој се побарува субвенционирање на придонеси и референтната основна плата исплатена од обврзникот во референтниот период.

На што се однесува субвенцијата?

-Субвенцијата се однесува на зголемена нето плата по вработен над досегашните примања, при што во однос на зголемениот надоместок државата ќе ја преземе обврската да ги надомести трошоците за придонесите од задолжително социјално осигурување за износот за кој ќе е одобрено субвенционирање на придонеси.

За колкавав износ на зголемување на нето плата ќе се одобрува субвенција?

Најнискиот износ за кој ќе се одобрува субвенција на придонес е зголемување на нето плата во износ од 600 денари месечно по осигуреник, додека највисокиот износ е зголемување на нето плата во износ од 6.000 денари месечно по осигуреник.

На кој начин ќе се остварува субвенцијата?

-Работодавачот во Месечната пресметка за интегрирана наплата што ја поднесува до Управата за јавни приходи, за осигуреникот за коj бара субвенционирање на придонеси внесува ознака објавена од страна на Управата за јавни приходи. Управата за јавни приходи ќе врши контрола на Месечната пресметка за интегрирана наплата  во однос на исполнетоста на условите предвидени со закон, при што доколку истите се исполнети, истата го намалува износот од обврската за социјалните придонеси за износот на одобреното субвенционирање на придонесите.

Кој ќе ги исплаќа одобрените субвенции и во кој рок?

– Износот за одобрените субвенции  на придонеси во претходниот месец ќе се исплаќа преку Министерството за труд и социјална политика, најдоцна до 25-ти во тековниот месец.

На Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР објавен е Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва, со кој се уредува можноста за основање на Поедноставено друштво со органичена одговорност – ПДОО, со симболичен минимален износ на почетен основачки капитал од 1 евро.

Се предлага друштвото да има најмногу до тројца основачи-физички лица, од кои еден би бил  управител, односно член на органот на управување. Основачите/содружниците, односно управителите на дружтвото би ги имале истите права и обврски, како и основачите/содружниците, односно управителите во друштвото со ограничена одговорност, со одредени исклучоци во делот на финансиското работење, од аспект на употребата на добивката, оформувањето законска резерва и начинот на нејзиното користење.

Со Предлог на законот се врши и усогласување со Законот за прекршоци, објавен во Службен весник на Република Северна Македонија бр.96 од 17.05.2019 год. Со Предлог на законот се овозможува намалување на износот на глобите за трговците, доколку согласно Законот за трговските друштва се класифицирани како микро и мали трговци, додека за останатите трговци, класифицирани како средни и големи, износот на глобата се предлага да биде зголемен. Воедно, значително се намалува износот на глобата за членови на орган на управување во акционерските друштва, доколку во конкретно определени случаи постапуваат спротивно на одредбите од Законот за трговските друштва, поради што се воведува мерка забрана за вршење должност во траење од една година, заедно со изречената глоба, доколку прекршокот биде повторно сторен од страна на членовите на органот на управување.  Со бришење на членот 552-б од Законот за трговските друштва ќе се укине двојното санкционирање на трговските субјекти за недоставување годишна сметка и финансиски извештаи за последната деловна година до последниот работен ден од тековната година, со тоа што на сила ќе останат прекршочните одредби од законот, кои за овој прекршок предвидуваат прекршочна санкција во форма на глоба за трговскиот субјект и одговорното лице, како и  привремена мерка забрана за вршење дејност и должност за трговскиот субјект и одговорното лице.

 

Со одлуката поблиску се определуваат добрата и услугите кои подлежат на повластена стапкана данокот на додадена вредност, согласно член 30 став 1 и 2 од Законот за данокот на додадена вредност.

Одлуката ги содржи најновите измени објавени во ,,Службен весник на Република Македонија’’ бр.184/19.

Истата е достапна на веб страната на Управата за јавни приходи, односно на следниот линк:

http://www.ujp.gov.mk/files/attachment/0000/0964/Odluka_povlastena_stapka_DDV_184_19__d_06.09.2019.pdf

 

Управата за јавни приходи на својот веб портал известува за десктоп апликацијата на МОЈ ДДВ за скенирање за и сторнирање фискални сметки и упатството за инсталација. Истите можат да се преземат од следниот линк http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/206.

Десктоп апликацијата овозможуваат овластените лица во правните субјекти да сторнираат фискални сметки од персонален компјутер на којшто е приклучен баркод читач.

Воедно оваа апликација овозможува и скенирање на фискални сметки од персонален копнјутер со баркод читач.

 

 

Министерството за финансии најави измена на Законот за личен доход, согласно која прогресивниот данок ќе се стави во мирување на 36 (триесет и шест) месеци. Во овој период, доходот од работа, доходот од самостојна дејност, доходот од авторски и сродни права како и доходот од продажба на сопствени земјоделски производи ќе се оданочува со стапка од 10 проценти. Воедно, во мирување ќе биде ставена и стапката од 15 проценти, што значи дека стапка од 10 проценти ќе се применува и за оданочување на доходот од права на индустриска сопственост, закуп и подзакуп, капитал, капиталните добивки, од осигурување и другиот доход.

Се очекува измените на законот да стапат на сила од јануари 2020 година.

Министерството за финансии најави измена на Законот за данокот на додадена вредност, согласно која прагот за регистрација на ДДВ обврзник ќе се зголеми од еден милион на два милиони денари.

Со измените се најавува и промена на периодот во кој обврзникот е должен да остане во системот на ДДВ, односно истиот од тековните пет години да се скрати на три годиниа. Со тоа сите правни и физички лица кои во 2019 година нема да го надминат новопоставениот праг, ќе може доброволно да се дерегистрираат од системот.