...

Забрана за плаќање со готовина во износ од 500 евра;

Забрана за плаќање на стоки и услуги со готовина во износ од 500 евра или повеќе во денарска противвредност

Од 1ви јуни 2019 година, стапија на сила одредбите на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам (,,Сл.весник на Република Македонија’’ бр.120/18), со кои се утврди нов праг на максималниот износ за плаќање во готовина.

Согласно член 182 став 2, а во врска со член 48 од Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, забраната за плаќање со готовина на стоки и услуги се однесува на готовински плаќања, во износ од 500 евра или повеќе во денарска противвредност во вид на една или повеќе очигледно поврзани трансакции, што не е извршено преку банка, штедилница или преку сметка во друга институција која дава платежни услуги.

Субјектите што со закон се овластени за регистрација на хартии од вредност, друг имот или правни работи, или за пријавување или вршење на пренос на пари, хартии од вредност или друг имот, можат да извршат таква регистрација или пренос само ако клиентот поднесе доказ дека преносот на парите над износот од 500 евра или повеќе во денарска противвредност е извршен преку банка, штедилница или преку сметка во друга институција која дава платежни услуги.

Готовина се книжни и ковани пари кои согласно закон се во оптек во Република Македонија или во странска држава.

На кој начин може да се изврши плаќање на стоки и услуги над утврдениот праг од  500 евра во денарска противвредност?

Со користење на платежни картици, со уплатница во банка, преку штедилница или преку сметка во друга институција која дава платежни услуги.

На кого не се однесува забраната?

Забраната за плаќање во готовина во износ од 500 евра или повеќе не се однесува единствено на приредувачите на игри на среќа.

Кој врши надзор во однос на примената на забраната за готовински плаќања?

Управата за јавни приходи во согласност со своите надлежности врши надзор врз правни и физички лица во однос на примената на забраната за готовински плаќања во износ од 500 евра или повеќе во денарска противвредност.

Какви прекршочни одредби утврдува Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам за непочитување на забраната за готовински плаќања?

Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам предвидува глоба во износ од 30.000 евра во денарска противвредност за правното лице, односно трговец поединец кој ќе постапи спротивно на забраната утврдена во член 182 став 2, а во врска со член 48 од истиот Закон.

За лице кое врши јавно овластување или за физичко лице, предвидена е глоба во износ од од 12.000 до 15.000 евра во денарска противвредност.

Последно објавени