Правото на исплата на регрес за годишен одмор, односно К-15 е воспоставено со Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството и се однесува на сите вработени лица во приватниот сектор во Република Северна Македонија.
Од 1ви јули до 31ви декември трае законската обврска на работодавците од приватниот сектор за исплата на регрес за годишен одмор.
Кој има право на регрес за годишен одмор, односно К-15?
Право на регрес за годишен одмор имаат работниците од приватниот сектор под услов работникот да е во непрекинат работен однос кај работодавачот во период од најмалку 6 (шест) месеци во тек на календарската година.
Како се пресметува висината на регресот за годишен одмор?
Согласно одредбите на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, Регрес за годишен одмор се исплаќа во висина од најмалку 40% од основицата.
Основица за пресметка на регресот за годишен одмор е просечната месечна нето плата по работник во Република Северна Македонија, исплатена во последните три месеци.
Дали може да се утврди регрес за годишен одмор во помал или поголем износ од утврдениот во ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството?
Кај работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето, ценејќи ја економско-финансиската состојба на работодавачот, по задолжителна претходна консултација со синдикатот на ниво на гранка, односно оддел, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со овој колективен договор
Може да се утврди регрес во поголем износ со негово нормирање во рамки на колективен договор на ниво на дејност или колективен договор на ниво на работодавач.
Дали се плаќа данок на личен доход и данок на добивка на исплатениот регрес за годишен одмор?
Согласно член 15 став 1 алинеја 2 од Законот за данок на личен доход (,,Службен весник на Република Македонија’’бр.241/18), надоместоците на трошоци поврзани со работа утврдени со Законот за работните односи, општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството,граѓанските колективни договори, колективниот договор на ниво на работодавач и прописите за органите на државната управа, се сметаат за доход од работа за кој се плаќа данок на личен доход во висина утврдена согласно одредбите на законот.
Согласно член 9 став 1 точка 2 алинеја 6 од Законот за данок на добивка (,,Службен весник на Република Македонија’’ бр. 112/14, 129/15, 23/16, 190/16 и 248/18, регресот за годишен одмор во висина на минималниот износ утврден со одредбите на ОКД од 40% од основицата, не подлежи на одданочување на данок од добивка. Данок на добивка се исплаќа за секоја исплата во висина над 40% од основицата.
Каде можат да се обратат работниците на кои работодавецот нема да им исплати регрес за годишен одмор во предвидениот рок, односно најкасно до 31 декември во тек на календарската година?
Работниците на кои нема да им биде исплатен регресот за годишен одмор дека можат да побараат интервенција од Државниот инспекторат за труд, или пак да поведат судска постапка за заштита на своите права.
Казни за непочитување на правото на регрес за годишен одмор
Законодавецот предвидува казна во висина до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра се за фирмата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа.
Законодавецот предвидува и казна затвор од една година за работодавците кои ќе исплатат регрес, а потоа ќе бараат од работниците делумно или целосно да им го вратат.
Државниот инспекторат за труд врши надзор над спроведување на процесот на исплата на регрес, по пристигната пријава или самоиницијативно по случаен избор.