Oд 29.05.2019 година стапи на сила Законот за практиканство (,,Службен весник на Република Македонија” бр.98/2015), со што се овозможи регулирање на правната материја која се однесува на реализација на практикантска работа кај работодавач.
Придобивки од Законот имаат двете засегнати страни, практикантите и работодавците. За практикантите, односно невработените млади лица до 34 години се нуди можноста за практична работа во реални услови, а со тоа стекнување на знаења, вештини и квалификации со цел поуспешна интеграција во пазарот на трудот. Од другата страна, работодавците имаат можност за ангажирање на соодветен кадар преку обука за време на практична работа со што пополнуваат одредени работни позиции во рамки на својата компанија.
Но што точно утврдува Законот за практиканство?
Најпрво, ги утврдува начинот, условите и постапката за остварување на практикантска работа. Определува дека практикантската работа се однесува на млади невработени лица до 34 години со завршено најмалку основно образование. Уредува дека работодавецот ја обезбедува потребата од практикат со објавување на јавен оглас кој ги содржи условите на ваквиот тип на ангажман.
Го определува максималниот период на практиканството кој може да изнесува 6 (шест) месеци и максималниот број на практиканти кои работодавачот може да ги ангажира, што зависи од вкупниот број на вработени лица на неопределено време.
Законот предвидува и обврска за плаќање на надоместок за практикантската работа на практикантот од страна на работодавачот и тоа во висина од 42% до 74% од минималната нето плата утврдена со закон, за практикантска работа до 3 месеци. Но доколку практикантската работа се реализира подолго од 3 месеци, а најмногу до 6 месеци, месечниот надоместок кој треба да го исплати работодавачот на практикантот од четвртиот месец треба да биде во висина на минималната нето плата утврдена со закон.
Ги уредува правата и обврските на практикантите и работодавачите и ги утврдува елементите кои треба да ги содржи Договорот за практиканство.
Во рамки на позитивните услови за практикантите нормирани во законот, е тоа што за време на практикантската работа практикантот не ги губи правата по основ на невработеност и правата од областа на социјална заштита утврдени и стекнати согласно закон.
Со Законот се предвидени и одредби за едукација, прекршочни одредби, одредба за одмерување на глоба и одредба за водење на прекршочна постапка.